Не сме сите уметници, но сите можеме нешто да нацртаме, скицираме или да направиме некои форми на уметничка работа, на различно ниво.
Некои од нас се природно повеќе надарени од другите, но не е важно. Ако уживате во тоа, правете го. Не мора од него да заработувате за живот. И ако не сте сигурни дека уживате во уметноста, сепак правете ја. Не само што постои можност да ви се допадне, туку и постои можност да бидете ментално поздрави.
Истражувањата покажуваат дека музиката и уметноста може да имаат позитивен ефект врз психолошките состојби. Уметноста може да ја подобри благосостојбата на пациентите со рак на дојка. Во едно истражување, уметноста ги намалила негативните емоции и ги подобрила позитивните.
Уметноста може да го подобри целокупното здравје и благосостојба, нудејќи форма на одвлекување на вниманието, подобрување на сопствениот идентитет и обезбедување на социјална мрежа за оние со хронична болест.
Фото: Printscreen
Неодамнешно истражување од 2016 година откри дека создавањето на уметност може значително да ги намали нивоата на стрес, без оглед на тоа дали човек има уметнички талент или искуство.
- Тоа е суштинската идеја на уметничката терапија: секој е креативен и може да биде експресивен во визуелните уметности кога работи во амбиент полн со поддршка - вели истражувањето.
Експериментот
39 студенти (33 жени и 6 мажи) на возраст од 18 до 59 години биле вклучени како дел од истражувањето. Имало разновидна застапеност на расите: 18 учесници изјавиле дека имаат ограничено претходно искуство во уметноста, 13 имале некакво искуство, а 8 големо искуство.
Истражувањето вклучувало сесија од 1 час, од која 15 минути биле искористени за согласност и собирање на податоци пред и по сесијата. Останатите 45 минути се користеле за уметност. Креативниот израз имал секаква форма: колажи, моделирање со пластелин, глина и слично.
Користејќи ги, учесниците создале слика по нивен избор. Присутен бил уметнички терапевт во собата за да одговори на било какви прашања. Биле земени и примероци од плунка пред и по експериментот, за да се тестираат нивоата на кортизол. Кортизолот е биолошки показател поврзан со стресот. Колку е повисоко нивото на кортизол, толку повеќе стрес има една личност.
Не само што била извршена статистичка анализа, туку и учесниците биле замолени да дадат краток писмен опис на нивното искуство.
- Беше релаксирачко искуство. По 5 минути се почувствував помалку вознемирена. Не бев толку опседната за работите што не сум ги направила или што требаше да ги направам. Уметноста ми овозможи да ги ставам работите во перспектива - изјави една жена.
Резултатите
Нивоата на кортизол биле значително пониски по
сесијата. 75 отсто од луѓето покажале пониско ниво на кортизол. Помладите покажале поголемо намалување на нивото на стрес отколку постарите по уметничкиот процес.
И додека некои од нас се природно надарени од другите, тоа воопшто не е важно. Создавајте уметност и сфатете дека од тоа имате големи придобивки.