X
 22.12.2016 Технологија

Apple во борба со ЕУ заради неплатени даноци!

Европската комисија тврди дека Apple има долг кон Ирска за неплатени даноци во износ од 13 милијарди евра.

Претставник од Apple

Apple ќе се обиде да ја оспори одлуката од надлежните тела на Европската комисија според која нивното претставништво во Ирска треба да исплати рекордни 13 милијарди евра на име на даноци, чие плаќање го избегнале користејќи дупки во законот и поволната даночна спогодба со Ирска, пишува Бизнис Инсајдер.

Оваа огромна технолошка компанија најави дека неделава и службено ќе покрене постапка за оспорување на одлуката донесена од ЕК на крајот од август. Следат клучните моменти за овој случај.

Каква одлука донесе Европската комисија?

Комисијата заклучи дека Ирска им обезбедила на Apple нелегална помош преку поволен даночен ангажман што е спротивен на европските правила. Казната во висина од 13 милијарди евра е највисока казна досега изречена откако пред три години почна да се спроведува политиката на построга контрола на повластените фискални аранжмани меѓу мултинационалните компании и земјите-членки на ЕУ. Оваа одлука се однесува на периодот од 2003 и 2014 година, пишува Блумберг.

Цел на оваа акција биле компаниите кои го заобикувале плаќањето даноци на тој начин што преку дупки во законите, го префрлале профитот од своето работење во земји со најповолни даночни закони, каков што е примерот со Ирска, во договор со нивните влади.

Како функционирал договорот меѓу Apple и Ирска?

Како што пишува на страницата на ЕК, Apple има две подружници во Ирска, со кои даночната служба на Ирска во 1991 и во 2007 година потпишала вонредно поволни даночни аранжмани кои на Apple му обезбедувале да плаќа пониски даноци од веќе ниската даночна стапка во земјата.

На пример, подружницата Apple Sales International е ирска компанија која во целост е сопственост на Apple. Тие ја уредиле продажбата на своите производи во Европа (но и на Блискиот Исток, Африка и Индија) на посебен начин. De facto, купувачите не ги купуваат производите од продавницата во која се изложени, туку директно од подружницата. На тој начин, сите средства од продажбата се книжат како производи набавени од Ирска, а не како странско поизводство.

Договорот меѓу Apple и Ирска предвидувал  насочување на профитот од  ирските подружници во заедничката „главна канцеларија“ која постои само на „хартија“ и нема ниту едно вработено лице. На овој начин, во двете подружници останувале мали количини на средства кои се оданочувале во Ирска, додека поголемиот дел, што завршувал во „главната канцеларија“ останувал неначнат од даночна пресметка.

Договор меѓу Ирска и Apple

Зошто Ирска потпишала ваква спогодба?

Средствата што би се наплатиле од казната не би легнале во европската, туку во ирската благајна. Но и покрај ова, Ирците се спротивставуваат на Европската одлука. „Длабоко не се согласувам со одлуката на Комисијата. Во Ирска, сите компании се третираат еднакво“, изјавил ирскиот министер за финансии, Мајкл Нунан, по донесувањето.

Ирска тврди дека не направила ништо што е спротивно на закон и инсистира дека им е многу поважно земјата да остане атрактивна за останатите мултинационални компании и инвеститори отколку еднократната енормна наплата на данокот. Тие исто така тврдат дека оваа одлука навлегува и во суверенитетот на земјата и дека Комисијата нема надлежност да влијае врз даночната политика на земјата.

Кои се последиците од одлуката?

Џојлон Мохам, британскиот адвокат специјализиран за даночни прашања за Блумберг, изјавил дека оваа одлука, дури и ако биде отфрлена од судот, би можела да ги натера мултинационалните компании добро да размислат пред агресивно да се впуштаат во избегнување на плаќањето даноци во земјите од ЕУ.

Исто така, се истакнува и дека Комисијата се користи со креативни интерпретации на „државна помош“ со цел колку што е можно да ги усогласи даночните политики меѓу евопските држави. „Ова е дел од проектот на создавање единствен европски пазар. Тешко е да се замисли единствен пазар, а државите меѓусебно да се натпреваруваат за даночна основа“, вели Мохам.

Како се брани Apple?

Од Apple велат дека компанијата не може да му плати данок на Ирска затоа што тоа би било во спротивност со ирските закони. Во жалбата планираат да ѝ посочат на Комисијата дека не е во право кога тврди дека главната канцеларија на ирските подружници постои само на хартија, без оправдување за пресметка на данок тежок милијарди евра.

Тие велат дека фактот што канцеларијата нема вработени не значи и дека е неактивна, затоа што со неа управуваат вработени во Apple. „Тоа е како да кажете дека Тим Кук, CEO во Apple, не може да носи одлуки кои се однесуваат на подружниците во Ирска, затоа што не е вработен во нив“, рекол советникот во Apple, Брус Севел. Се проценува дека овој процес би можел да трае и до три години.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија