X
 24.08.2019 Живот

Славутич - градот создаден по експлозијата во Чернобил

Часовникот на плоштадот во гратчето Славутич на секој час ја свири химната на градот. Звукот е потсетник дека овој град во Северна Украина е жив - важна декларација за место чии жители претходно се соочиле со најлошата нуклеарна катастрофа што ја доживеал светот.


Славутич му го должи своето постоење на експлозијата во Чернобил што се случила на 26 април 1986 година и претставува еден од последните големи подвизи на социјалниот и физичкиот инженеринг спроведен од Советскиот Сојуз.

По експлозијата на реакторот, 45.000 луѓе биле евакуирани бидејќи нивниот роден град Припјат - некогаш оаза на зеленило и модел на советски просперитет - станал озрачен град на духови.

Кога жителите биле евакуирани, официјалните лица им рекле дека ќе се вратат за три дена. На крајот, никој не се вратил. Припјат бил мртов.

Но, дури и по катастрофата, електраната Чернобил морала да продолжи да работи. Три реактори останале функционални и Украина во голема мера била зависна од нивното производство во текот на наредните години.


Тоа значело создавање нови домови за работниците во електраната, кои биле од витално значење за операциите во неа.

Така се родил Славутич.

Кристина Белченко, која работи во музеј посветен на локалната историја и нуклеарната централа во Чернобил, вели дека имало три главни критериуми за создавање на градот.


- Растојание не повеќе од 50 километри од електраната, постојните железнички пруги и незагадена територија - вели таа.

Избраното место било осамена железничка станица среде густа борова шума. Работата почнала веднаш штом била донесена одлука за изградба на нов град, есента 1986 година. По неверојатна мобилизација на советските градежни ресурси, првите доселеници пристигнале во октомври 1988 година.

Новиот град бил олицетворение на урбанистичкиот советски сон.

- Беше испланиран од 35 проектни институти од осум советски републики - раскажува Белченко. Вистинско комунистичко чудо на соработка.

Славутич станал еден вид архитектонско и инфраструктурно извинување од советските службеници за раселената популација од зоната Чернобил и за пошироката комунистичка империја, за која катастрофата во 1986 година била деморализирачки срам.


Биле ангажирани најпаметните луѓе за планирање и за работа на Славутич. Резултатот бил град кој бил пред своето време. Градот бил поделен на четвртини, именувани по главните градови на републиките што го граделе. Секоја република морала да снабди работна сила и материјали. Тоа, пак, довело до уникатен калеидоскоп од различни форми.

Поголемиот дел од градежните дизајни биле позајмени од други советски градови бидејќи немало време да се создаде нешто ново.

На новите жители на градот им била дадена шанса да изберат кварт каде што ќе сакаат да живеат, нечуена великодушност од комунистичката администрација.

Откако ги отвори вратите кон крајот на 1988 година, Славутич се претворил од колекција на празни бетонски кутии во град што живеел и дишел со еден од највисоките стандарди на живеење во Советскиот Сојуз во тоа време.

Дури и денес, шетањето од еден кварт од градот до друг ви дава чувство како да патувате во друга држава. Постои тбилиски кварт со традиционални грузиски крстови на балконите. Квартот Јеревански ги зема архитектонските знаци од розовите куќи во Ерменија. Квартот Бакински, инспириран од Азербејџан, има мангали, традиционална скара од Блискиот Исток. Исто така, постојат три окрузи изградени од балтичките земји со минималистички дизајни и дрвени еднокатни кабини.

Славутич дури и бил дизајниран со посебни патеки за велосипеди, нешто што повеќето украински градови сè уште го немаат.

- Градот честопати се нарекува последниот споменик на Советскиот Сојуз - вели Белченко.

Атракциите во Славутич не биле за секого привлечни и процесот на преселување не бил воопшто лесен.

- Во текот на првата година го мразев Славутич и сакав да си заминам што е можно побрзо - вели Татјана Кузнецова.


- 26 април беше многу топол, дури и жежок ден. Кога отидовме на училиште, наставниците ни рекоа дека прозорците мора да бидат затворени, не смееме да излегуваме надвор или да ги отвораме вратите. Знаевме дека нешто не е во ред, но никој не ни ја кажуваше причината - раскажува таа.

Кузнецова била родена во Припјат и го напуштила градот на 11-годишна возраст, на 27 април 1986 година, за време на масовната евакуација по последиците од експлозијата. Бидејќи им кажале дека заминуваат на само неколку дена, тие спакувале малку работи. Никој не мислел дека никогаш повеќе нема да си ги види сопствените работи.

- Имав 12 винилни плочи со бајки што ги купивме во Краснојарск и одлична колекција играчки - раскажува Кузнецова.

Нејзиното семејство првично се преселило во Кишинев, Moлдавија, еден од многуте советски градови кои понудиле домови за евакуираните од Припјат.

Работата на нејзиниот татко во Чернобил го вратила семејството во Украина во 1990 година, па така семејството се преселило во новоизградениот Славутич.

Опсесијата на Кузнецова со нејзиниот поранешен дом се чини дека ја имаат многумина во Славутич. Сенката на Припјат живее во нивните срца и умови, и покрај привлечноста на нивниот нов град.

За многумина, новиот живот во Славутич се совпаднал со распадот на Советскиот Сојуз и затворањето на преостанатите реактори на Чернобил во 2000 година.

До тој момент, нуклеарната централа била примарно работно место за околу 25.000 жители на градот.

- Имаше демонстрации на улиците, работниците што го посветија својот живот на Чернобил не можеа да разберат зошто треба да се затвори - раскажува Белченко.

Преку ноќ, од сателитски град за централата во Чернобил се претвори во постсоветски град, кој се обидувал да го најде своето место во уништената Украина.

Татјана Бојко, раководителка на одделот за информации во градскиот совет, вели дека градот на почеток се борел да застане на нозе, но сега се стреми да стане отворен центар за иновации и уметничка креативност.


- Славутич е град на нови идеи. Ми се допаѓа нашиот бренд - раскажува Татјана седејќи на новата клупа на централниот плоштад во градот. Клупите сега имаат специјални џебови за луѓето да разменуваат книги - една од новите урбани иницијативи на Славутич.

Се чини дека градот се обновува. Има една од највисоките стапки на наталитет во Украина, а просечната возраст е меѓу најмладите во земјата. Се чини дека луѓето сакаат да живеат тука.

Во никој случај не е типичен украински град. Мал е, но не е провинциски и е управуван од главниот град Киев. Поголемиот дел од популацијата во градот има научна заднина.

Фото: Instagram
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот