X
 06.12.2016 Наука

Визијата на Никола Тесла за периодот од 2010 до 2035 година


Во написот објавен во списанието Либерти во февруари 1937 година, големиот иноватор, Никола Тесла, зборува за, не толку, далечната иднина. „Се чини дека секогаш сум бил пред своето време“, рекол Тесла.

Никола Тесла

За Никола Тесла во 1937 година се знаело дека е татко на радиото, телевизијата, преносот на енергија, индукциониот мотор и откритието на космичките зраци. Во тоа време го објавил постоењето на дотогаш непознат извор на енергија, присутен насекаде околу нас и во неограничени количини; а во време кога е објавен написот, работел на развој на уред за што тврдел дека ќе ги направи сите идни војни комплетно бесмислени.

Големите физичари како Келвин и Крукс, зборувале за неговите откритија како за „чуда“. Професорот  А. Е. Кенели од Универзитетот Харвард, при доделувањето на Едисоновата награда на Тесла рекол: „Тесла ги постави основите за нови откритија ширум светот... Она што тој го прикажа, претставуваше откритие за науката и за уметноста за сите времиња.“

Иднината според Тесла

„Предвидувањето е неблагодарно. Ниеден човек не може да гледа предалеку во иднината. Напредокот и пронајдоците се развиваат во поинаква насока од таа што сме ја предвиделе. Такво беше моето искуство, иако си ‘ласкам’ себеси дека настаните ги потврдија моите развојни правци кои ги предвидував во првата третина од 20 век.

Изгледа дека отсекогаш сум бил пред своето време. Чекав деветнаесет години да проработи електраната на Нијагара заснована на мојот систем, поминаа петнаесет години пред мојот патент за безжичен пренос на сигнали, објавен уште во 1893 година, да најде универзална примена. Ги најавив космичките зраци и мојата теорија за радиоактивноста во 1896 година. Едно од најзначајните откритија – резонантноста на Земјата – како основа за безжичен пренос на енергија, што ги објавив во 1899 година, многумина ни денес не ги разбираат. Речиси две години откако објавив за пренос на електрична енергија околу целата планета, Едисон, Штајнмец, Маркони и другите, тврдеа дека е невозможно по безжичен пат да се пренесе дури и обичен сигнал преку Атлантикот. Со оглед дека сум најавил толку многу значајни откритија, сметам дека нема многу да згрешам ако се обидам да предвидам како ќе изгледа животот во 21 век.

Животот е, и секогаш ќе биде, равенка чие решение е несфатливо, но сепак во себе содржи определени познати факти. Со сигурност можеме да кажеме дека животот е движење, иако недоволно ја познаваме неговата природа. За движење е потребно тело што се поместува и сила што го турка и му помага да го совлада отпорот. Човекот, воопшто, е маса потискана од некоја сила. Оттука и општите закони во царството на механиката, кои важат при движењата, можат да се применат и врз човештвото.

Постојат три начини  за зголемување на енергијата кои го одредуваат човековиот прогрес: прво, можеме да ја зголемиме масата. Тоа, во случајот на човештвото, би значело подобрување на условите за живот, здравје, развој на човечкиот род и друго. Второ, можеме да ги намалиме силите на отпор кои го успоруваат напредокот, како што се незнаењето, глупоста и религиозниот фанатизам. Трето, можеме да ја умножиме енергијата на човечката маса со завладување  на силите на вселената, како силата на сонцето, океаните, ветриштата и плимите и осеките.

Со првата метода остваруваме повеќе храна и општа благосостојба. Со втората се создаваат услови за мир. Со третата, се зголемува  нашата способност за работа и творење. Каков било напредок е невозможен доколку нашите напори не се насочени кон зголемување на благосостојбата, мирот и творештвото. Потоа е механицистичкото разбирање на животот, единствено со учењата на Буда и Исус.

Иако не сум верник во ортодоксна смисла, се потпирам на религијата. Прво, затоа што секој човек мора да има некој идеал – религиозен, уметнички, научен или хуманитарен – за неговиот живот да има  некоја смисла. Второ, затоа што сите големи религии содржат мудри препораки за добар живот кои важат денес подеднакво како и во времето кога настанале.

Не постои судир меѓу идеалот на науката и идеалот на религијата, но науката се спротивставува на теолошките догми, бидејќи се заснова на факти. За мене, вселената едноставно е голема машина што никогаш не настанала и никогаш нема да исчезне. Човечкото битие не е исклучок во природниот поредок на работите. Човекот е, како и вселената, машина. Ништо не допира до нашиот ум и не влијае врз нашата активност, посредно или непосредно, а да не е одговор на пораката која преку сетилата ја примаме од надворешната средина. Заради сличноста на нашата конструкција и нашата околина, сите слично одговараме на слични влијанија, а како резултат на нашите реакции, доаѓаме до разбирање. Во текот на сите векови се развивале бесконечно сложени механизми. Меѓутоа, она што ние го нарекуваме „душа“ или „дух“  не е ништо повеќе од збир на сите функции на телото. Кога овие функции ќе ги снема, исчезнува и „духот“ или „душата“.

Јас овие идеи ги изнесов пред бихевиористите предводени од Павлов во Русија или Вотсон во Соединетите Држави, да го објават концептот на својата нова психологија. Ова, очигледно механицистичко сфаќање не е во спротивност со етичкото сфаќање на животот. Општото прифаќање на овие поставки не ги разурнува религиозните идеали. Денес будизмот и христијанството се најголеми религии и според бројот на верници и според значењето. Верувам дека нивните суштински сфаќања ќе изградат нова религија на човечката раса во 21 век.

Војна против незнаењето

Пред крајот на следниот век, систематското пошумување и научното управување со природните ресурси ќе им стават крај на сушите, шумските пожари и поплавите. Универзалната примена на водената енергија и нејзиниот пренос на големи растојанија, ќе овозможат секое домаќинство да дојде до евтина енергија, па ќе престане потребата да се согоруваат течните горива. Со намалувањето на борбата за гол опстанок, човештвото повеќе ќе биде насочено кон развивање на идеалите отколку кон материјалните вредности.

Денес и најцивилизираните земји од светот максимумот на своите приходи го трошат на војни, а минимумот за образование. Во 21 век тој сооднос ќе се измени. Пославни ќе бидат оние кои ќе ги добиваат битките против незнаењето, отколку оние кои ќе умираат на воените полиња. Откривањето нови научни вистини ќе привлекува поголемо внимание од дипломатските настани.

Напредокот ќе биде невозможен доколку луѓето продолжат со дивјачката практика на меѓусебно убивање. Од својот татко ерудит и упорен борец за мир, ја наследив длабоката омраза кон војната. Како и другите пронаоѓачи, некое време верував дека војните можат да се запрат доколку се направат уште поразорни. Но, сфатив дека тоа е погрешно. Го потценив човечкиот борбен инстинкт за што ќе треба повеќе од еден век сосема да избледне. Војната не може да се укине, така што ќе ја ставиме надвор од законот. Нема да ја спречиме ако ги разоружаме најмоќните. Војните не ќе се спречат ако ги ослабиме силните, туку така што секој народ, слаб или силен, ќе биде во состојба самиот да се одбрани.

Оттука, секое средство што се користи за одбрана, може да се искористи и за агресивни намери. Со тоа се обезвреднуваат добрите намери за остварување мир. Јас, меѓутоа, успеав да дојдам до идеја како да ги усовршам средствата кои главно ќе служат за одбрана. Ако бидат прифатени, тоа во целост ќе ги промени односите меѓу народите. Мојот пронајдок бара изградба на голем генератор, што кога ќе се стави во погон, би бил во состојба да уништи сè, од непријателски војски до воени опреми, во радиус од 400 километри. Тој, така да кажам, би претставувал силен ѕид и непремостлива препрека пред каков било облик на агресија.

Вакцина против освојувања

Ако ниедна земја не можете да ја нападнете, тогаш престанува секоја смисла на воената опција. Моето откритие ги разоружува злобните сили на авионите или подморниците...

Сакам недвосмислено да подвлечам дека овој мој пронајдок не се заснова на таканаречените „зраци на смртта“. Зраците се неприменливи затоа што не можат да се произведат во потребна количина и затоа што на поголеми растојанија ја губат неопходната сила.

Мојот апарат проектира честички кои можат да бидат релативно големи или со микроскопски димензии, и овозможува на мал простор и на голема далечина да пренесат трилиони пати повеќе енергија отколку што е можно со кој било друг вид зраци. Илјадници коњски сили можат да се пренесат со сноп потенок од влакно од коса, а притоа ништо да не може да ги запре.

Не велам дека нема да има уште разорни војни пред светот да го прифати мојот изум. Јас веројатно нема да ја доживеам неговата примена. Но, убеден сум дека за еден век од денес, сите земји ќе се обезбедат со ова или некое друго слично средство, и ќе станат имуни на напади.

Безброј работи кои денес сè уште се извршуваат со човечка рака ќе се заменат со „автомати“. Токму во овој момент, научниците во лабораториите на американските универзитети  настојуваат да создадат нешто што се опишува како „машина што мисли“. Таков развој предвидував и претходно“, вели научникот.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука