X
 03.12.2021 Живот

Кивање, секрет од носот и чешање во грлото – на што треба да нѐ асоцираат овие знаци во овој есенско-зимски период?

Во овој есенско-зимски период доста се чести настинките. Речиси секоја настинка е придружена со знаци и симптоми на воспаление на носната слузокожа, кое е познато под терминот ринитис. Тој се манифестира со кивање, секрет од носот - ринореа, чешање на носот.

Според начинот на настанување и причинителите, ринитисот може да се подели на алергичен и неалергичен ринитис, односно инфективен ринитис.

Алергискиот ринитис може да биде сезонски и да се манифестира само во одреден дел од годината, и тоа најчесто во пролетните месеци за време на цветање на одредени растенија, т.н. поленски ринитис и целогодишен ринитис, кој трае во текот на целата година.

Инфективниот ринитис, во зависност од начинот на појавување на симптомите и нивното времетраење, може да биде акутен (краткотраен) и хроничен (долготраен).
Најчести причинители на акутниот ринитис - настинка се вирусите, и тоа риновирусите кои се одговорни за појавата на над 50% од сите акутни ринитиси. Бактериите најчесто предизвикуваат секундарна инфекција кај веќе постоен вирусен ринитис, додека примарен бактериски ринитис е доста редок и се јавува најчесто кај пациенти со нарушен имунолошки систем.
Атрофичен ринитис е посебен тип на хроничен ринитис кај кој се јавува атрофија на назалната слузокожа со создавање назални крусти со непријатен мирис и изгубено сетило за мирис – аносмија.

Постои посебна група на ринитиси во која влегуваат неколку типови, и тоа:
Идиопатски ринитис или вазомоторен ринитис, кој се јавува како последица на хиперреактивност на носната слузокожа на специфични причинители од типот на силни мирисни дразби, чад од цигари, издувни гасови, промена на надворешната температура и влажност на воздухот. Професионален ринитис е ринитис кој настанува како одговор на инхалирачки агенси од работната средина. Хормонски ринитис настанува како резултат на хормонска активност за време на бременост или пубертет. Симптоми на ринитис, т.е. реактивна ринореа може да предизвикаат и употребата на многубројни лекови, жешки пијалаци и храна, силни емоционални дразби.

Класичен тријас на симптоми на ринитисот се кивање, секрет од носот – ринореа и чешање на носот. Кај поленскиот ринитис се јавува и чешање во грлото, очите и често оди во комбинација со конјунктивитис – оток, црвенило на очите, солзење. Кај потешки форми може да се јави и главоболка, замор, намалена концентрација. Кај целогодишниот алергиски ринитис, освен претходно набројаните симптоми, предоминира затнатост на носот, што се должи на оток на носната слузокожа придружен со дишење на уста, додека поретко оди во комбинација со очна симптоматологија.
Акутниот ринитис или т.н. обична настинка најлесно почнува со гребење во грлото и носот, кивавица, појава на безбоен воденест секрет од носот кој постепено се згуснува и доаѓа до појава на затнат нос. Најчесто сите овие симптоми одат во комбинација со премаленост, главоболка, болка во мускули и неретко со благо покачена температура. Болеста е самоограничувачка и поминува најчесто за пет до седум дена.


Д-р Мирослав Бошковски
Дијагнозата на ринитисот се поставува претежно клинички и се заснова на типична анамнеза за алергиски симптоми – кивање, секрет од нос, позитивна фамилијарна алерголошка анамнеза, како и оториноларинголошки преглед со риноскопија и алерголошки тестови.
Алергискиот ринитис е чест педијатриски проблем кој се јавува претежно кај школските деца.

Избегнување на алергените е најдобриот начин во превенцијата и лекувањето на алергискиот ринитис, меѓутоа, во практика тоа е речиси неизводливо. Во зависност од тегобите и од типот на ринитисот зависи и начинот на лекувањето.
Постојат повеќе групи лекови кои се користат во третманот на ринитисот, кои најчесто дејствуваат како симптоматски лекови.
Кортикостероиди – моќни антиинфламаторни лекови кои особено се користат во третманот на алергискиот ринитис и тоа во форма на интраназални спрејови.
Орални антихистаминици – лекови од прв избор, кои дејствуваат како антихолинергици и ја намалуваат ринореата и кивавицата.
Топикални назални деконгестиви – силни деконгестиви во вид на капки и спрејови за нос кои се користат ограничен временски период.
Симпатомиметички амини (псевдоефедрини) – обично се користат системски, ги намалуваат симптомите доста ефикасно, но не треба да се земаат подолг период.

Во последно време постојат голем број клинички испитувања за ефективноста на екстракти од многу билки кои дејствуваат позитивно на симптомите на респираторниот тракт. Особено ефективна се покажала комбинацијата од билните екстракти од андрографис, бозел, драгољуб, рен, дивизма, вербена и линцура. Тие придонесуваат за одржување на нормална функција на респираторниот и имунолошкиот систем. Овие билни екстракти може да придонесат за намалување на симптомите на ринитисот и синузитисот како што се намалување на секретот кој се излачува и негово разводенување – муколитично и секретолитично дејство, намалување на затнатоста на носот – деконгестивно дејство, како и останатите симптоми на воспаление на носот – антиинфламаторно дејство. Секако, важни се и нивните антибактериски и антивирусни својства.

Пациентите треба да знаат дека при појава на симптоми на ринитис - настинка во никој случај самоиницијативно да не почнуваат со употреба на антибиотици, бидејќи не само што нема да помогнат, туку може да доведат до влошување на состојбата и развивање резистентност кон нив. Постојат голем број хербални и симптоматски медикаменти кои доста ефективно ги отстрануваат симптомите што се јавуваат кај ринитисот.



Автор: д-р Мирослав Бошковски, ПЗУ Др Денковски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот