X
 16.02.2023 Наука

Во Британија пронајдена стапалка од диносаурус долга еден метар

На британскиот „Брег на диносаурусите“ е пронајден рекордно голем отпечаток од диносаурус. Стапалката, долга речиси еден метар, е најголема од ваков тип откриена во Јоркшир.

- Најинтригантната одлика на ова откритие е долгата трага зад стапалото - она што го нарекуваме метаподиум. Тоа значи дека нашиот голем месојадец веројатно се одморал клекнат тука во калта пред да стане и да остави вечен отпечаток зад себе. Забавно е да се замисли како овој диносаурус шета по калливата крајбрежна рамнина во едно мрзливо неделно попладне во периодот јура - истакна палеонтологот Дин Ломакс од Универзитетот на Манчестер.

- Не можев да поверувам кога го видов, морав двапати да проверам. Претходно наидов на некои помали отпечатоци, но ништо слично - раскажува Мери Вудс, археологот што го пронајде отпечатокот.

На овој брег се најдени илјадници стапалки од диносауруси, како и многу фосили, но отпечатокот со три прсти е еден од само шесте такви забележани тука. А првиот од нив бил откриен во1934 година.

- Ова важно откритие дополнително докажува дека џиновските месојадци талкале на овој дел од земјата за време на периодот јура. Видот на стапалката, во комбинација со неговата старост, укажува дека го направил диносаурус од расата мегалосаурус или сличен на него - појасни геологот Џон Хадсон.

Мегалосаурус бил еден од најголемите грабливци на своето време - имал голем череп и остри заби. Можел да достигне и до 8-9 метри во должина.

Наодот им овозможи на научниците да ги проучат обликот на стапалките, бројот на прстите, трагите од канџи, како и остатоците од кожата од диносаурусот. По работата на фосилизираниот отпечаток, властите ќе го изложат во музеј.

Извор: МИА

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука