X
 16.01.2019 Живот

Што се случи со Брегзит и што е следно?

Минатата ноќ беше ноќ на големи влогови и невидена драма која ќе има влијание и надвор од границите на Велика Британија.

Планот на британската премиерка Тереза Меј за напуштање на Европската Унија доживеа неуспех во Парламентот.

А за што всушност се гласаше?

Политичарите гласаа за договорот што Меј го склучи со ЕУ по повеќе од две години преговори. Со него се поставуваше план за тоа како Велика Британија би ја напуштила ЕУ на 29 март.

Договорот опфаќаше некои многу важни прашања, на пример, што ќе се случи со Британците што живеат во ЕУ и колку пари ќе треба да даде Британија за да ја напушти Унијата. Ако поминеше, договорот ќе стапеше во сила на 29 март, по само 73 дена. Доволно едноставно, барем според стандардите на Брегзит. Но, едно нешто научивме досега, а тоа е дека Брегзит не оди така мазно.

Што се случи?

Ова беше резултат поради кој Меј ќе има кошмари. Парламентот со 432 гласа „против“ и 202 „за“ го отфрли договорот. Тоа беше најголемиот пораз за влада во историјата и покажа колку всушност беше непопуларен договорот.

Најконтроверзното нешто беше прашањето на таканаречениот последен спас. Тоа е вид безбедносна мрежа дизајнирана за избегнување на физичките проверки на границите меѓу Северна Ирска, која е дел од Велика Британија, и Република Ирска, која е член на ЕУ.



Зошто е важно?

Поразот е голем удар за Меј и додава сомнеж на процесот за излегување на Британија од Унијата. Датумот за Брегзит е за само два месеца, но Британија изгледа дека не е блиску до договарање на начинот на кој ќе ја напушти ЕУ.

Вообичаено по таквиот пораз би следувала оставка од премиерот. Но, фер е да се каже дека ова не се обични времиња.

Што следува?

Лидерот на опозицијата, Џереми Корбин, повика на гласање за недоверба на владата. Ова им дозволува на пратениците да одлучат дали сакаат владата да продолжи со работата. Гласањето ќе се одржи вечерва и ако Парламентот реши дека не сака владата да продолжи со работата, тоа може да предизвика избори.

Доколку, како што предвидуваат многумина аналитичари, Меј го преживее гласањето, тогаш таа вели дека в понеделник ќе претстави различен план за излез на Британија од Унијата.

Но, во оваа фаза никој нема претстава како би изгледал некој друг план. Ако Парламентот не го смени мислењето, тогаш има неколку различни можности.

Ако ништо друго не се случи, ќе има Брегзит без договор. Ова значи, како што може да претпоставите, дека Британија ќе ја напушти Унијата на 29 март без формален договор. Тоа би значело дека би немало период на транзиција и би имало отсечно прекинување на односите меѓу Британија и ЕУ.

Што значи Брегзит без договор?

Во случај на Брегзит без договор, Велика Британија би ги прекинала сите врски со ЕУ преку ноќ. Владата на Меј и многу други веруваат дека тоа би било многу штетно и сакаат постепено повлекување. Но, ако Парламентот не може да се согласи за тоа и ништо друго не се случи, Британија ќе си замине без договор.

Ова би значело дека Британија не би морала да се покорува на правилата на ЕУ. Наместо тоа, би требало да ги следи условите за трговија на Светската трговска организација. Тоа за многу бизниси би значело нови такси на увозот, извозот и на услугите, а тоа веројатно ќе ги зголеми трошоците за работа. Тоа значи дека цените на некои стоки во британските продавници би можеле да се зголемат.

Исто така, Британија би ги загубила трговските договори што ги има со другите земји како членка на ЕУ и сите тие одново би требало да се договараат, заедно со нов договор со самата ЕУ.

Британија би имала слобода да си постави контрола на имиграцијата. Сепак, некои британски професионалци што работат во ЕУ и британски иселеници би можеле да се соочат со несигурности додека не се разјасни нивниот статус. Европската комисија истакна дека дури и во случај на сценарио без договор, на Британците што патуваат нема да им биде потребна виза за кратки посети кои би траеле до 90 дена.

Границата меѓу Северна Ирска и Република Ирска би станала надворешна граница на ЕУ со царинска и имиграциска контрола, иако не е јасно како и каде би се вршеле проверки.

Некои поддржувачи на Брегзит мислат дека напуштањето на Унијата без договор би било позитивно ако се направат вистинските подготовки. Но, критичарите - вклучувајќи ги тука и поддржувачите и противниците на Брегзит - велат дека заминувањето без договор би било катастрофа за Британија: би се зголемиле цените на храната, би имало недостиг на стоки и метеж на некои патишта на југоистокот, што би резултирало со дополнителни гранични проверки.

Можните сценарија по гласањето
Фото: BBC


Британската влада би можела да предложи и преговарање на нов договор, иако ова би значело барање дополнително време од ЕУ. Може да има и нов референдум, што повторно би значело барање дополнително време, а може и Меј да одлучи дека изборите се најдоброто решение за пат-позицијата.

Како и да е, Велика Британија е на необележана територија, а часовникот за Брегзит отчукува.
Подготвил: Билјана Арсовска

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот