X
 29.06.2018 Живот

Новиот берлински аеродром стана склад за автомобилите на „Фолксваген“

Автомобилите што чекаат нови построги тестирања на емисиите на штетни гасови, германски „Фолксваген“ ќе ги складира на новиот меѓународен аеродром во Берлин, кој со години е во изградба, а е пример за спој на германскиот срам поради аферата „Дизелгејт“ и големите доцнења за завршување на проектот.

- Во овој случај нашите вообичаени логистички капацитети не се доволни - истакна еден портпарол на автомобилскиот гигант.

Тој додаде дека проектот доцни поради тестирањето на емисиите на 200 до 250 илјади возила. Така, „Фолксваген“ ќе ги складира возилата на полигонот за тестирање, недалеку од седиштето на компанијата во Волфсбург, како и на берлинскиот аеродром, а се разгледуваат и други места.

Компанијата мака мачи со приспособувањето на новиот и построг режим на тестирање на емисиите на штетните гасови од возилата.

Целта на новиот режим е многу поточно да се покаже нивото на емисии од возилата при реално возење, поради што проверките траат многу подолго од претходните и се посложени.

„Фолксваген“ со години ги мамел регулаторите според претходните процедури за тестирање на возилата. Но, во 2015 година од компанијата признаа дека вградиле спорен софтвер во 11 милиони возила продадени во светот кој овозможувал да покажат пониско ниво на штетни емисии во лабораториските тестови, а дозволувал нивно зголемување при реалното возење.

И други германски производители исто така беа принудени оваа година да повлечат илјадници возила поради ажурирањето на софтверот.

Скандалот наречен „Дизелгејт“ во последниве години може да се спореди само со низата катастрофи што го следат проектот за изградба на новиот берлински меѓународен аеродром.

Фото: N1

Првично, отворањето на овој патнички центар, именуван по поранешниот германски канцелар Вили Брант, беше планирано за 2011 година, а потоа имаше серија постојани поместувања на роковите поради многубројни проблеми, вклучувајќи ја и безбедноста од пожари и структурниот интегритет.

Во 2016 година еден од поранешните директори на проектот дури заврши в затвор поради земање мито, а обвинителите лани рекоа дека истражуваат уште еден од нив.

Властите сега се надеваат дека ќе ги отворат вратите до октомври 2020 година.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот