X
 16.02.2022 Живот

Антибиотици: дали ги злоупотребувате?

Антибиотиците се важни лекови. Но, некои лекови што порано беа стандардни третмани за бактериски инфекции сега се сè помалку ефикасни или воопшто не дејствуваат, па така денес имаме бактерии отпорни на антибиотици. Отпорноста на антибиотици е еден од најитните здравствени проблеми во светот.

Секоја бактерија што ќе преживее антибиотски третман може да се размножи и да ги пренесе своите отпорни својства. Исто така, некои бактерии можат да ги пренесат своите својства отпорни на лекови на други бактерии.

Друго што треба да се знае за употребата на антибиотици е дека тие третираат бактериски инфекции, но не и вирусни инфекции. На пример, антибиотик е соодветен за третман на стрептокока во грлото, предизвикана од бактеријата Streptococcus pyogenes, но тоа не е вистинскиот третман за повеќето болки во грлото, кои се предизвикани од вируси.

Други вообичаени вирусни инфекции што немаат корист од антибиотскиот третман се:
• Настинка
• Грип
• Бронхитис
• Најголем дел од кашлиците
• Одредени инфекции на увото
• Одредени синусни инфекции
• Стомачен грип

Доколку се зема антибиотик против вирусна инфекција, се случува следново:
• Нема да ја излекувате инфекцијата
• Нема да ги спречите другите луѓе да се разболат
• Нема да ви помогне да се чувствувате подобро
• Може да предизвикате непотребни и штетни несакани ефекти
• Се промовира отпорност на антибиотици

Ако земате антибиотик кога всушност имате вирусна инфекција, антибиотикот ги напаѓа бактериите во вашето тело - бактерии кои се или корисни или барем не предизвикуваат болест. Овој погрешно насочен третман може да доведе до замена на безопасните бактерии со потенцијално штетни бактерии.

Според Центарот за контрола и превенција на болести во САД, се проценува дека до 50% од сите антибиотици препишани за луѓето или не им се потребни или се несоодветни.

Идеалното сценарио за ова да се спречи е антибиотиците да се препишуваат од колегиум кој ќе вклучува општ лекар, лекар специјализиран за заразни болести и фармацевт со специјализирана обука за заразни болести.

Отпорноста на антибиотици сериозно го загрижува јавното здравје. Оваа отпорност на антибиотици се јавува поради повеќе фактори, како што се: неконтролираната потрошувачка, недостиг на знаење, различни уверувања и ставови, како и поради социодемографските карактеристики.

Потребно е во решението на овој проблем за злоупотреба на антибиотици да се користи мултидисциплинарен пристап и во неговото решавање да бидат вклучени: здравствените работници, здравствените менаџери, јавните здравствени установи, владините институции, образовните субјекти, како и целокупното население.


Автор: м-р по фармација Зулкифли Зенуни

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот