X
 16.03.2019 Наша тема

Образовниот систем е токсичен за талентираните и надарени деца. Како да им го најдеме лекот?

Целта е јавните ресурси да ги насочиме кон конкретни нешта што го менуваат општеството, што носат видлив резултат. Да креираме национална програма за развој и поддршка на талентирани деца. Да им дадеме можност, поддршка на училиштата, наставниците и родителите и академската заедница, вели Јован Деспотовски, директор на Фондот за иновации и технолошки развој

Од 20 илјади примени апликации на меѓународен натпревар ја избрале неговата, но овој ученик не можел да учествува бидејќи неговите родители не можеле да го платат трошокот... Наставници, родители и нивните талентирани ученици тропаат од врата на врата по институциите за да може да заминат на натпревар по математика, физика, хемија. Често не успеваат... Наставничка не знае како да се справи и што да го учи второодделенецот кој напамет множи два трицифрени броја и знае сѐ за галаксиите и настанокот на светот... Татко се расплака пред цела сала говорејќи за сите маки што ги поминал со неговиот надарен син. Ниту образовниот систем ниту државата му помогнала да сфати што се случува со неговото дете и какви потреби има...

Ова се само дел од примерите со кои надарените и талентирани деца се соочуваат секој ден, а беа раскажани на панел-дискусијата што ја организира Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР) во соработка со порталот Факултети.мк на тема „Развој и поддршка на талентирани деца“.


Токсично образование

„Образовниот систем е токсичен за талентираните и надарените деца“, беше еден од заклучоците на дискусијата. Овие деца често не се препознаени, па дарбата е потисната наместо да се искористи за општо добро. Каква поддршка всушност им е потребна на талентираните и надарените деца?

Антонио Андоновски лани освои бронзен медал на Меѓународната олимпијада по хемија. Сега е студент на Институтот по хемија на Природно-математичкиот факултет. За него најголем проблем било обезбедувањето средства за да замине на натпреварите.

- За учество на Олимпијада потребно е подолг период да се собираат средства. На моменти може да биде тешко не само за професорите-ментори, туку и за самите ученици. Во 2017 година требаше да заминеме во Тајланд, а немавме доволно средства. Сето ова ни предизвикува непотребен стрес. Наместо да мислиме на подготовките, ние мислиме на тоа како ќе заминеме на Олимпијада - вели тој.

Антонио е задоволен од образованието што го добил, како во основно така и во средно училиште. Вели дека наставниците се една од клучните алки кога се во прашање талентираните ученици.

- Сум имал многу добри наставници и професори кои ми излегле во пресрет. Сите тие ми помогнале да научам многу повеќе, но и да се изградам како личност - вели тој.

Доцент д-р Миха Буклески: „Ако финансиите се решат, ќе ни биде многу полесно“

И неговиот ментор, доцент д-р Миха Буклески од Институтот по хемија, објаснува дека најголемиот проблем се финансиите. Ако се отстрани неизвесноста дали и оваа година ќе успеат да обезбедат средства за да заминат на Олимпијада, сѐ би било поинаку.

- Тоа е најгорливиот проблем за нас. Доаѓаме во ситуација да мора да им кажеме на учениците да бараат спонзорства за да заминеме некаде на натпревар. Ако финансиите се решат, ќе ни биде многу полесно, ќе можеме да се фокусираме на најважното - подготовките - вели Буклески.

Тој потенцира дека начинот на кој сега се поставени работите не функционира. Често не знаат во која институција да се обратат. Затоа е важно да се формира некакво тело кое ќе се грижи за овој дел.

- МОН се оградува дека не е надлежно, а со Агенцијата за млади и спорт ги имаме истите проблеми. Оваа препрека е толку комплексна, што на крај никој не е одговорен. Се обраќаме секаде, а не добиваме помош од никаде. Ако се локализира ова прашање на едно место, да се формира некое тело каде што би можеле да се обратиме, би било подобро. Но, мора добро да се осмисли како ќе функционира тоа - објаснува тој.
Кога се во прашање надарените и талентираните ученици, Буклески смета дека клучно е нивното препознавање уште во основно образование. А за тоа е потребен квалитетен наставен кадар.

Атанасов: Нашиот систем на образование е срушен

Заменик-министерот за образование и наука Петар Атанасов на дискусијата истакна дека законските решенија во земјава нудат неколку механизми за поддршка на талентираните ученици - преминување во повисоко одделение, советот на наставници може да изготви посебна програма за работа, а за жал, тоа ретко се случува, додатна настава предвидена за учениците што сакаат да научат повеќе. Има и паричен надоместок за учениците кои освојуваат медали, а и стипендии за талентирани ученици.

И така повторно се враќаме на основниот проблем - државата на ниту еден начин не обезбедува пари за да можат децата да заминат на Олимпијада, за да освојат медали. Атанасов ветува дека во новиот закон за основно образование ќе се воведе нов член кој ќе се однесува на покривање на трошоците за учество на Олимпијада. Тој за Факултети.мк вели дека е добра идејата да се направи некакво тело или структура што ќе може поинтензивно да се занимава со оваа тема. Сепак, од тоа што го слушнал на панел-дискусијата, најдобра е идејата во секое училиште да има по еден наставник што ќе се занимава со овие поубави работи што носат развој.

- Ако има наставник кој прво ќе ги идентификува овие таленти, да им понуди помош, веројатно подобра би била идентификацијата на тие деца. За да може еден ден да ни вратат - дали тука, дали глобално. Не сум за тоа да се бирократизираат потезите кога се во прашање талентираните и надарените, но можеби е добра идејата да се формира некое тело за да ги развиваме идеите. Парите за патувања најдобро е да се даваат според некакво системско законско решение - вели Атанасов.


Во својот говор тој истакна дека нашиот образовен систем е уништен. Од аспект на заменик-министер за образование, го прашуваме дали е песимист дека нештата ќе се средат.

- Сакам да се средат, да направиме систем на образование, да произведуваме квалитет. Ако го направиме тоа, ќе му направиме голема услуга на ова општество. Нашиот систем на образование е срушен, не прави квалитет и ние не знаеме што произведуваме. Треба да го стегнеме, имаме многу погрешни луѓе во овој систем, погрешни процеси. Се инвестираа милиони евра во погрешни проекти. Мораме да работиме со луѓето, со наставниците, а тие со децата. Да им помагаме. Ние имаме многу креативни наставници, но треба да ги намножиме и да им дадеме поддршка. Во овој момент произведуваме многу слаб квалитет, тоа го покажуваат меѓународните тестирања - вели Атанасов.

Едно тело што ќе ги води активностите со талентираните

Професорот Љупчо Кеверески од Педагошкиот факултет на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ во Битола смета дека треба да се формира едно национално тело кое ќе ги синхронизира активностите поврзани со талентираните ученици, кои сега се раширени на повеќе места.

- Тоа тело треба да изготви национален документ, концепт. Треба да се формираат регионални центри според принципот на Хрватска и Словенија кои ќе работат на оваа област. Педагозите и психолозите во земјава речиси немаат инструменти за идентификација на надарени и талентирани ученици, а тоа е првото ниво. Тие треба да се снабдени со овие материјали. Потребно е и формирање на училиштен тим за следење на развојот на талентираните, или училиштен коодинатор - смета Кеверески.


Проф. д-р Љупчо Кеверески

Ана Попризова, училиштен психолог во скопската гимназија „Орце Николов“, раскажа неколку примери за ученици кои не можеле да заминат на Олимпијада бидејќи нивните родители не можеле да го покријат трошокот.

- Во тие тимови има деца и од приватните училишта, па се случувало тие да заминат на натпреварот, а учениците од „Орце“ да не може да одат. Одговорноста и чувството што ги имам во тие моменти... не сакам да ги доживеете. Ова е добар пример за тоа што прави нашиот систем во поддршката на талентираните ученици - вели Попризова.

Таа истакна дека и самите наставници одат по државни институции, невладини организации, приватни компании за да бараат финансиска поддршка.

- Како да им се каже на децата и на родителите дека државата нема ни 300 евра да ги прати на патување во една „Петница“. Како да му се каже ова на дете чија апликација поминала филтер од 20 илјади апликации. Неговата е примена, а тој не може да оди. Ова е нешто со кое секојдневно се соочуваме - вели Попризова.

Таа вели дека секој што бил во настава за 10 минути може да процени дали некој ученик има талент или надареност. Но, нема мотивираност кај наставниот кадар да менторира талентирани ученици. Системот не прави ништо за да ги мотивира наставниците, ниту да ги едуцира како да постапуваат со талентирани деца.

Учениците, родителите и академската заедница знаат што им треба

Јован Деспотовски, директор на ФИТР, објасни од каде потекна идејата токму тие да се занимаваат со проблемите на талентираните деца и како ќе тече процесот на изготвување на програмата.

- Нè поттикна предизвикот да се реформира целото општество. Се случуваат многу реформи на политички план, меѓутоа, треба да се надополни и со еден дел кој подразбира подлабоки реформи во општествената свест. Тука мислам, меѓу другото, и како државата ги третира најмалите. Цело време зборуваме дека младите се иднината на оваа држава, па се жалиме дека тие си заминуваат оттука. Но, никој не прашува кои се причините за тоа. Тие се сведуваат на: „Знаеш, нема работно место и нема добра плата“. Но, причините се многу покомплексни и се појавуваат многу пред прашањето за работно место. Како татко на 4 деца, можам да кажам дека многу работи навистина недостигаат и имаме одговорност да ги направиме - вели Деспотовски.


Фондот ја презеде иницијативата да ги собере во една просторија академската заедница, дел од релевантните институции кои имаат своја улога во делот на развој на таленти, учениците, родителите. Деспотовски вели дека сите тие имаат што да кажат, со кои пречки се соочуваат, што недостига - Некако сѐ функционира изолирано, само за себе и, за жал, не е поврзано во системот. Оваа сесија е само почеток. Ќе имаме уште неколку вакви дискусии во други градови. Идејата е секој следен пат да одиме со малку поконкретни сесии, со предлози како да ги решиме проблемите. За некаде пред почетокот на летото да имаме горе-долу дефиниран концепт - објаснува тој.

Првото нешто што ќе произлезе е како да изгледа една национална програма за поддршка на талентирани деца, што сѐ треба да содржи, од аспект на инструменти.

- Дали треба да имаме само стипендии, дали е потребна и програма за поддршка на меѓународни натпревари, предизвик за млади истражувачи, можност за дополнително образование преку учество на летни школи итн. Вториот аспект е некој да ги постави тие критериуми и како тоа ќе функционира. Со тие два елемента Фондот во соработка со МОН ќе ја преземе обврската да ја протурка таа иницијатива низ структурите на одлучување во државата, пред сѐ, во Владата и секако да се обезбеди буџет за тоа. Да пробаме веќе до крајот на годината да пилотираме. Не е целта да формираме нова институција, не ни треба уште еден фонд или министерство. Целта е да имаме програма и да им дадеме можност на академската заедница, училиштата, наставниците и родителите да учествуваат во едно идно советодавно тело кое ќе ја следи програмата или можеби ќе управува со неа - вели Деспотовски.

Подготвил: Милена Атанасоска-Манасиева / milena.atanasoska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема