Во Тетово се штрајкува. Екстерно тестирање било спроведено само за 300 ученици кои следат настава на македонски јазик, додека учениците од албанските паралелки не го полагале тестирањето, известува „Нова ТВ“.
Претседателот на синдикалната организација на тетовската гимназија „Кирил Пејчиновиќ“, Хафезат Дервиши изјави дека тестирањето не било спроведено бидејќи професорите се во штрајк. „Затоа и го бојкотираме екстерното тестирање и нема да учествуваме во ваквото оценување на учениците. Поради овој начин на тестирање околу 30 професори од нашето училиште се на листа за казнување“, вели тој.
Штрајкуваат и професорите во медицинското училиште „Никола Штејн“ во Тетово. Во Економското и во Текстилното училиште екстерното било спроведено делумно, додека во Земјоделското училиште во градот, екстерното тестирање било реализирано според планираното.
Во Гостивар, исто така, екстерното тестирање не е реализирано целосно.
Во Техничкото училиште во Битола било спроведено екстерно тестирање на само пет ученици, и тоа од страна на заменски наставници, известува „Мета“.
Во истото училиште, вчера не беше спроведено тестирањето поради отсуство на учениците. Денес, на училиште не се појавиле ниту половина од учениците кои требало да полагаат екстерно тестирање, а и тие си заминале пред почетокот на тестирањето.
Во Битола се зголемува бројот на наставници кои му се придружија на штрајкот. Денес ним им се придружија и професорите од гимназијата „Јосип Броз Тито“.
Во текот на вчерашниот ден, екстерното тестирање беше делумно спроведено и во Кичево, а тестирање немало ниту во Струга и дел од кумановските училишта.
Од МОН порачуваат да им се овозможи тестирањето на учениците кои пристигнале во училиштата, поточно во ССОУ „Киро Бурназ“ во Куманово.
„Тоа предизвикува директна штета по однос на воспитно образовниот процес на учениците и подразбира ограничување на правото на понатамошно образование, односно упис и формализација на високото образование“, пишуваат тие.
„Затоа ги повикуваме членовите на СОНК и сите други одговорни лица во образовниот процес, да не експериментираат со учениците, да не ги злоупотребуваат, да не си поигруваат со нивните судбини и активностите да ги реализираат на начин преку кој нема предизвикаат реперкусии врз нивното образование.“
Од МОН дополнуваат и дека екстерното тестирање е успешно реализиран во средните училишта во Берово, Богданци, Македонска Каменица, Пробиштип, Маврово-Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа.
„Во општините Македонски Брод, Валандово, Велес, Виница, Гевгелија, Делчево, Демир Хисар, Кавадарци, Кочани, Кратово, Крива Паланка, Крушево, Липково, Неготино, Охрид, Прилеп, Радовиш, Ресен, Свети Николе и Штип, процесот е во фаза на реализација, а во некои училишта е и целосно закружен“, додаваат тие.
Според МОН, екстерното тестирање се одвива нормално во училиштата во Скопје, а пишуваат и дека полагањето е започнато во училиштата во Битола, иако претходно повеќе медиуми известија за отсуство на учениците и штрајк на голем дел професори на територијата на градот.
Според податоците од МОН, процесот е успешен во Струмица, а делумно е реализиран во Куманово, Тетово, Гостивар, Кичево и Струга.
Екстерна проверка на постигањата на знаењата на учениците започна со реализација на 26, а ќе трае заклучно со 30 јануари. Резултатите ќе бидат објавени на 2.2.2015 година.