X
 15.12.2016 Живот

Се враќа легендарниот Пони велосипед!


Велосипедот што ги враќа носталгичните во осумдесеттите...

Се враќа пони велосипедот

Велосипедот „Пони“ беше многу популарен на некогашниот југословенски пазар. Се произведуваше во Словенија според италијанска лиценца, а за брзо време ќе се појави на пазарот во нова, модернизирана верзија.

Велосипедите ќе се изработуваат во повеќе верзии и од различни материјали, а цената на основниот модел ќе изнесува 329 евра, додека најскапиот „премиум“ модел со дополнителни компоненти ќе чини 789 евра, објавија словенечките медиуми.

Со производство ќе се почне напролет, идната година, но веќе можат да се примаат нарачки. За продажба е задолжена компанијата „БТЦ“, а службено ќе ги произведува компанијата „Гор колеса“ во соработка со „Горење“ од Велење, каде што ќе се монтираат.

Концернот „Горење“, големиот производител на апарати за домаќинство, минатата година ги откупи правата за производство на легендарниот Пони велосипед од фабриката „Рог“ која пред повеќе години отиде во стечај.

Намерата е на почетокот да се произведат околу 4.000 примероци, за да се види како ќе оди продажбата. На почетокот се смета на потенцијални купувачи од Словенија, Хрватска и Србија,  а потоа и на пошироки пазари.

Во иднина се планира и производство на варијанта на „Гор колеса“ на електричен погон, најави еден од водачите на проектот, Рок Лесјак.

Модернизиразниот Пони ќе биде наменет за сите возрасти, а на почетокот купувачите ќе можат да избираат меѓу три модели во 28 различни комбинации.

Засега ќе се прави од компоненти увезени од Кина, а купувачите ќе мораат да чекаат неколку месеци за испорака, соопштува мариборскиот весник „Вечер“.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот