X
 17.12.2021 Живот

Д-р Билјана Ѓорѓиевска објаснува за хиперлипидемија, препорачани вредности на маснотии во крвта и третман

Хиперлипидемија е состојба при која има покачено ниво на вкупен холестерол и/или покачено ниво на холестерол со ниска густина (ЛДЛ- холестерол) во крвта. Додека состојбата при која имаме зголемено ниво на триглицериди и значително намалено ниво на холестерол со висока густина ( ХДЛ- холестерол), се нарекуваат дислипидемии.

Кои се последиците од покачените масти во крвта?

Покачените масти имаат директно влијание за настанување на кардиоваскуларни болести.. Нивоата на вкупниот, ХДЛ и ЛДЛ холестеролот и нивните соодноси имаат директно влијание врз кардиоваскуларното здравје, така што зголеменото ниво на вкупен и ЛДЛ холестерол и намаленото ниво на ХДЛ холестерол го зголемуваат ризикот од развој на болеста, а од друга страна, намалено ниво на вкупен и ЛДЛ холестерол, а зголемено ниво на ХДЛ холестерол го намалува истиот ризик. Кардиоваскуларните болести се главна причина за предвремена смртност во повеќето европски земји. Тие се исто важна причина за попреченост и зголемени трошоци за здравствена заштита. Најважен фактор во развојот на кардиоваскуларните заболувања е атеросклерозата која се развива со текот на годините и кога ќе се појават првите симптоми на болеста таа е веќе многу напредната. Најпознати и најтешки облици на кардиоваскуларни болести се срцев удар, мозочен удар, чии последици се најтешки. Европа има најголема преваленца на висок холестерол во светот. Хиперлипидемиите се повеќе застапени кај мажите и тоа кај машката популација со 54%, а женската популација со 46%.

Ризик-фактори

Ризик-факторите може да се поделат на модифицирачки ( на кои може да делуваме и да ги менуваме) и немодифицирачки кои не може да се менуваат. Во модифицирачки спаѓаат: покачен крвен притисок, хиперлипидемија, пушење, шеќерна болест, гојазност, исхрана, тромбогени фактори, физичка неактивност, зголемена консумација на алкохол. Во немодифицирачки ризик фактори спаѓаат: фамилијарна предиспозиција за КВБ ( наследни фактори), пол и возраст.

Превенција на кардиоваскуларни болести

Не е тешко да се заклучи дека примарната превенција е најважна форма за борба против болеста. Појавата на КВБ е тесно поврзана со начинот на живот( физичка неактивност, седечки начин на работа, пушење, брза храна, пржена храна богата со многу масти), дебелината, зголемено ниво на маснотии во крвта, покачен крвен притисок, шеќерна болест. Третманот кој е во насока да се спречи или одложи појавата на одредени болести или состојби се нарекува превенција, па затоа разликуваме: примарна, секундарна и терциерна превенција. Примарната превенција се спроведува пред почетокот на болеста. Секундарната превенција се спроведува кога се појавила некоја од формите на болеста и терциерна превенција која се спроведува кога настанале трајни последици од одредени болести. Во таа насока е и улогата на лекарот, да го процени ризикот според одредени скали и да започне со третман на хиперлипидемијата со цел да се намалат понатамошните кардиоваскуларни настани. Примарна превенција се спроведува кај следниве лица: оние кои имаат хиперлипидемија, немаат симптоми и имаат висок ризик за развој на КВБ и кои поради присуството на неколку ризик фактори имаат 10 годишен ризик од голем КВ настан поголем од 5%. Тоа се лица кои имаат вкупен холестерол поголем или еднаков на 8mmol/l или ЛДЛ холестерол поголем или еднаков на 6 mmol/l, најчесто се наследни хиперлипидемии, лица кои имаат покачен артериски притисок поголем или еднаков на 180/110mmHg, кои имаат дијабетес, се блиски роднини на пациенти со познати КВБ.
Третман на хиперлипидемија поради секундарна превенција се користи кај сите цереброваскуларни заболувања или периферна васкуларна болест).

Препорачани вредности на маснотии во крвта

Вкупниот холестерол треба да биде помал од 5,2 mmol/l, а ЛДЛ понизок од 3 mmol/l. Кај пациенти со дијабетес и оние кои имаат веќе постоечки КВБ, значи во секундарна превенција целите на третманот се построги, вк.холестерол треба да биде помал од 4,5 mmol/l, a ЛДЛ холестеролот понизок од 2,5 mmol/l. Вредностите на “добриот холестерол” (ХДЛ) кај мажите секогаш треба да бидат повеќе од 1,0 mmol/l, а кај жените повеќе од 1.2 mmol/L, додека вредностите на триглицеридите треба да бидат пониски од 1,7 mmol/L. Според постојните препораки за зголемен ризик од КВБ, препорачаните вредности не можат секогаш да се постигнат, затоа се оди кон индивидуален пристап кај секој пациент.



Третман на хиперлипидемија

Хиперлипидемиите може да се третираат со промена на исхраната, односно хигиенодиететски режим и со лекови. Првиот чекор е диетата. Многу важно е да се почне со физичка активност во секојдневната пракса, најмалку 30 минути пешачење, контрола на телесната тежина, промена на начинот на исхрана, престанок на пушење. Внесот на храна и енергија треба да биде избалансиран помеѓу трите главни групи на храна ( протеини, масти и јаглени хидрати). Внесот за масти не треба да надминува 30% од вкупниот внес на енергија во текот на денот, а внесот на холестерол не треба на да надминува 300 мг/ден. Во услови на покачени нивоа на ЛДЛ холестерол и вкупен холестерол се препорачуваат некои од следниве намирници: јадења од цело зрно, црн, овесен или ржан леб, млечни производи со 1% млечна маст, посно кравјо сирење, козјо сирење, супи од зеленчук, сите видови на бели или сини риби, пилешко и мисиркино месо без кожа, варено посно говедско и телешко месо, маслиново масло, сите видови на варен или суров зеленчук, сурово овошје, незасладено овошје, суви колачи со малку маснотии, природни овошни сокови, вода, чај. Во исхраната треба да се избегнуваат следниве намирници: бел леб, колачи, лиснато тесто, полномасно млеко и млечни производи ( павлака, сирење итн), кремасти супи, свинско месо и производи од него ( салама, сланина, џимиринки и сл.), путер, маст, маргарин, пржен компир, чипс, колачи со путер, колачи со чоколадни кремови, мајонез итн. Во услови на покачени нивоа на триглицериди корисно е да се земаат омега 3 масни киселини. Внесувањето на алкохол има двојна улога, бидејќи консумирањето на мала количина на алкохолни пијалаци, особено црвено вино ( 1-2 дл/ден), доведува до позитивни антиоксидативни и антиинфламаторни ефекти, го подига нивото на ХДЛ холестерол, го намалува ризикот од КВБ. Континуираното консумирање на големи количини на алкохолни пијалаци има многу негативен ефект бидејќи стимулира зголемување на нивото на триглицеридите, ја забрзува атеросклерозата и го зголемува ризикот од КВБ.

Лекови

Доколку и по три месеци строго придржување кон диетата не сме ја постигнале посакуваната вредност на вкупниот и ЛДЛ холестерол, тогаш во третманот треба да се вклучи и фармаколошка терапија. Лекови кои се користат во третманот на хиперлипидемијата се статините. Како и сите лекови и тие можат да имаат несакани ефекти, но тие се ретки и се зависни од дозата и истовремената употреба со други лекови, особено со фибрати и ниацин. Статините се лекови кои го блокираат ензимот хидроксиметилглутарил коензим А- редуктаза ( HMG- CoA), важен ензим во метаболизмот на холестеролот, што резултира со намалување на вкупниот и ЛДЛ холестерол, во помала мера намалување на нивото на триглицеридите. Важно е да се нагласи дека покрај намалувањето на нивото на холестерол, статините имаат и други позитивни ефекти како што се антиоксидантни и антиинфламаторни ефекти и ефект на стабилизирање на атеросклеротичните плаки. Тие се безбедни и лесни за употреба, се пијат еднаш дневно. Несакани ефекти може да бидат чувство на надуеност во стомакот, во ретки случаи минливо зголемување на ензимите на црниот дроб и оштетување на мускулите (рабдомиолиза), кое се докажува со лабораториски иследувања. Кај нас се достапни неколку групи на статини, но најчесто користени се росувастатин и аторвастатин.

Заклучок

Третманот на хиперлипидемијата е успешен само ако правилната исхрана се комбинира со правилен лек и тогаш ефектите од третманот се најдобри. Најчестото прашање што се поставува на лекар при почнување на лекувањето на хиперлипидемијата е „дали ќе морам да го земам лекот доживотно? Одговорот за пациентите кои развиле кардиоваскуларни болести (на пример коронарна срцева болест е ДА),бидејќи земањето на лекот за да се намалат липидите( мастите), се покажало корисно за пациентот, за неговиот животен век и за квалитетот на живот. Одговорот за пациентите кои лекуваат хиперлипидемија заради примарна превенција е дека во случај на целосна промена на животниот стил и навиките на исхрана дојде до намалување на нивото на липидите што може да се одржува со диета, може да се одложи давањето на лекови, во спротивно кај наследна хиперлипидемија треба да се почне со лекови и да се зема лекот доживотно.
Важно е да се знае дека третманот на хиперлипидемијата е само еден, но многу важен камен во мозаикот на лекувањето на кардиоваскуларните болести и дека не е успешен сам по себе ако навистина не го промениме нашиот начин на живот и не свртиме грб на лошите животни навики и зависности.

Автор: д-р Билјана Ѓорѓиевска, ПЗУ Гастротоп, Скопје

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот