Еден од најчести здравствени проблеми присутни во нашите амбуланти од примарно здравство, а воедно и најчеста болест на крвта е анемијата. Во светски рамки се проценува дека близу една третина од населението страда од ова нарушување на крвта. Децата, жените и лица со хронични заболувања се ризик-групи.
Што е анемија?
Анемија е состојба на значителен пад на хемоглобин на прво место, пад на бројот на еритроцити и на хематокрит. Поради тој пад на хемоглобинот, ткивата и органите до последна клетка нема да бидат нахранети со кислород, бидејќи тој е транспортер на кислородот до клетките, па ќе се јават различни симптоми!
Симптоми
Во зависност од видот на анемијата, начинот на настанување, симптомите можат да се разликуваат, да имаат различен интензитет и последици, но најчести и заеднички предоминантни се следниве:
-умор и слабост
-бледа кожа
-вртоглавица, несвестица, главоболка
-мачнина, гадење
-премаленост,
-краток здив, болки во граден кош,
-ладни раце, нозе, односно дистални делови на екстремитети, но и врв на нос, ушна школка, каде што е изразено и бледило на кожата,
- срцебиење и тахикардија, забрзана срцева работа,
-промена на кожа, коса и нокти: нивна сувост, кршливост, улцерации на кожата, отежнато зараснување на рани итн.
За да можеме да дијагностицираме, да направиме поделба и да му помогнеме на нашиот пациент, мора да направиме неколку многу важни работи.
Анамнеза, односно историја на болести и случувања на здравствен план на пациентот со кој се соочуваме, повреди и други болести, хронични или малигни, операции, на пример, операции на желудник со скратување или отстранување, во неговото здравствено портфолио. Ризични породувања, менструални обилни крвавења, незадоволителна исхрана во поглед на недостиг на витамини, особено фолна киселина, Б12, минерали, железо... Исто така, треба да внимаваме на вегетаријанска исхрана на пациенти и нивна едукација во однос на земање одредени суплементи. Исто да прашаме за неговото семејство, наследни болести, неговото генетско богатство.
Физикален преглед во нашата амбуланта, односно инспекција, уочување на надворешниот изглед, општиот аспект на едно лице со општа слабост, бледило, измореност, промени на кожа, коса, нокти... Палпација, преглед на абдомен со допирање длабоко и површно за да се откријат евентуални зголемувања на црн дроб и слезина.
Тахикардија, тахипнеа, односно забрзано дишење и забрзано чукање на срцето на аускултација, понекогаш промена во боја на екскрети. Треба да го допреме и слушнеме нашиот пациент како зборува, дали му се ладни рацете, нозете, како се движи.
Лабораторија - која би опфатила испитување на Хемоглобин првенствено, еритроцити, нивен број, МЦВ, МЦХ, ретикулоцити, РДВ, серумско железо и секако испитувања на феритин и трансферин битни за процена на депоа на железо во телото и клетките. Секако, комплетна биохемиска анализа за да се дијагностицира евентуална поврзаност на анемијата со други болести и причинители на истата, испитување на нивото на фолна киселина, витамин б12,
-периферна размаска на крв и биопсија на коскена срцевина.
Типови анемија:
Микроцитни - помали еритроцити - феродефицитни
Макроцитни - зголемени еритроцити (црвени крвни зрнца) - дефицит на витамин Б 12 и фолна киселина
Нормоцитни - нормални по големина еритроцити - по крвавење
Нормохромни - нормална пребоеност на еритроцити најчесто кај крвавења, хемолиза, апластична анемија со намалено создавање на клетки како основно заболување, при метастатски промени на коски и др.
Анемија кај хронични заболувања: се јавува кај хронична бубрежна болест, малигни болести, скелетни болести, ревматоиден артритис, акутни и хронични инфекции - вирусни и бактериски, Кронова болест, улцерозни колити, улкус, гинеколошки заболувања и крвавења.
Лекување!
Анемијата треба да се лекува! Понекогаш иако не е претставена со навидум изразени симптоми, било да е нелекувана поради нередовно доаѓање на лекар или други причини, ТРЕБА И МОРА да се лекува! Имено, таа може да доведе до сериозно нарушување на здравјето, водење кон други заболувања или влошувања на постојните.
Лекувањето вклучува широк спектар на медицински работници - почнувајќи од лекари во матични амбуланти, лекари по семејна медицина, интернисти хематолози, педијатри, нефролози, ревматолози, специјалисти од областа на онкологија и други области, лабораториски работници и научни соработници од областа на генетика и микробиологија.
Како да лекуваме?
Зависно од причинителот. Советување и едуцирање на соодветен хигиено-диететски режим со храна богата со витамини Б12, фолна киселина, железо или давање соодветни препарати во вид на лек или суплемент ако е нужно. Доколку е потребно - давање на истите во ампуларна венска или мускулна терапија, таму каде што не може да се ресорбира лекот преку уста, желудник или тенко црева.
Анемија кај хронична и малигна болест бара подобро лекување и третман на хронична состојба и малигната болест.
Српеста анемија, таласемија препорачани третмани и совети од соодветниот специјалист-хематолог.
Автор: д-р Марина Цветаноска, доктор по општа медицина
ПЗУ Дарон мед.