Периодот на жалење и погребот на кралицата Елизабета Втора завршија, па се прават планови за крунисувањето на кралот Чарлс Трети. Последен пат Велика Британија имаше крунисување на монарх пред 70 години, на 2 јуни 1953 година. Тогаш кралицата Елизабета беше крунисана на возраст од 27 години.
Кралот Чарлс Трети ќе биде крунисан во церемонија во 2023 година, иако застана на тронот веднаш по смртта на неговата мајка, на 8 септември. Се вели дека Чарлс треба да има помала церемонија во споредба со онаа на неговите претходници, пренесува „Индепендент“.
Кога ќе биде крунисувањето на Чарлс Трети?
Крунисувањето треба да биде на церемонија во Вестминстерската опатија на 3 јуни 2023 година. Чарлс ќе наполни 74 години истиот месец и ќе биде најстарата личност што ќе биде крунисана во британската историја.
Зошто Чарлс Трети сака помала церемонија?
Се вели дека новиот монарх е многу свесен за кризата со трошоците за живот што погодува многу луѓе во земјата. Затоа, церемонијата за неговото крунисување ќе биде пократка, помала и поевтина од онаа на кралицата Елизабета Втора. Според медиумите, церемонијата за крунисувањето на Чарлс Трети ќе трае малку повеќе од еден час, во споредба со над три часа за церемонијата на неговата мајка.
На настанот ќе присуствуваат 2.000 гости, што е помалку од над 8.000 гости што присуствувале на крунисувањето на Елизабета Втора. Одредени ритуали ќе бидат прескокнати за да се заштеди време, а некои ќе останат. Се вели дека церемонијата нема да наложува толку строги правила за облекување како порано, а за разлика од неговата мајка, Чарлс веројатно нема да се пресоблекува повеќепати.
Модерното крунисување се очекува да биде и културно и религиски поразлично, па затоа се планира да се вклучат членови на повеќе религии.
Крунисувањето на Чарлс Трети ќе биде пренесувано на телевизија, како и крунисувањето на неговата мајка.
Извор:
Independent
Насловна фотографија:
Facebook