X
 16.03.2021 Образование

Интервју со Пјер Жименез, директор на ЕФИС: На нашите ученици им нудиме квалитетно образование

Започнавме со уписите за наредната учебна година и навистина има голем интерес кај родителите и учениците. Сè што треба да направат заинтересираните е да испратат барање за запишување на info@efis.mk. Во моментов има запишување за градинка (од 2 години) и секако за основното училиште, почнувајќи од 6 години

Почит, солидарност, работливост и отвореност. Ова се вредностите на кои се учат децата што се образоваат во француското интернационално училиште ЕФИС. Оваа образовна институција, која нуди современо образование и дипломи кои се признаени во целиот свет, овозможува работа во мали групи, поврзување на училишниот успех со развојот на самостојната работа, а крајната цел е да се оформат идни одговорни возрасни лица.
И во услови на пандемија на Kовид-19, училишното раководство функционира добро, согласно строг санитарен протокол. За она што го нуди градинката, но и основното училиште, за уписите што претстојат, како и за идните планови на институцијата, разговараме со директорот на ЕФИС, Пјер Жименез.

Француското интернационално училиште со години успешно работи во земјава. Како функционира во услови на пандемија?

- Нашето училиште постојано се развива. За време на мојата прва година овде, во Скопје, во ЕФИС, доживеавме пад на бројот на ученици поради пандемијата на Ковид-19, но луѓето гледаат дека работиме добро и редовно и имаме нови уписи. Се разбира дека не работиме во нормални услови поради пандемијата, но кој може, нели? Сепак, ние успеваме да функционираме доста добро. Нашите ученици и вработени следат строг санитарен протокол и успешно ги реализираме француските програми без да заостануваме (па дури и го надоместивме доцнењето од минатата учебна година, поточно периодот март-јуни). И покрај сложениот контекст, ние ги следиме и реализираме целите, а една од нив е нашите ученици да бидат извонредни. Главната цел, сепак, останува да им овозможиме на нашите ученици да имаат меѓународно признаени француски дипломи.

Она што е интересно е што Вашата институција има посебен протокол и правила на однесување кои треба да се почитуваат. Како изгледаат?

- Усвоивме многу детален протокол кој ни овозможи училиштето да функционира со комбинирана настава во  септември. Главните точки се дека учениците и наставниците од прво одделение, па нагоре секогаш треба да носат маска. Ученичките клупи се на растојание од 1,5 метар. Училишните одмори се во различен временски интервал за секое одделение, така што учениците од различни одделенија не се гледаат меѓу себе. Годинава за основното училиште немаме школски ресторан бидејќи сепак е доста ризично, а во градинката таа можност постои и најголем дел од децата ја користат услугата. Поголемиот дел од часовите се одвиваат наутро во училиштето, а помал дел попладне на далечина. Овој протокол овозможува училиштето непречено да работи со максимално присуство во училиште и секако со големи барања од учениците. Овој протокол е добар и досега никој од нашите ученици не бил болен, иако, нели, нула ризик не постои.

Дали има можност загрижените родители да не ги носат децата на училиште и наставата да се следи од дома?

- Нашите ученици имаат 26 часа неделно. Годинава наставата во училиштето се одвива од 08:30 до 13:00 часот. Учениците имаат 22,5 часа настава во училиштето, а другите 3,5 часа се на далечина со помош на алатката „Зум“. На загрижените родители или на оние што имаат деца со здравствен ризик им овозможивме наставата да ја следат од дома. Во тој случај тие ја следат целата настава според распоредот преку алатката „Зум“.



Кај вас секогаш има голем интерес за упис и во градинката и во училиштето. Кога ќе се реализираат уписите за претстојната учебна година?

- Навистина е така. Започнавме со уписите за наредната учебна година и навистина има голем интерес кај родителите и учениците. Сè што треба да направат заинтересираните е да испратат барање за запишување на info@efis.mk. Формуларот за упис ќе им биде испратен и треба да ни се врати пополнет. Во моментов има запишување за градинка (од 2 години) и секако за основното училиште, почнувајќи од 6 години. Во план ни е да направиме одделение за деца кои воопшто не го зборуваат францускиот јазик, а сакаат да ни се придружат во нашето училиште. Станува збор за интензивни часови по француски јазик. Откако ученикот ќе го достигне потребното јазично ниво, ќе може да им се придружи на учениците во соодветното одделение.

Како директор на оваа образовна институција, што е она што ќе биде во фокусот на Ваш интерес во периодот што следува?

- Имаме повеќе цели. На краток рок, сакаме да ја завршиме учебната година во најдобри можни услови (без ковид-случаи). За следната година, сакаме да продолжиме да им нудиме на нашите ученици квалитетно образование. Исто така, продолжуваме со акредитацијата на предметната настава од шесто до деветто одделение. На среден рок, сакаме да се преселиме за да можеме да примаме повеќе ученици. Сакаме да останеме блиску до сегашниот сектор (Карпош), но да продолжиме да се развиваме во поголеми простории. На долг рок, ќе видиме како ќе растат бројките на уписи, но сакаме да имаме француска гимназија во Скопје.
Подготвил: Антонија Поповска / antonija.popovska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование