X
 01.05.2020 Здравје

Градот што овозможи бесплатно тестирање за сите жители

Лос Анџелес нуди бесплатно тестирање за Ковид-19 за сите жители, со што стана првиот поголем град во САД што го направи тоа.

Имаме капацитет, не чекајте, не лутајте и не ризикувајте да ги заразите другите - истакна градоначалникот Ерик Гарсети на прес-конференција во средата.

Оваа можност од средата им е достапна на сите, а Гарсети додаде дека нема ограничувања во бројот на тестови што жителите можат да ги добијат.

Резултатите од тестирањата може да се очекуваат за 24 до 48 часа.

Гарсети на прес-конференција истакна дека тестирањето ќе биде достапно само за жителите на градот, но на градската интернет-страница е соопштено дека и жителите на округот Лос Анџелес можат да се пријават за бесплатен тест.

Оние што имаат симптоми ќе имаат приоритет, но Гарсети ги повика и асимптоматските жители на тестирање.

- Ако сметате дека ви треба тест, направете го. Ако сакате да бидете сигурни, направете го - рече тој.


Одлуката за проширување на достапноста на тестовите следува откако градот отвори повеќе локации за тестирање и утврди дека има вишок секоја вечер.

Во градот и во округот Лос Анџелес постојат 34 места за тестирање, со капацитет за тестирање на 18.000 лица дневно. На сите овие места се тестирани повеќе од 140.000 лица.

Здравствените експерти истакнаа дека државите треба да го зголемат тестирањето.

Извор: CNN
Насловна фотографија: Pixabay
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје