X
 01.04.2020 Живот

Зошто Тајван стана проблем за Светската здравствена организација?

Тајван се смета за едно од ретките места во светот што успешно го спречија ширењето на коронавирусот без користење драконски мерки. Но, и покрај напорите, земјата сè уште не е член на Светската здравствена организација поради нејзините сложени односи со Кина.

Сето ова експлодира во текот на викендот кога еден висок официјален претставник на СЗО не сакаше да одговори на прашањето во врска со Тајван во ТВ-интервју што стана вирално, привлекувајќи критики, па дури и обвинувања за пристрасност.

Што се случи?


Во саботата телевизијата Ар-ти-ејч-кеј од Хонг Конг емитуваше интервју со Брус Ајлорд, генералниот помошник-директор, кој разговарал со новинарката Ивон Тог преку видеоповик.

Во текот на интервјуто Тонг прашува дали СЗО ја преиспита одлуката да му дозволи на Тајланд да ѝ се приклучи на организацијата. Брус долго време молчи, а потоа вели дека не може да ја слушне, барајќи од неа да постави друго прашање.

Новинарката повторно го притиска, велејќи дека сака да разговара за Тајван. Во овој момент Брус ја прекинува врската. Кога врската повторно се воспоставува, новинарката повторно го прашува, на што Брус вели:

 - Мислам дека веќе разговаравме за Кина.

Каква е врската на Тајван со СЗО?

Реакцијата на Брус се смета за индикација за непријатниот однос што СЗО го има со Тајван. Членството во СЗО е дозволено само за земјите што се членки на Обединетите нации, кои не го признаваат Тајван, или чии апликации се одобрени од Светското здравствено собрание.

Ова значи дека Тајван е исклучен од итни состаноци и важни глобални експертски брифинзи за пандемијата. Тајванскиот официјален претставник Стенли Ко вели дека на островот му била одбиена дозвола да присуствува на годишните состаноци на Светското здравствено собрание во последните неколку години

Исто така, ова значи дека СЗО ги наведува статистичките податоци за коронавирусот на Тајван заедно со Кина, потег што Ко вели дека предизвикува неточни и ненавремени информации за пандемијата.

Исклучувањето, заедно со пофалбата од СЗО за одговорот на Кина кон епидемијата, што експертите за јавно здравје го критикуваа, доведе до тоа некои да ја обвинат организацијата за политичка пристрасност кон Кина.

СЗО е далеку од единствено глобално тело што исклучува или официјално не го признава Тајван - другите големи тела ги вклучуваат Меѓународниот комитет за олимписки игри и Меѓународната организација за цивилно воздухопловство.

Но, од сите групи СЗО можеби е најважна за Тајван, кој се смета дека го има еден од најдобрите здравствени системи во светот.

Зошто исклучувањето на Тајван е проблем?


Тајван постојано критикува кога и да е исклучен од глобално тело, велејќи дека е неправедно и дискриминаторски. Овој пат го даде истиот коментар, додавајќи дека е потребна глобална соработка повеќе од кога било.

- Се надеваме дека преку оваа епидемија СЗО ќе препознае дека епидемиите немаат национални граници, никој не смее да биде изоставен, затоа што секое место што ќе се изостави, би можело да стане дупка - изјави министерот за здравство на Тајванд, Чен Ши-чунг.

Исто така, Тајван истакна дека научил многу лекции од управувањето на епидемијата што може да ги сподели со светот. Островот постојано е пофален за брзото реагирање и мерките што ги спроведе за време на епидемијата, што е релативно контролирана и има малку смртни случаи.

Мерките вклучуваат драстична забрана на летови од Кина и наметнување карантини на патниците многу рано, што експертите велат дека се клучни за запирање на ширењето.

- Исто така, Тајван се фокусира на тестирање на лицата за кои постои сомнение дека имаат коронавирус, а добро се снаоѓа и во следење на контактите и социјалното дистанцирање - вели професорот Бенџамин Коулинг, епидемиолог на Универзитетот во Хонг Конг.

Извор: ВВС
Фото: Screenshot/YouTube
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот