X
 16.04.2024 Технологија

Предвидувања на Никола Тесла што се остварија досега

Генијот Никола Тесла (1856-1943) потпишал речиси 700 патенти, а неговите предвидувања за иднината го направиле вистински пророк.

Еве ги сите негови предвидувања што се остварија:

Електрични автомобили

Тој сфатил што ќе се случи во иднина, а биле потребни „само“ 118 години за предвидувањата на Тесла да се претворат во реалност од страна на сопственикот на истоимената компанија и еден од големите иноватори на денешницата, Илон Маск.

Во 1930 година Никола Тесла конструирал мистериозен автомобил кој работел со помош на антена и две чудни метални прачки кои излегувале од „енергетски приемник“ монтиран под контролната табла. Оригиналниот бензински мотор на автомобилот бил заменет со кружен, целосно затворен електричен мотор. Автомобилот бил тестиран една недела и без никаков напор достигнал брзина до 144 километри на час. Автомобилот не испуштал издувни гасови, но по еднонеделно тестирање, мистериозниот „приемник“ бил отстранет и електричниот мотор бил заменет со оригиналниот бензински мотор. Она што се случило подоцна останува голема мистерија.

Безжичен интернет

Познато е дека Тесла бил голем поборник за безжичната технологија, на која многу работел, иако често наидувал на недоразбирање и отпор од научната заедница.

- Кога безжичниот пренос на електрична енергија ќе стане комерцијален, целосно ќе се смени начинот на транспорт и начинот на пренос на информации. На крајот на краиштата, веќе сме сведоци на пренос на слики на пократки растојанија. Пред 30 години не верувавме дека е можно такво нешто. Во иднина, самите принципи нема да се променат, само технологијата дополнително ќе се развива - изјавил тој уште во 1926 година во едно од интервјуата.

Паметни телефони

Тесла замислил безжичен уред кој ќе поддржува и телефонска технологија и ќе работи преку мрежа како интернетот. Неговиот опис на уредот од 1926 година звучи исто како паметен телефон:

- Кога безжичната технологија ќе се прошири, целата Земја ќе се претвори во еден „голем мозок“. Ќе можеме да комуницираме кога сакаме, без разлика на оддалеченоста. И не само тоа, туку со помош на телевизија и телефон ќе можеме совршено да се гледаме и слушаме, без разлика на оддалеченоста, која може да биде и неколку илјади километри, а инструментите кои ќе ни овозможат да го направиме тоа ќе бидат многу едноставни во споредба со денешните телефони. Човек ќе го носи телефонот в џеб - рекол Никола Тесла.

Технологија на дронови


Тесла тврдел дека воздушните бродови на електричен погон ќе превезуваат патници од Њујорк до Лондон за три часа, патувајќи 13 километри над Земјата. Тој, исто така, тврдел дека овие бродови ќе црпат енергија од атмосферата и никогаш нема да имаат потреба од полнење гориво.

- Воздушните бродови ќе бидат без пилоти и ќе се користат за превоз на патници до одредени дестинации или за далечински контролирани воздушни напади - рекол тој. Многумина веруваат дека денешните дронови се базирани на оваа технологија на Тесла.

Летечки возила

Во 1911 година, во интервју за „Њујорк хералд“, легендарниот пронаоѓач открил дека работи на авион што ќе ѝ пркоси на гравитацијата.

- Мојата машина нема да има ниту крила ниту пропелери. Кога ќе ја видите на земја, нема ни да погодите дека станува збор за летало. Сепак, таа ќе лета со брзина која досега не била постигната и ќе биде многу безбедна. Исто така, ќе може долго да левитира в место и покрај силниот ветер - изјавил Тесла.

Летечката машина на Тесла требало да се напојува од бесплатен енергетски систем, за разлика од другите авиони кои ја добиваат енергијата од нафта. Овој изум ја имал истата судбина како и неговиот проект за бесплатна електрична енергија.

- Го предвидувам развојот на летечката машина подолго од автомобилот и очекувам Форд да даде голем придонес во таа област. Ќе се реши проблемот со паркингот и изградбата на долги патишта - изјавил тој во едно интервју.

Магнетна резонанса

Во 1900 година Никола Тесла ја објавил врската помеѓу телото и електромагнетизмот. 50 години подоцна било утврдено дека телото репродуцира електромагнетни бранови, а 75 години подоцна бил создаден целосно неинвазивен уред за магнетна резонанса преку кој со скенирање на телото се откривале болести во рана фаза и со тоа се продолжил човечкиот живот.

Во далечната 1896 година Тесла го направил првиот рендген, кој во тоа време бил наречен „Рендген“, буквално правејќи нешто што се нарекува дијагностика на телото. Своите наоди му ги доставил на Вилхелм Рентген, кој продолжил да ги усовршува додека не станат употребливи, а писмото во кое Рентген му се заблагодарува на Тесла датира од 1901 година, што е клучен доказ за нивната соработка.

Жените и моќта

Друга работа што Тесла ја предвидел во истото интервју е дека мажите ќе станат инфериорни во однос на жените.

- Оваа борба за родова еднаквост ќе заврши со нов поредок во кој жените ќе бидат супериорни. Оваа еднаквост, а подоцна и супериорност, нема да се постигне преку плитка физичка имитација, туку преку будење на женскиот интелект - изјавил Тесла.

Извор: 6yka.com
Фото: Wikipedia
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија