X
 16.04.2019 Живот

Основачот на „Алибаба“ вели дека прекувременото работење е огромен благослов

Основачот на „Алибаба“, Џек Ма, предизвика лавина негативни коментари откако изјави дека младите луѓе треба да ја сметаат работната култура на прекувремено работење како огромен благослов.

Во порака до вработените минатата недела Ма рече дека многу работници немаат можност да работат дополнителни часови на работа, па оние со ваква опција треба целосно да ја искористат.

- Лично мислам дека способноста да се работи „996“ е огромен благослов - изјави Ма. Таканаречениот „996 распоред“ се однесува на работење од 9 часот наутро до 9 часот навечер, 6 дена во неделата.

Ма предизвика уште поголема расправија во дебатата околу рамнотежата помеѓу работата и животот што се појави меѓу кинеските технолошки работници во последниве недели.

џек ма
Фото: Getty Images


Минатата недела активисти на веб-страницата на „Мајкрософт“ - „ГитХаб“ поставија група за дискусија наречена „996.ICU“, укажувајќи на тоа дека вработените што работат според овој распоред може да завршат на интензивна нега (ICU - intensive care unit).

- Многу компании и многу луѓе немаат можност да работат „996“. Ако не работите „996“ додека сте млади, кога ќе работите? - изјави Ма.

54-годишниот поранешен наставник, кој денес е еден од најбогатите луѓе во Кина, истакна дека тој и неговите коосновачи работеле долги часови во почетоците на „Алибаба“. Според него, посветеноста е од витално значење за успехот на компанијата.

- Дозволете ми да ве прашам, ако не вложите повеќе време и енергија од другите, како можете да го постигнете успехот што го сакате? Јас воопшто не се каам што работев 12 часа на ден, никогаш не би го променил тој дел од мене - изјави Ма.

Неговите коментари наидоа на критики на интернет затоа што многу луѓе сметаат дека прекувремените часови се огромен благослов за работодавците, а не за работниците.

- Да, за него се благослов. Ама не и за неговите вработени - пишува еден корисник на „Редит“.

Ма не е сам кога станува збор за ваквото размислување. Во ноември и основачот на „Тесла“, Илон Маск, страстен застапник на долги работни часови, објасни дека никој не го променил светот со работење 40 часа неделно.

Сепак, Џек Ма ги ублажи своите коментари велејќи дека одлуката за прекувремена работа треба да биде на вработените, а не да биде принудена од работодавците. Компаниите што се обидуваат да ги принудат ваквите практики се „глупави“ и осудени на пропаст.

- Никој не сака да работи во компанија што ги тера работниците на „996“. Не само што е нехумано, тоа е нездраво и неодржливо на долг период - пишува тој на веб-страницата за микроблогирање „Веибо“.

- Ако пронајдете работа што ја сакате, тогаш проблемот „996“ не постои; ако не сте страсни во врска со вашата работа, секоја минута од работењето ќе ви биде мачење - додаде тој.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот