X
 27.04.2019 Образование

Нема бркање од час, сите јадат ист оброк, наставниците чистат... Изненадувачки факти за јапонските училишта

Јапонија е земја со многу изненадувања. Многу луѓе велат дека земјата е поинаква од она на што сме навикнати. Нивната уникатна култура и обичаи ја прават фасцинантна земја што дефинитивно треба да се посети. Со најголемата економија во светот и најниската стапка на криминал, Јапонија е добро позната по своите модни и забавни супкултури, иновативни и футуристички пронајдоци, древни традиции што издржале низ вековите, мешавина на западните и источните обичаи и светска класа на кујна.

Образованието во Јапонија од многу одамна се смета за важно. Во доцниот 19 век лидерите на Меиџи формирале јавен образовен систем, со што значително ја зголемиле стапката на писменост во земјата. Дури и во периодот едо над 70 отсто од децата оделе на училиште. Денес, 99 отсто од луѓето во Јапонија знаат да пишуваат и да читаат, а училиштето се смета за многу важен отскок во раниот живот.

Иако постојат сличности меѓу јапонските училишта и западните училишта, како што се униформите, тестовите и оценките, постојат неколку аспекти на јапонските училишта што може да бидат изненадувачки за многу посетители во земјата. Со својот образовен систем Јапонија самостојно се обликува во хармонично општество.

Дали некогаш сте се запрашале каков е школскиот живот во Јапонија? Ова е листа со највозбудливите аспекти на типичното државно училиште во Јапонија.

1. Наставниците не ги бркаат учениците од час


Децата се деца. Без оглед на тоа од која култура или земја доаѓаат, секогаш ќе постојат две-три (или цел клас) што се немирни. Тоа е еден од многуте предизвици со кои наставниците мора да се соочат.

Во многу други земји бркањето од час е стандардна практика. Но, ова не е практика во Јапонија. Всушност, членот 26 од јапонскиот Устав вели: „Сите луѓе го имаат правото да добијат еднакво образование“ и поради ова, јапонските наставници не се осудуваат да ги избркаат учениците од час. Како резултат на тоа, јапонските наставници се навикнати да бидат смирени додека предаваат. Сепак, постојат ретки случаи кога наставникот избркал ученик ако го нарушува часот.

2. Сите јадат ист оброк за ручек, а студентите го сервираат


Интересен факт за јапонските јавни училишта е тоа што сите јадат ист оброк. Како во многу земји, учениците можат да изберат дали ќе јадат во кафетерија или ќе си донесат ручек во нивните кутии. Сепак, во Јапонија учениците јадат ист оброк и го завршуваат во дозволеното време.

Учениците ги сервираат оброците носејќи бели маски, марамчиња и ракавици. По ручекот тие се одговорни за чистење, под надзор на наставниците.

3. Учениците и наставниците јадат заедно во училниците

Учениците јадат во групи на клупите, наместени да бидат еден спроти друг, особено во средните училишта. Тоа е така затоа што училницата не е само место за учење, туку и уживање во друштвото на соучениците.

obrok
Фото: jp.fotolia.com/

4. Учениците не можат да повторат одделение


Во некои земји, како Филипините и САД, а и нашата, учениците што биле многу слаби се враќаат во истото одделение наредната година за да ги подобрат своите вештини. Но, во Јапонија тие секогаш одат во наредното одделение без оглед на резултатот од нивните тестови и перформанси. Оценките од нивните тестови важат кога полагаат приемни испити за запишување во средно и на универзитет.

Сепак, ова не значи дека учениците не работат напорно. Децата во Јапонија учат напорно за да научат јапонско „канџи“ за да можат да читаат.

5. Училиштата немаат служители


Во Јапонија училиштата не зависат од служителите за одржување на хигиената. Наместо тоа, учениците ги засукуваат ракавите и го чистат секој дел од кампусот, вклучувајќи ги и тоалетите. Да, учениците, наставниците, училишниот персонал, па дури и директори и заменици-директори заедно чистат.

Сите јапонски училишта имаат одреден период за чистење наречен „соуџи“. Некои ученици носат марама на глава, а пред да почнат со чистењето, неколку минути седат во тишина за да медитираат и да ги подготват умот и телото, што се нарекува „мокусо“.

cistenje
Фото: jp.fotolia.com/

6. Учениците и наставниците работат дури и во текот на летниот распуст


Наставниците во Јапонија немаат одмор, освен државните празници, бидејќи тие одат на работа за да ги завршат нивните одговорности во рамките на училиштето. Во средно образование учениците се членови на клубови и обично тие клубови се под надзор на самите наставници, па одредени активности, како тренирањето, продолжуваат и во текот на летниот распуст.

Освен тоа, учениците добиваат домашни задачи и во текот на летото.

7. Учениците носат униформа и исти чевли

Јапонските училишта бараат учениците да носат други чевли во училишната зграда за да се одржува чистотата и да не се валка училиштето. Исто така, бидејќи Јапонија е позната по тоа што е земјата на хармонијата каде што речиси сите имаат исти стандарди, учениците носат исти чевли.

И не само тоа. Во средно училиште учениците дури и носат исти училишни ранци на кои се наоѓа логото на училиштето и рефлектирачки безбедносни ленти за да се избегнат сообраќајни несреќи во текот на ноќта бидејќи повеќето ученици се враќаат дома доцна пешки или со велосипед. Исто така, учениците од основните училишта имаат сопствени ранци наречени „рандосеру“.

Ова ги прави учениците дел од групата и претставници на училиштето како целина. Училиштата имаат многу други правила за униформата и како учениците се претставуваат себеси. На пример, бојадисувањето на косата е строго забрането и учениците не смеат да носат пирсеви ниту многу да бидат нашминкани.

ranci

8. Утрински активности и активности по часовите


Учениците што се членови на спортски клубови имаат активности пред и по наставата, секој ден. Некои вклучуваат трчање неколку километри за да бидат во форма. Ова обично резултира со уморни, поспани и испотени ученици за време на часовите, а од нив се очекува да се разбудат многу рано и да си одат дома доцна за да ги исполнат обврските кон клубовите.

9. Честопати преморените ученици заспиваат на часовите

Со толку домашни задачи и обврски, училишни клубови и активности дури и во текот на викендот и чистење на целото училиште, учењето во Јапонија бара голема посветеност и одлучност. Освен што учениците посетуваат спортски клубови, тие одат и во „јуку“, училиште каде што учат одредени предмети и јазици. Затоа се преморени и немаат време за спиење.

Како резултат на тоа честопати заспиваат во текот на часовите. Интересно е тоа што наставниците ги оставаат да спијат и веројатно ги сожалуваат.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование