X
 30.11.2016 Живот

Скандалот кој ја потресе Јужна Кореја

Ниту месец дена медиумско експонирање, пет масовни протести од јужнокорејските граѓани, од кои на последните, на улица излегоа два милиони граѓани и неминовната закана за импичмент не ја принудија јужнокорејската претседателка на Јужна Кореја, Парк Геун-Хие да ја понуди својата оставка.

 

1


Таа толку се држи за власта што и после толку силен притисок од јавноста, таа не ја даде својата оставка. Останува на парламентот да одлучува за нејзината судбина.

Првата жена во историјата на чело на Јужна Кореја (која има претседателски состав на власт) се најде во средината на голем скандал по откритието дека на нејзината пријателка и неофицијална советничка Чои Сон-сил ѝ дозволила да се меша во државните работи и од тоа да профитира.

Парк Геун-Хие во вторникот за време на нејзиното обраќање кон јавноста таа понуди нејзиното заминување од власт да го организира парламентот.

„Му препуштам на парламентот да одлучува за мојата иднина, вклучувајќи го и траењето на мандатот. Кога пратениците ќе ги усвојат мерките со кои власта ќе го пренесе начинот преку кој вакуумот и хаосот на управување ќе се минимизираат, јас ќе се повлечам“, изјави Парк, чиј петгодишен мандат требаше да заврши на почетокот на 2018 година.

Но, нејзината понуда беше одбиена и опишана како очајнички обид да го избегне понижувањето за време на импичментот кој помалку или повеќе е договорен. Имено, трите најголеми опозициски партии во државата тврдат дека имаат поддршка од доволен број на пратеници од владеачката партија Саенури (од каде што е и претседателката) уште во петок официјално да се започне со импичментот кој би ги открил сите детали на корупцискиот скандал на претседателката.

„Таа од парламентот бара да избере датум за нејзина оставка наместо сама да даде оставка. Со ова претседателката сакаше да предизвика дебата за датумот на новите избори со што би се одложил процесот на нејзиното симнување од власта“, изјави Парк Кванг-он кој е претставник на опозициската Демократска партија.

 

2


Откривање на аферата

Како дошло до оваа драматична ситуација која ја потресе власта во државата која после неколку децении авторитарно владеење воведе демократија во 1987 година?

Се' започнало кон крајот на октомври, кога медиумите започнаа да пишуваат за големото влијание кое го имала Чои Сон-сил врз претседателката. Не се работело само за тоа дека Чои ја советувала претседателката за прашања кои не ја засегале неа, туку и го користела своето внимание за да уценува големи државни компании како што е светски познатиот „Samsung“, за да донираат големи износи на невладините организации основани токму од Чои Сон-сил. Се претпоставува дека Чои на овој начин успеала нелегално да заработи до 70 милиони долари.

Првиот граѓански протест поради откривањето на аферата се случи на 29 октомври. 30.000 граѓани излегоа на улиците и бараа оставка од претседателката и апсење на Чои. Апсењето се случило два дена после граѓанскиот протест. Исто така, во тој период, осум асистенти од канцеларијата на претседателката Парк поднеле оставка, а полицијата започнала истрага за активностите во кои била вмешана Чои, како и истрага за обвинувањата дека Чои имала пристап до државните тајни и дека ги преправала говорите на претседателката, иако немала никаква официјална позиција во кабинетот.

Пред апсењето, Чои за јужнокорејскиот весник „Segye Ilbo“ признала дека имала пристап до првиот нацрт на говорот на претседателката после нејзината победа на изборите, но негирала дека имала пристап до тајни државни документи како и тоа дека извлекувала финансиска корист врз основа на нејзиното дружење со Парк. Сепак, низ солзи, таа драматично испрати извинување до граѓаните за време на апсењето.

„Направив нешто за кое заслужувам да умрам. Ве молам да ми простите“, изјави Чои, што нејзиниот адвокат веднаш го елиминира како потенцијално признавање на вината.

 

2


Пријателство подолго од 40 години

Парк и Чои биле пријателки скоро 40 години, а нивното пријателство започнало кога мајката на Парк била убиена во 1974 година, во атентат наменет за нејзиниот татко, тогашниот авторитарен водач на Јужна Кореја, Парк Чунг-хе. Тој владеел со Јужна Кореја од 1961 до 1979 година и преживеал неколку обиди за атентат, за на крај да го убие неговиот шеф на разузнавачките служби.

Периодот помеѓу убиствата на нејзините родители, односно од 1974 до 1979 година, Парк воспоставила близок однос со Чои, но и со нејзиниот татко, Чои Тае-мин, контроверзен лидер на псевдохристијанскиот култ „Црква на вечниот живот“. Овој самопрогласен „Буда на иднината“ наводно имал клучно влијание врз идната претседателка се' до неговата смрт во 1994 година.

Самата Парк во интервју од 2007 година изјави дека од Чои Тае-мин добивала „емоционална“ поддршка после убиството на нејзините родители, иако американските дипломати од тогаш велат дека врската била многу подлабока. Тие Чои Тае-мин го нарекувале „корејскиот Распутин“ алудирајќи на моќниот советник во рускиот дворец во почетокот на 20-от век, а сметале дека од тој однос, Чои Тае-мин и неговата ќерка Чои Сон-сил и тоа како финансиски профитирале, земајќи мито од државните службеници и моќните бизнис сопственици.

„Постојат гласини дека покојниот пастор имал целосна контрола над телото и умот на Парк во текот на нејзините формативни години и дека врз основа на овој однос неговите деца собрале големо богатство - пишувало во пораката од американските дипломати од 2007 година, која била објавена и од Викиликс.

 

3


Злоупотреба на моќта

После смртта на нејзиниот татко, Чои Сон-сил продолжила по неговите стапки и кога Парк победила на претседателските избори во 2013 година. Опозициските пратеници обвинувале дека таа ги уценувала и се обидувала да ги поткупи наставниците во средното училиште каде учела нејзината ќерка за таа да добива повисоки оценки, а истото однесување продолжило и на престижниот универзитет каде нејзината ќерка добивала оценки за трудови кои никогаш не ги предала. Но, ова било само врвот на ледениот брег од обвиненија. Во текот на тогашниот мандат наводно, Чои влијаела врз економската, надворешната и одбранбената политика на земјата преку своите „совети“, а обвинета е и дека ги уценувала големите државни конгломерати да донираат милиони за нејзините организации.

Неколку дена после нејзиното апсење, биле приведени уште двајца советници од кабинетот на претседателот во рамките на истрагата за скандалот кои исто така биле обвинети за проневера и злоупотреба на службената должност. Но, ова не било доволно за граѓаните, кои со години се сомневале во мистериозната пријателка на претседателката, па така, со секој одржан протест тие барале оставка од неа. На 5 ноември на улиците излегле речиси 200.000 граѓани, на 12 ноември бројката се зголеми на 1 милион граѓани, додека минатата сабота на улиците излегле 2 милиони луѓе барајќи оставка од Парк.

Иако таа понудила бавно заминување од власта, Парк сигурно нема толку лесно да се извлече. Пратениците се цврсто решени за импичмент. Аналитичарите во меѓувреме започнаа да изразуваат загриженост дека нестабилноста на Јужна Кореја, која денес важи за една од 15-те економски најмоќни држави во светот, би можела да биде искористена од Северна Кореја и нејзиниот непредвидлив диктатор Ким Јонг-ун.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот