X
 11.09.2018 Култура

Фотограф ги објаснува правилата и ограничувањата за фотографирање во Северна Кореја

Северна Кореја одамна е една од најизолираните и најтаинствени земји во светот. Сепак, иронично, таа постојано е на насловните страници во медиумите.

Пристапот до земјата е многу ограничен, но одвреме-навреме фотографите од Западот можат да ги преминат границите на оваа земја. Месецов фотографот Карл Корт од „Гети имиџис“ успеал да добие пристап и да помине една недела во комунистичката држава, документирајќи како луѓето одат на работа.

Корт одамна бил заинтересиран за фотографирање на Северна Кореја.

- Морав да испратам 50, 60, 70, можеби 80 е-пораки до сите луѓе поврзани со Северна Кореја - туристички агенти, фотографи и новинари. Постојано им се јавував на луѓето и тие постојано ме игнорираа - раскажува тој.

1
Фото: Carl Court


Конечно се сретнал со туристички агент кој ветил дека ќе му обезбеди пристап до земјата. Откако Корт поднел извештаи за документ - вклучувајќи фотографии и сериски броеви за неговата опрема, план за патување и зошто сака да ја посети секоја локација, платил и надомест.

Пристапот за новинарите е ограничен на претходно одобрени локации, а Корт во текот на посетата на Северна Кореја бил во друштво на двајца „придружници“ и возач.

- Тие постојано беа покрај мене, до моментот кога се качив на авион за дома - вели Корт.

Фотографот бил внимателен и постојано бил љубезен кон своите придружници.

- Долго разговарав со туристичкиот агент и тој рече дека колку помалку правиш проблеми, толку помалку ќе привлекуваш внимание - вели Корт.

Правила и ограничувања

Освен што придружниците постојано мораа да бидат со него, Корт морал да следи неколку правила при фотографирањето на земјата. Најголемото било дека мора да направи целосни фотографии од статуите на Ким Ил-сунг и Ким Јонг-ил.

- Не смеете да им ги „сечете“ нозете на статуите на фотографијата. Не смеете ниту да го сечете аголот - објаснува Корт.

Ако се прашувате зошто сликата на Ким Јонг-ун ја нема на споменикот Мансуде Гранд, тоа е така затоа што тој е жив.

- Ким Јонг-ун не е прикажан секаде. Тој се смета за жив бог - вели Корт.

2
Фото: Carl Court

Интересно е тоа што додека Корт ги фотографирал луѓето во Северна Кореја, често неговото присуство било игнорирано.

- Немаше никаква интеракција, ни вербална ни визуелна - никој не ме гледаше. Како да не бев таму. Многу е чудно. Но ги сакам сликите - ја покажуваат чудноста на народот - вели тој.

Корт првично се надевал дека ќе фотографира некои од пооддалечените области близу границата меѓу Северна Кореја и Кина, но овие места не му биле одобрени. Најголем дел од престојот го поминал во главниот град Пјонгјанг и во неколку други градови.

Неговите придружници го однеле и надвор од Пјонгјанг, каде што Ким ги чувал сите подароци што му биле дадени, но тоа не смеел да го фотографира. Дури и со вакво ограничено гледиште, Корт успеал да фати дел од животот во комунистичката држава.

- И покрај забраните, можете да ја фатите нивната верзија на нештата и да направите интересни фотографии - вели тој.

Сепак, тој вели дека не може да се открие општото расположение на жителите на Северна Кореја.

- Можете да одите во Етиопија, во Авганистан, во Ирак... да поминете една недела патувајќи наоколу и да го дознаете расположението на земјата, но во Северна Кореја не смеете да зборувате со луѓето - вели Корт.

Не поради јазичната бариера, туку затоа што на Корт му било забрането да разговара со граѓаните.

3
Фото: Carl Court


Иако слушнал многу приказни за претресување на фоторепортерите и нивните фотографии, Корт немал проблем пред неговото заминување. Тој се надева дека еден ден ќе се врати во Северна Кореја и ќе фотографира други места.

- Има некои работи што сакав да ги фотографирам, а не ми беше дозволено, но не притискав бидејќи беше мое прво патување. Потребно е малку да ги почувствувам работите - вели тој.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура