106-годишната Ширли Хоудс не ја видела својата помала сестра, 103-годишната Рут Свидлер од 2015 година.
Посетувањето им е проблем со оглед на тоа што живеат на различни места и се оддалечени над 1.200 километри: Хоудс живее надвор од Ешвил, Северна Каролина, а Свидлер надвор од Хартфорд, Конектикат. Освен тоа, со оглед на нивната возраст, и двете не се многу подвижни.
Сепак, сестрите зборуваат на телефон трипати неделно. Хоудс користи фиксен телефон со што е можно помалку и поголеми копчиња бидејќи не ја служат очите. Како што вели таа, ќе направи сѐ што е потребно за да остане поврзана со нејзината единствена сестра. Тие се најмладите од вкупно осум деца на нивните родители имигранти кои потекнувале од работничката класа.
- Семејството ни е многу важно. Блиските односи се важни. Тие ве одржуваат во живот - вели Хоудс. Свидлер се согласува дека клучот за долговечноста е да се биде среќен, здрав и да се има љубов во животот.
Животот над 100 години има малку вредност ако не можете да уживате во времето поминато тука на земјата. Тоа значи дека треба се грижите за себе на холистички начин.
- Потребно ви е добро здравје за да го живеете животот - вели Хоудс.
- Одржувајте ги и телото и умот во добра форма. Ако го направите ова, тогаш тоа значи дека ќе успеете до 100-тата - вели Свидлер.
Ова се нивните совети за тоа како да стигнете до 100-тата година.
1. Важно е колку сте физички активни
Долго време пред „Фитбитс“ или „ајфони“ кои следат колку чекори сте направиле и дали сте ја достигнале целта од 10.000 чекори, Хоудс и Свидлер знаеле колку е важна физичката активност.
- Кога живеев дома, шетав со пријателите. Беше прекрасно. Пешачев 8 километри и го правев тоа секое утро. Угорници и удлоници, така што имав одличен тренинг.
Иако денес не е е толку активна со оглед на годините, Свидлер и понатаму пешачи.
За разлика од Свидлер, Хоудс има предност со оглед на тоа што времето во Северна Каролина е поблаго, па може да оди на дневни прошетки двапати неделно.
- Пешачењето и движењето отсекогаш се дел од мојот живот. Одењето беше најевтиното нешто што можев да го имам, а во кое уживав - вели таа.
2. Негувајте ги врските
Како деца од сиромашно семејство, Хоудс вели дека ги имале неопходните работи.
Ако некогаш имало некаков конфликт во семејството, тие секогаш се труделе да го надминат, да се разберат и да се грижат едни за други. Животот би бил празен доколку не се сретнете и не сакате да се дружите со други луѓе.
- Тоа денес ме одржува во живот. Запознавам нови луѓе, разговарам, поставувам прашања и ги терам да се отворат. На тој начин учам многу: на крајот на краиштата, никогаш не знаеш што се крие во една личност - вели Хоудс.
И двете жени имаат убави спомени од браковите.
- Ништо не е подобро од добар брак - вели Свидлер.
- Имав прекрасен сопруг и прекрасни деца - се согласува Хоудс.
3. Читајте
Советот на Хоудс до секој што сака да остане ментално остар е: - Читај за да продолжиш да го развиваш својот ум.
И двете сестри имаат страст кон литературата и уметноста.
- Ние бевме семејство што читаше и не требаше да трошиме пари на книги бидејќи библиотеката ни беше блиску - вели Хоудс.
- Кога бев мала и ја добив членската од библиотека, тоа беше најдоброто нешто што ми се случи. Ако сакате да читате, никогаш нема да бидете осамени. Секоја книга е ваш пријател - вели Свидлер.
Сестрите во 1923 година/Фото:
Тrudy Galynker
4. Јадете умерено
Првото нешто што Свидлер го кажала кога ја прашале за тајната за долговечноста е: - Никогаш не треба да пушиш и не треба да пиеш.
Како што вели таа, има прилично добра исхрана.
- Сакам да јадам едноставна, балансирана исхрана без многу благо - вели Хоудс, која ги следи упатствата од курсот за исхрана на Црвениот крст што го посетувала за време на Втората светска војна.
5. Фокусирај се на позитивното
- Јас сум среќен човек. Иако имав болести и проблеми, ги надминав - вели Хоудс.
Бидејќи била бистро дете, таа прескокнала едно одделение. Но, факултетот за неа не била опција. Како тинејџерка веќе се вработила, па откако завршила средно, морала да заработува пари.
Свидлер, пак, имала потежок живот: и двете ќерки ѝ починале релативно млади. Сепак, не сакала постојано да се жали, туку гледала напред.
Извор:
CNBC
Фото: Trudy Galynker