Помладите, особено оние што се на факултет, посакуваат повеќе положени испити, но и политичарите да бидат млади и образовани, без желби за личен интерес.
- Да станам подобра во мојата работа, да ме унапредат, да добијам стипендија за мастер надвор од земјава или да добијам понуда за работа и да се иселам, вели една студентка
За неколку дена ќе ја пречекаме Нова година, вторпат во услови на пандемија. Иако раздвиженоста по трговските центри, кафулињата и рестораните е зголемена, новогодишната еуфорија е далеку од онаа на која со години бевме навикнати.
Додека дел од европските држави деновиве воведуваат нови рестрикции во обид да го спречат ширењето на сојот омикрон, во земјава нема најава за таква опција, ниту, пак, препораки за останување дома.
Но, какви се размислувањата на граѓаните, дали се подготвуваат за пречек на Новата година?
Резултатите од анкетата што деновиве ја спроведе Факултети.мк за плановите за новогодишната ноќ, покажаа дека над 70 отсто од граѓаните нема да ја пречекаат Новата година во ресторан, хотел или дискотека, главно поради ризикот од зараза со ковид-19 во затворена просторија.
Помалку од 30 отсто би ја прославиле оваа вечер во угостителски објект зашто сметаат дека не можат вечно да бидат изолирани и да бегаат од социјализацијата со други луѓе.
Анкетата беше анонимна, а на неа свои размислувања забележаа околу 400 граѓани.
Најголем дел од граѓаните посакуваат во новата година да имаат добро здравје, но и конечно да заврши пандемијата на ковид-19.
- Сите болни да оздрават. Да се среди ситуацијата со короната во целиот свет и конечно да можеме да живееме нормално и да има многу патувања - вели еден од анкетираните.
Друг посакува во Македонија да има помалку корупција, повеќе нормални услови за живот.
- Многу здравје и среќа на луѓето. Политиката да се смени на подобро, економијата да е во пораст зашто ние, работниците, платата ја трошиме за три дена. До крај на месецот не можеме да се прехраниме, а не, пак, да ни остане нешто за реновирање или за годишен одмор. Тоа е невозможно. Кај нас е така, кој краде има, тој што работи чесно, едвај преживува. Конечно тоа треба да се смени - вели тој.
Сепак, многумина сметаат дека треба да се зголеми оптимизмот меѓу граѓаните.
Помладите испитаници, особено оние што се на факултет, посакуваат повеќе положени испити, но и политичарите да бидат млади и образовани, без желби за личен интерес.
- Да станам подобра во мојата работа, да ме унапредат, да добијам стипендија за мастер надвор од земјава или да добијам понуда за работа и да се иселам - вели една студентка.
Ризикот е голем, мерките нема да важат по неколку пијачки
Оние што не планираат да ја прослават оваа ноќ во кафуле или ресторан, велат дека тоа не би го направиле зашто не се почитуваат мерките за заштита, има метеж, а 90 отсто од гостите би биле со лажен сертификат за вакцина.
- На затворено, без маски, а по две-три пијачки ќе има гушкање и бакнување. Не, благодарам - заклучуваа еден од нив.
Друг смета дека не се исплати таков ризик за потоа да се разболиш од ковид-19.
Но, има и такви што велат дека новогодишната ноќ нема да ја поминат во некој од угостителските објекти затоа што не се вакцинирани.
- На тој начин би го довел во ризик и сопственото и здравјето на своите најблиски - вели еден од анкетираните.
Трет, пак, посочува дека прославата на новогодишната ноќ е луксуз во време на пандемија.
- Дополнително би претставувало и огромно оптоварување на домашниот скромен буџет, во пресрет на неминовната енергетска, економска и здравствена криза - објаснува еден од анкетираните.
Вирусот го има секогаш и насекаде, не само за Нова година
Оние што веќе резервирале место во некој од угостителските објекти, велат дека можноста за зараза ја има насекаде, не само во кафулињата и во рестораните.
- Сите угостителски објекти се полни преку цела недела. Можноста од зараза ја има секаде и секогаш, не само за новогодишната вечер. И на работа и во продавница може да се заразиме. Ни здодеа веќе седењето дома - додаваат тие.
Еден од нив вели дека бројките на заразени изминатите два-три месеци на дневна основа постојано се движат околу 300 лица.
- Практично немавме четврти бран иако вирусот беснееше во нашето соседство и низ Европа. Тоа ме тера да заклучам дека ние многу веројатно веќе имаме постигнато колективен имунитет и ковид-19 кај нас е преминат во ендемска фаза - заклучува тој.
Немаме култура за прослави на плоштад
На прашањето: Дали сте „за“ организиран пречек на Нова година на плоштад? одговориле 400 испитаници, од кои 60 отсто или 240 анкетирани одговориле со „не“, а 40 отсто или 160 испитаници дале позитивен одговор.
Поголемиот дел сметаат дека славењето во кои било услови, со можност за контакт со повеќе луѓе, е непотребно зашто омикронот не е детектиран, ама во секое време може да се појави.
- Децата ни се задушуваат во маски во училиште, а ние да бидеме собрани на дочек за Нова година на сред плоштад. Мизерија и срамота - вели еден од соговорниците.
Многумина сметаат дека главна причина што нема да одат на плоштад е тоа што нема доволно култура кај голем процент од тие што одат таму.
- Едноставно не знаат да се однесуваат на јавен простор, секој мисли дека може да се однесува како што сака. Нема почитување на околината, нема елементарна социјална култура. Викаат, се дерат, се туркаат, газат, петарди на секој чекор, само внимаваш некој да не те ограби, турне, полее со алкохол, изгори со цигара, а по настанот глетката е тажна и депресивна, наоколу само смет и смет и секоја година е сѐ полошо и пострашно - вели друг.
Нова година на отворено може да го крене духот кај луѓето
Иако во помал број, многу испитаници сметаат дека на отворено, со дистанца, нема ризик од заболување, а може и маска да се носи.
Една од оние што одговорија дека би отишле да прослават на плоштад вели дека тоа е единствениот начин заедно со мајка ѝ да излезат од дома и да се расположат.
- Така можам да ја однесам и мојата постара мајка да се израдува, да не седиме двете сами дома. А и таа веќе две години не излегла од дома. Не можам да ја однесам во ресторан поради ковид-19, а и на плоштад е бесплатно - додава таа.
Друга, пак, смета дека надвор е безбедно, а на луѓето им е потребно да им се крене моралот и духот за време на празниците.
- Сѐ уште немаме присуство на омикрон. А, секогаш е поинтересно во добро друштво со добра музика - додава таа.
Петардите и инцидентите ги плашат граѓаните
На прашањето: Дали сметате дека е безбедно да славите на плоштад, 56 отсто или 224 анкетирани одговориле со негативен одговор, а 44 отсто, или 176 испитаници одговориле со да.
Оние што сметаат дека е безбедно, велат дека на отворен простор е мала можноста да се заразат.
- Нема ризик од зараза на вирусот на отворено, единствено што може е да се настине од студеното време - додаваат многумина.
Друг, пак, смета дека на доволна дистанца на отворено е далеку побезбедно отколку да бидат собрани 10 до 20 луѓе дома во една просторија.
Сепак, велат дека на плоштад на отворено постојат ризици поради употреба на петарди, разни пиротехнички средства и огнено оружје, како и од немили настани и инциденти, какви што во минатото се случувале.