X
 21.02.2024 Живот

Училиштата во Англија ќе ги забранат мобилните телефони

Училиштата во Англија добија нови упатства наменети за забрана на употребата на мобилни телефони во текот на училишниот ден.

Владата вели дека овој потег е дел од планот за минимизирање на нарушувањата и подобрување на однесувањето во училниците.

Голем дел од училиштата веќе ги забранија телефоните и промената ќе обезбеди конзистентен пристап.

Упатството доаѓа по речиси три години откако владата првпат повика на забрана за телефони во училиштата.

Секретарката за образование Џилијан Киган вели дека нема место за мобилни телефони во училиштата до крајот на училишниот ден.

Таа додаде дека во моментов има училишта кои дозволуваат користење на мобилните телефони за време на паузата, додека во други училишта тоа е забрането.

Фиби, ученичка од деветто одделение во училиште во Ливерпул, вели дека политиката на нејзиното училиште за телефоните, каде што учениците можат да ги имаат, но не смеат да ги користат во текот на училишниот ден, им помага да се фокусираат на нивната работа.

- Да не беше правилото, мислам дека учениците многу повеќе ќе ги користеа своите телефони. Забраната ги дисциплинира децата да не посегнуваат по телефоните и да се фокусираат на лекциите - вели таа.

Новото упатство дава голем број примери за да илустрира како може да се постигне средина без телефони, вклучително и целосна забрана во училишните простории. Исто така, во упатството се вели дека училиштата може да им дозволат на учениците да ги имаат телефоните, но само под услов да не ги користат во текот на денот. Понатаму, се наведува дека директорите на училиштата треба да развијат и да спроведат политика која ќе ги одразува индивидуалните потреби на училиштето.

Се потсетуваат директорите дека им е дозволено да пребаруваат ученици за забранети предмети според училишните правила и имаат правна заштита од тужба за губење или оштетување на одземените предмети.

Пепе ди Иасио, директор во средно училиште во Ротерам, изјави дека забраната на телефоните во училиштето каде што е директор направила голема разлика. Сепак, тој вели дека телефоните им се потребни на децата за да ги контактираат родителите и да плаќаат автобуски билети.

Во моментов нема целосни забрани за мобилни телефони во училиштата во Велс, Шкотска и во Северна Ирска, каде што одлуките за образованието се префрлени од владата на Велика Британија.

Во јули минатата година Обединетите нации предупредија дека телефоните им го одвлекуваат вниманието на учениците и може да доведат до сајбер-булинг.

Извор: ВВС
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот