X
 03.12.2018 Живот

Неговите родители штеделе за факултет, а тој со парите основал компанија што денес вреди милијарда долари

„Таксифај“ е водечка европска платформа фокусирана на поедноставен, побрз и посигурен урбан транспорт и една од најбрзорастечките платформи во Европа и во Африка, со инвеститори како „Даимлер“, „Диди Чуксинг“, „Корлеја Капитал“ и соосновачите на успешниот стартап „Трансфер Вајз“, Тавет Хинирукс. „Таксифај“ има повеќе од 15 милиони корисници во повеќе од 25 земји.

Маркус Вилиг е основач и претседател на одборот на „Таксифај“. Со неговиот брат Мартип, кој претходно работел во „Скајп“, ја направил првата верзија на платформата во 2013 година, кога имал само 19 години. Како најмлад претседател на одборот на технолошка компанија, тој се најде на листата на „Форбс“ наречена „30 под 30“, која ги претставува младите и успешни претприемачи, а воедно е и најмладиот основач на компанија вредна повеќе од милијарда долари во Европа. „Таксифај“ настанала во Талин, каде што се создадени и други познати глобални платформи како „Скајп“ и „Трансфер Вајз“.

Зошто Вашата земја стана позната како идеално место за развој на стартап-компании?

- Постојат неколку причини за тоа. Прво, нашите две главни предности се квалитетното техничко образование и малиот локален пазар. Малиот пазар е предност бидејќи на стартап-компаниите им ја олеснува одлуката да отскокнат, а воедно ги мотивира од самиот почеток да размислуваат во меѓународни рамки. Исто така, големиот успех на „Скајп“, првиот вистински стартап од Естонија, донесе огромно искуство, но и потребен капитал во националниот екосистем на стартап-компании. Неговиот успех беше огромна добивка и на психолошко ниво бидејќи поттикна и инспирира нова генерација претприемачи кои сфатија дека можат да развијат производи и услуги што го менуваат светот и можат да работат од дома, без преселување во Лондон или во Сан Франциско.

Дали постои позитивна регулаторна или образовна заднина што понатаму го поддржува стартниот развој во Естонија? Колку компании од естонската заедница го стекнаа статусот „еднорог“, односно дошле до пазарна капитализација од една милијарда долари?

- Естонија е земја која генерално има високо ниво на технолошки развој, но исто така и разбирање на општествената важност на технологијата. Тука е вклучена и владата. Сите водечки луѓе од естонската политика меѓу своите приоритети го имаат и технолошкиот напредок, со што успеале да го изградат брендот е-Естонија, што го олеснува растот на нашите компании. Исто така, спроведовме неколку законски измени што ни олеснија да привлечеме странски таленти на естонскиот пазар. На пример, се олеснува и поедноставува добивањето виза или дозволата за престој, а воведен е и концептот на е-државјанство и можност за користење на сите предности што со себе ги носат естонските е-услуги. Владата не може да помогне во изградбата на успешна стартап-компанија, но со своите одлуки може да го спречи успехот на некои од нив. Како држава, Естонија направи многу работи за да ги отстрани препреките што им стојат на патот на потенцијално успешните стартап-компании, што се покажа исклучително корисно.

Kои се клучните придобивки на „Таксифај“ во однос на другите?


- Ние сфаќаме дека само среќните возачи создаваат среќни корисници, а и на крај подобар и поодржлив бизнис. Нашата мисија е да бидеме фер платформа. И додека конкуренцијата на возачите им наплаќа 25 отсто провизија за секое возење, ние се фокусираме на нашето интерно функционирање и ефективност, за да имаме простор да им понудиме на возачите значително помала провизија и дополнителни бонуси што значајно ја зголемуваат заработката.

Друга важна разлика, што се покажа важна во Европа, е дека на овој континент сме локална компанија. Тоа значи дека ги разбираме потребите на европските корисници и важноста на регулација. Превозот е исклучително локализиран бизнис и треба да се разберат локалните проблеми и потреби. Исто така, треба да се работи заедно со регулаторните тела за да им се помогне во решавањето на проблемите на граѓаните, како што е проблемот со сообраќајниот метеж во градовите.

Како успевате да обезбедите подобра услуга со пристапни цели?

- Благодарение на поефикасното внатрешно функционирање и бизнис и напредните технологии. Вложуваме во нашиот глобален раст, и сега, на нашите зрели пазари, „Таксифај“ е профитабилен и одржлив.

Колку време беше потребно за „Таксифај“ да стане оперативен, од самата идеја до првите автомобили на улиците на Талин?


- Од конечната одлука да ја започнам оваа приказна до првиот возач и корисник на платформите на улиците беа потребни неколку месеци, иако на почетокот повеќето работи ги извршував сам, вклучувајќи го и наговарањето на возачите да се приклучат на новата платформа. Сепак, пред тоа некој период темелно размислував за идејата, направив неколку анкети меѓу луѓето околу мене за да добијам вистинска слика за проблемите што постојат со такси-превозниците. Нивните одговори, како и позитивната повратна информација за идејата, ми дадоа доверба за почеток. Потоа сè се случуваше многу брзо. По само неколку месеци од лансирањето апликацијата имаше десетици илјади преземања.

taksifaj
Фото: Screenshot

Со која брзина расте компанијата?

- Минатата година бројот на возења преку „Таксифај“ порасна 10 пати. Во 2018 година ќе реализираме возење во вредност поголема од милијарда евра.

Изградбата на ваква платформа се чини како скапа приказна. Како обезбедивте капитал за започнување на „Таксифај“?

- Парите за започнување на компанијата ги позајмив од родителите. Со години штедеа за школарина за факултет. Првите неколку години се потпирав главно на локалните инвеститори. Минатата година привлековме 175 милиони долари вредни инвестиции и инвеститори како „Даимлер“, „Диди Чуксинг“, „Корлеја Капитал“ и соосновачот на успешната компанија „Трансфер Вајс“.

Дали е можно да се создаде вистинска глобална стартап-компанија без Силициумската долина, нејзините експерти и инвеститори?


- Мислам дека примерите на „Скајп“ и „Спотифај“ покажуваат дека стартап-компанија може да успее во Европа. Нашата желба е еден ден тоа да го направиме и со „Таксифај“; ќе бидеме најголемата европска технолошка компанија. Секако, мораме да работиме на тоа да бидеме поконкурентни со американските и азиските стартапи кои имаат огромна домашна база на корисници и голема е веројатноста да дојдат до поголема сума пари.

Зошто „Форбс“ Ве стави на листата „30 под 30“?

- Ја започнав „Таксифај“ како 19-годишно момче и сум сигурен дека во овој момент во некоја европска земја постои средношколец со бизнис-идеја што ќе направи бум во друга традиционална индустрија. Ваквите листи се важни затоа што ги инспирираат младите претприемачи.

Колку луѓе моментално работат во „Таксифај“?


- Имаме околу 700 вработени во повеќе од 25 земји, вклучувајќи 54 различни националности. Седиштето ни е во Талин, Естонија, каде што моментално работат 200 луѓе.

Дали „Таксифај“ е единствен проект? Дали ќе почнете нови стартапи?


 - Како што реков, само минатата година бројот на возења преку „Таксифај“ се зголеми за десет пати. Прилично сум сигурен дека ќе имаме доволно предизвици во наредните пет до десет години. Сепак, редовно се наоѓам со основачите од различни стартапи и настојувам да ги поддржам колку што можам. Но, би сакал да истакнам дека со брат ми Мартин и соосновачот на „Трансфер Вајс“, Тавет Хинирукс, моментално планираме да основаме фондација во Естонија за подигнување на нивото на образовниот систем. Сметам дека образованието на долг рок е една од најважните области во кои треба да инвестираме за да бидеме успешни.

Како ја гледате иднината на транспортната индустрија?

- Верувам дека луѓето во иднина повеќе нема да поседуваат автомобили. Моментално, поседувањето автомобил е погрешен концепт. Ги возиме 5 отсто од времето, а на паркингот се преостанатите 95 отсто од времето. Во одредени градови луѓето губат неколку часа дневно во метежот во сообраќајот. Побарувачката на возење на барање е во пораст. Гледајќи глобално, возењето на барање изнесува 4 отсто од целото возење. Верувам дека за десет години ќе се зголеми за околу 25 отсто. На пример, автомобил од два тона не е секогаш најдобра идеја за превоз на една личност низ град. За таа далечина најдобро би било да се движите со поедноставни опции за транспорт како електрични скутери, велосипеди, мотоцикли. Ние сме прва платформа што започна превоз со скутери во Париз, а ќе го воведеме и во други градови во текот на 2019 година. Исто така, автономните автомобили ќе бидат на патиштата многу порано отколку што мислиме, но на почеток на обичните луѓе ќе им биде прескапо. Од друга страна, платформите како „Таксифај“ ќе бидат меѓу првите корисници на вакви автомобили, но краткорочно треба да се сконцентрираме на микромобилноста за да ги решиме сообраќајните проблеми во градовите.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот