X
 07.09.2024 Живот

Сака да ја подобри лошата репутација: Овој град забрани продажба на „мафијашки сувенири“

На Сицилија е забранета продажбата на сувенири со мафијашка тема. Забраната доаѓа додека Агриџенто се подготвува да стане културна престолнина на Италија наредната година, со цел да го привлече вниманието на нејзиното културно богатство, а не на нејзиното мафијашко наследство.

Во продавниците за сувенири низ италијанскиот остров Сицилија често можете да најдете производи со мафијашка тематика, од магнети и маици до отворачи за шишиња и чаши за ракија.

Сицилијанската мафија сè уште дејствува на островот и се занимава со криминални активности, како што се изнуда, трговија со дрога и киднапирање.

Агриџенто е град во Јужна Сицилија кој сè уште се бори со контролата на мафијата, а исто така треба да биде главен град на културата на Италија во 2025 година.

Во обид да го промени својот меѓународен имиџ и да се бори против гламурозноста на криминалната организација, градот одлучи да ја забрани продажбата на сувенири со мафијашка тема.

Градоначалникот на Агриџенто, Франческо Микиче, воведе забрана за продажба на сувенири кои ја прикажуваат мафијата.

Вообичаено е да се најдат слики и симболи на оваа подземна организација на различни производи, вклучувајќи Сицилијанци во традиционална носија кои држат пушка позната како „лупара“. Оваа уредба има цел да го промени начинот на кој туристите го гледаат градот и да испрати јасна порака дека активностите на криминалната организација не се одобрени од локалните власти.

- Со оглед на тоа што продажбата на вакви производи на територијата на Агриџенто ја понижува локалната заедница, која со години се залага за ширење на културата на законитоста, наредувам забрана за продажба на секаков вид предмети кои на кој било начин и во која било форма се поврзани со мафијата и организираниот криминал - изјави градоначалникот за италијанскиот печат.

Казни за продажба на нелегални сувенири


Локалната полиција доби овластувања да ги проверува продавниците за сувенири во градот и да изрекува казни доколку се најдат забранети производи. Сѐ уште не е потврдено со колкави казни би се соочиле продавниците.

Градскиот совет наведува дека културната програма ќе опфати 44 нови проекти кои го истражуваат односот меѓу човекот и природата. Еден од најважните настани ќе биде концертот на италијанското оперско поп-трио „Ил Воло“ во Долината на храмовите.

Туристите веќе доаѓаат на ова место заштитено од УНЕСКО, со археолошки остатоци кои датираат од времето кога островот бил античка грчка колонија во 6 и 5 век пр.н.е. Самиот град е спој на античка, средновековна, барокна и модерна архитектура и има значаен археолошки музеј.

Извор: Bizlife.rs
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот