X
 16.04.2018 Образование

Државните факултети водат, таму одат над 80 проценти од студентите

Податоците од Државниот завод за статистика укажуваат дека во последните неколку години интересот за упис на приватните факултети е горе-долу ист. Се движи од 12 до 13 проценти

Речиси 80 отсто од идните студенти што учествуваа во нашата онлајн-анкета го избраа државното образование наспроти приватното. Само 7,8 проценти од анкетираните планираат да се запишат на приватен универзитет. Нашата анкета покажа и дека 10,7 проценти ќе се обидат да се запишат на државен, а ако не им успее, ќе одат на приватен факултет.
И податоците од Државниот завод за статистика се поклопуваат со резултатите од нашата анкета бидејќи во последните години над 80 отсто од студентите студираат на државните универзитети. Податоците укажуваат дека во последните неколку години интересот за упис на приватните факултети е горе-долу ист. Се движи од 12 до 13 проценти.

Но, има значително опаѓање ако се спореди со академската 2009/2010 година, кога 21 процент од студентите се запишале на приватни високообразовни институции. Таа година од запишани вкупно 57.894 студенти, 78,7 проценти се одлучиле за државните високообразовни установи. Лани од вкупно запишани 58.083 студенти, 86,6 отсто се запишале на државните високообразовни установи, додека 13 проценти на приватните универзитети.


Фото: KolektifPress

Што ги привлекува, а што ги одвраќа матурантите при изборот меѓу приватен и државен универзитет?
Од одговорите на студентите може да се заклучи дека најголем дел избираат да се запишат на државен факултет поради ограничените финансии, но исто така голем број веруваат дека таму има поголем квалитет. Сѐ уште постои верувањето дека полесно се доаѓа до диплома на приватен универзитет.
- Сметам дека иако дипломите од приватните факултети се интернационално признати, не се споредуваат со квалитетот од државните факултети затоа што таму има поголема конкуренција и не може да се „купи“ дипломата – одговорила идна студентка на нашата анкета.



- Моите родители не би можеле да одвојат 2.000 евра годишно за приватен факултет - стои во одговорот на матурант од Битола.
 - Државните универзитети имаат поголем избор на области што мене ме интересираат, па затоа им придавам важност. Повеќе професионален кадар кој ќе даде основа за мојата идна професија. Поевтини студии, а поголем квалитет – вели друга матурантка.
- Сметам дека со државен факултет ќе имам поголема предност при вработување.
- Ќе одам на приватен факултет бидејќи нуди подобри можности од државниот. Знам дека трудот што ќе го вложам ќе ми се цени и нема оценките да ми зависат од волјата на професорот или, пак, од работната позиција на моите родители – вели иден студент од Скопје.
Подготвил: Милена Атанасоска-Манасиева / milena.atanasoska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование