Филозофијата, љубовта кон мудроста, се појавила уште во античка Грција. Поминувале векови, интересот растел, а концептите, филозофите, погледите на светот се менувале. Така од Талес од Милет, Анаксимандар, Платон, преку Кант и Сартр, стигнавме до Џорџ Лукас – кој можеби и самиот не беше свесен дека оваа „галактичка сапуница“ ќе ја исполни со многубројни филозофски дилеми и дека од неа ќе создаде нов правец.
Стоицизмот како основа на џедаизмот
Се смета дека стоиците биле мирни и непоколебливи луѓе кои надворешните непогоди и проблеми ги поднесувале спокојно, без вознемиреност и нервирање (’стоикос‘ – мирен, рамнодушен, невозбудлив). Овој кодекс на однесување може да им се припише и на џедаите.
Сличностите меѓу галактичката и античката филозофија, освен што можат да се забележат во специфичниот начин на однесување, можат да се видат и при славењето на одредени доблести – правичност, умереност и разумност – како најважни вредности во џедаизмот. Џедаите сметаат дека љубовта, страста, омразата, стравот и болката се емоционални моменти кои не се водат од разумот, при што се губи душевната рамнотежа и се нарушува прекупотребното спокојство.
Архетип на стоик можеме да видиме во Јода. Сите цитати, сите верувања и идеи со кои се воделе овие филозофи ги употребувал и нашиот џедајски стоик. Тој забележал дека младиот, вљубен Скајвокер почнува да ги крши сите фундаментални џедајски принципи, одејќи кон пропаст. А главното правило во џедаизмот е дека нема љубов – емоциите го нарушуваат спокојството, а последиците ги предизвикуваат сите натамошни проблеми.
Јин-јанг страна на силата и моќта
Оби-Ван Кеноби ова го објаснува многу прецизно: „Тоа е енергија што е создадена од сите живи битија. Таа нè опкружува и навлегува во нас. Оваа сила ја прави галаксијата обединета.“ Ваквиот опис совршено би одговарал на она што Кинезите го нарекуваат – чи (чи-енергија). Тие ја дефинираат како воздух или здив кој претставува животна сила, односно духовна сила.
Каква е врската меѓу чи-енергијата во „Војната на ѕвездите“ и таоизмот?
Таоизмот говори за сила, односно енергија што содржи спротивставени сили кои меѓусебно се поврзани и зависни во природниот свет. Сè во природата постои во поле на спротивставеност: горе-долу, лево-десно, машко-женско, ноќ-ден.
Во кинеската традиција тоа се претставува преку симболот јин-јанг. Во светот на „Војната на ѕвездите“ тој симбол ги претставува темната и светлата страна на силите. Да нема ноќ, не би постоел ден, да нема добро, би немало зло, да го нема Сит, не би постоел ни џедај.
Овие спротивставености го одржуваат балансот во нашата омилена галаксија, а ако ги нема, не би постоела ни таа.
Исто така, таоизмот низ симболот јин-јанг покажува дека не постои ни апсолутно добро ни апсолутно зло, туку дека во секое добро постои зрнце зло, и обратно. Тоа се докажува и во оваа култна сага кога Лук успева да го разбуди тоа делче добрина кај Дарт Вејдер, кој длабоко беше навлезен во темната страна на силите.
Што велат филозофите на џедаизмот за вистината?
Главната причина за лажењето на џедај лежи во комплексноста на самата вистина како концепт. Таа не е едноставна и ако се соопшти без ронка сочувство, може да стане кобна. Оби-Ван во една пригода му вели на Лук Скајвотер дека вистината зависи од перспективата низ која се гледа и дека затоа е најважно да не се кажува пред да бидеме сигурни дека сме ги зеле предвид сите точки на гледишта.
Да се биде или не џедај: Прашања и дилеми на џедаизмот
Анализирајќи ја животната
филозофија на џедаите, која е заснована на доблести и целосно отсуство на емотивност и задоволство, се отвораат многу прашања и дилеми за кои можеме да филозофираме.
Теми за размислување:
• Дали доблестите се добри затоа што џедаите ги ценат или доблестите се прифатени од џедаите затоа што се добри?
• Дали навистина е добро да се водиш само од разумот и да не ги спознаеш основните чувства што се својствени за луѓето?
• Дали поради некои виши цели, би се спротивставил и би се борел со луѓето што ти се драги?
• Дали е исправно да се ограничуваш себеси, односно да не си дозволуваш да станеш близок со друга личност?