X
 16.04.2018 Култура

Кој бил првиот англиски збор?

Кој бил првиот англиски збор? Бидејќи јазикот исчезнува во воздухот во моментот кога ќе почне да се зборува, тешко е да се каже кога започнал одреден јазик.

Но ако постојат артефакти, можеме да добиеме идеја за неговите почетоци. Најраниот англиски збор за кој постои запис бил откриен за време на археолошкиот ископ во близина на Норвич, Англија, на почетокот на 30-тите години. Бил напишан на древна рунична скрипта врежана на коската на елен: „раихан“ (raihan). Но што значи овој збор?

Лингвистичка енигма

Друга причина зошто е тешко да се каже кога започнал еден јазик е тоа што јазиците генерално не се материјализираат, туку се развиваат од други, веќе постојни јазици. Кога латинскиот официјално станува француски или шпански или италијански? Во случај на англискиот јазик, прашањето е кога предокот - германскиот јазик станал англиски?

Кога го барате првиот англиски збор, најлогично е да се запрашате кога германскиот јазик првпат дошол до местото каде што англискиот на крајот ќе се развие и ќе процвета?

Коската „раихан“ била пронајдена во урна за кремирање на гробиштата во селото Кајстор Св. Едмунд и датира од почетокот на 5 век. Ова било пред голема јазична пресвртница во историјата на англискиот: доаѓањето на Англосаксонците во Британија. Пред англосаксонските инвазии во 449 година луѓето зборувале некаков келтски јазик, помешан со латински од Римјаните. Англосаксонците ги однеле нивните германски јазици, а стотици години подоцна станале доминантни во областа и зазеле форма на стар англиски јазик.

Коската веројатно датира од пред Англосаксонците, на некој вид германски јазик. Кој го направил овој натпис? Членови на некое германско племе што работеле за Римјаните? Изнајмени војници? Сè уште е мистерија. Но „раихан“ е првиот физички документ за почетокот на англискиот јазик.

Што значи зборот?


Значењето на зборот „раихан“ исто така е мистерија. Буквата „н“ на крајот од зборот изгледа како вид присвојна наставка што ја имале некои од германските јазици тогаш. Би можело да значи „Raiha's“ како „Ова му припаѓа на Раиха“. Или би можело да биде поврзано со коренот „rei“, што би можело да значи сечење или боење.

Сепак, најверојатно е дека значењето е самото животно. На староанглиски зборот roe-deer е „раха“ или „раа“. „Раихан“ е различен, но не толку поинаков за да не може да се промени во „раха“ со текот на времето.

Друг поим за значењето на зборот е улогата на коската. Урната во која била пронајдена содржела голем број други помали коски од овци или кози. Заедно, формирале множество парчиња за играње игра. Употребата на малите коски во игрите била древна и раширена практика. Коската на еленот била поголема, полирана и гравирана со збор. Можеби била награда во некоја игра, слично како кралот во шахот.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура