Аеродромот во Минхен денеска објави дека се откажуваат сите летови поради штрајкот на вработените утре, на денот на почетокот на Минхенската безбедносна конференција.
- Поради штрајкот, се откажуваат сите редовни патнички линии од петок во 00:00 часот до сабота во 1 часот по полноќ - стои во соопштението на операторот на аеродромот, во кое се додава дека се откажуваат повеќе од 700 авионски летови.
Се очекува тоа да создаде голем сообраќаен хаос во Германија бидејќи многу патници ќе се свртат кон алтернативните превозни средства.
На вработените на аеродромот во Минхен се очекува да им се придружат и нивните колеги од аеродромите во Бремен, Дортмунд, Хамбург, Хановер и Штутгарт.
Предвидени се само некои „посебни“ летови како хуманитарни, медицински и технички и летови со кои патуваат учесниците на Минхенската безбедносна конференција. Овој дипломатски собир ќе трае од утре до недела, а на него учествуваат голем број меѓународни претставници.
Вработените на седум германски аеродроми излегуваат на штрајк по повик од синдикатот, додека во меѓувреме има тешки преговори околу платите.
Штрајкот се случува додека трае спорот на синдикатот со сојузната влада и општините спроти новиот круг преговори за 12-месечниот колективен договор за вработени во јавниот сектор на 22 и 23 февруари.
Синдикатот Верди и Германското здружение на државните службеници бараат покачување на платата за 10,5 отсто или за минимум 500 евра за околу 2,5 милиони вработени во јавниот сектор.
Извор:
Buka