Во селото Текос во Русија работи „Семејно училиште“ познато и како „Шумско училиште“, во кое учениците се сами одговорни за сопственото образование, а поради вредностите на кои се заснова и неверојатните резултати, училиштето доби награда од УНЕСКО за наставна програма и училиште на 21 век.
Охрабрени од фактот дека децата во училиштата го поминуваат поголемиот дел од своето време во пасивна состојба поради учењето кое се одвива само преку зборови, академикот
Михаил Петрович Шчетињин, покрена нов модел на образование каде што владее живата мисла, а пред се преку кој се почитува природата на детето.
За разлика од традиционалните училишта, каде што децата се затрупуваат со информации и подготовка за општествени улоги, во ова училиште децата живеат во моментот и учат како да ги користат информациите за подобрување на квалитетот на животот и сето тоа во однос на целиот Универзум.
Училиштето се наоѓа во природа, опкружено со шуми и потоци, заедно со спортски терени за вежбање на разни вештини и припрема на јавни настапи. Развојот на детето се гледа како комбинација на образовни, духовни и физички аспекти. Затоа, музиката, уметноста, спортот и природата се подеднакво важни како и математиката, физиката, хемијата и другите предмети. Овде секое дете е добредојдено, а основачот на овој училишен модел Шчетињин објаснува зошто не прават тестирања за коефициентот на интелигенција: „Сите деца имаат дар на генијалност, талент и креативност. Ако срцето на детето е отворено, тоа е веќе гениј. Ако го отвориш срцето на детето, ги отстраниш неговите комплекси, чувството на напнатост и страв ќе видите дека генијалноста ќе почне да си го наоѓа својот пат“.
Во ова училиште не постои поделба по возраст, ниту класична разлика помеѓу наставниците и учениците. На иста клупа може да седат и помладите и постарите деца со иста цел, да се стекнат со знаења за одредена тема. Децата се охрабрени да ги бараат сите одговори за кои се заинтересирани, а на тој начин го губат стравот од поставување на прашања и развиваат сопствени убедувања за нешта што не им се познати дури и на возрасните. Ова е најголем успех на образование, затоа што во ова училиште знаењето не се стекнува со учење напамет, туку со поврзување на сите информации во една целина.
Учениците сами ги избираат своите активности на кои ќе учествуваат, а во согласност со нивните желби се развиваат нови предмети. Во оваа средина работите кои се однесуваат на домаќинство со радост се извршуваат, дури и за оние деца кои не сакаа претходно да работат по дома, а не е невообичаено девојките да се фатат да работат и потешки работи, бидејќи она што не го знаат да го направат тие учат од оние што знаат и кои им покажуваат како тоа се прави.
Таквиот начин на размислување и физичката активност ја будат креативноста, која ниту детето, ниту родителите не знаеле дека постои. Ваквото образование добива холистичко доживување и секој може да даде предлози за подобрувања со кои се зајакнува пријателството и сознавањето дека се дел од се што постои.
Во тоа им помага односот кон природата која освен преку земјоделска работа ја осознаваат и преку другите активности како утринско капење во реката и видливите и живописно насликани ѕидови во училиштето. Иако многу од децата не биле во контакт со природата претходно со текот на време преку познавање на сите живи суштества сфаќаат дека се дел од една целина и се потсетуваат на смислата на животот.
Правилата за престој во ова училиште не се строги, па некои доаѓаат и по неколку пати пред да одлучат да останат. Дури и кај децата кои во класично училиште биле агресивни, може да се види напредок по кратко време. Наместо со приемен испит детето само одлучува дали сака да биде ученик во ова училиште, по што Советот на наставници донесуваат одлука.
Прилагодувањето на новите ученици се одвива по својот тек, а иако на некои од нив на почетокот им недостасува семејството и имаат тешкотии самостојно да размислуваат, еднаш што почне да се развива нивната способност, почнуваат да стануваат целосно одговорни за своите постапки и нивниот сопствен живот.
Секој ученик напредува со свое темпо, со фокус на внатрешниот раст и меѓусебно помагање што резултира со тоа да го совладуваат материјалот повеќе одделенија во една година. Дополнителен поттик за образование даваат стручните советници кои го посетуваат училиштето, а постои и соработка и со универзитети и истражувачки и бизнис центри. Училиштето во почетокот не добиваше пари од државата, но поради придонесот за зачувување на руската традиција и култура денес се финансира од федералниот буџет и нуди бесплатно образование.
Основачот Шчетењин нагласува дека денес е неопходно да се преиспита односот кон децата, бидејќи не може да ги ограничиме со општествените рамки. „Ние треба да престанеме да гледаме на образовниот систем како на пазар, каде што го купуваме она што пазарот може да го продаде, затоа што тоа е ужасно. Децата се извонредни суштества и ние треба да работиме со нив. Ние треба да ги слушаме децата затоа што Бог ни зборува преку нив“.
Успехот на оваа школа, покажува дека човекот треба да биде потсетен дека сам ја креира сопствената судбина и судбината на сите останати со што природно го ослободува потенцијалот што создава една прекрасна синергија за општата благосостојба.