X
 16.02.2022 Спорт

На кои првенства може да учествува Ѓоковиќ без да се вакцинира?

Новак Ѓоковиќ изјави дека нема да се вакцинира против коронавирусот дури и доколку тоа значи пропуштање на големите првенства во тенис. Со тоа, неговата цел да ја заврши кариерата со најмногу освоени првенства е под знак прашалник.

Тој веќе го пропушти Отвореното тениско првенство на Австралија минатиот месец откако не му беше дозволен влез во земјата бидејќи не е вакциниран.

Дали може да игра на Отвореното тениско првенство на Франција или на „Вимблдон“? Според мерките во моментов, во Франција треба да имате сертификат за вакцинација за влез во одредени сали. Министерката за спорт на Франција, Роксана Марасинону, минатиот месец изјавила дека професионалните спортисти што сакаат да се натпреваруваат во земјата треба да бидат вакцинирани, без исклучоци.


Фото: Novak Djokovic

Мерките може да бидат сменети за околу три месеци, кога се одржува првенството во Франција бидејќи државата ги укинува строгите правила за коронавирусот.

Кога станува збор за првенството „Вимблдон“, Обединетото Кралство планира да ги укине речиси сите мерки за коронавирусот до крајот на февруари. Според сегашните мерки, невакцинираните странски граѓани може да влезат во земјата доколку направат тестови пред и по пристигнувањето. Затоа, Ѓоковиќ не би требало да има проблем со учеството на „Вимблдон“.

Минатата година играчите биле во карантин и редовно се тестираа пред првенството, но не била задолжителна вакцинацијата.


Фото: Novak Djokovic

Кога станува збор за Отвореното тениско првенство на САД, според моменталните мерки, странските патници мора да бидат вакцинирани за влез во земјата, со мал број исклучоци. Овие исклучоци се за лица со валидни медицински причини за невакцинирање или итна или хуманитарна потреба за патување.

Доколку Ѓоковиќ не може да влезе во САД, нема да игра на повеќе првенства, како „Индијан Велс“ и првенството во Мајами следниот месец, како и Отвореното тениско првенство на САД во септември.

Во меѓувреме Ѓоковиќ се подготвува за учество на турнир во Дубаи кој треба да се одржи следната недела, а за кој не се бара вакцинација.

Тој би можел да се симне од првата позиција на светската листа со најдобри тенисери доколку не учествува на повеќето од првенствата.

Извор: Eurosport
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Спорт