Познато е дека Никола Тесла имал необични и несекојдневни навики. Сепак, повеќето ги практикувал за подобро да му работи мозокот, а ова се некои од најчестите.
- Уште откако „Њујорк тајмс“ во март 1916 година објавил дека големиот пронаоѓач банкротирал, тој престанал да излегува во јавност. За да заштеди енергија, го ограничувал и своето движење низ собата. Критичарите велеле дека повеќе му треба психијатар отколку Нобелова награда, а наметливите новинари кои своевремено го нарекувале господар на молњата пишувале дека вселената паднала врз главата на големиот научник.
Ништо од тоа не го погодило Тесла. Знаел дека сето ова нема врска со него. Боговите го испратиле да го осветли светот, и тој го направил тоа. Неговите светилки го забрзале развојот на индустриското општество, а Тесла верувал дека ќе умре несфатен и не сакал повеќе да се плетка со луѓето. Вистината ќе дојде и редот ќе биде повторно воспоставен, Тесла цврсто верувал во тоа - пишува во репортажата „Живот на генијот“ објавена во списанието „Нешнл џиографик“.
Познато е колку Тесла бил посветен на работат и декa целиот свој живот го посветил на своите изуми. Како резултат на тоа, кај него се родиле навики кои биле невообичаени за луѓето од тоа време. Невообичаени се и за нас денес, но сега знаеме колку овие навики придонеле за човештвото.
Долго размислување
Тесла често велел дека може да замисли машини и ретко правел нацрти пред да почне да работи на нивната изградба. Овој процес на визуелно размислување не е карактеристичен за сите луѓе, но основната идеја е концентрацијата пред вистинската изведба.
Во својата автобиографија Тесла го опишал овој процес.
- Мојот метод е различен. Не брзам со конкретна работа. Кога ќе добијам идеја, веднаш почнувам да ја градам во мојата имагинација. Ја менувам конструкцијата, работам на поправки и управувам со машината во мојата глава. За мене е целосно ирелевантно дали ќе ја тестирам турбината во мојата глава или во работилницата.
Прошетка
Неколку студии потврдија дека одењето на кратка прошетка придонесува за подобра креативност. Се чини дека и Тесла го имал истото мислење. Иако неговите прошетки станале дел од опсесивно-компулсивното однесување, тој дошол до идеи за неколку негови изуми додека пешачел.
Никола Тесла се преселил во Будимпешта во 1881 година. Во тој град закрепнувал од нервен слом и често шетал со пријател и рецитирал поезија. При една од тие прошетки се родила идејата за наизменична струја.
Проблемите решавајте ги во самотија
Како и многу иноватори и креативци, Никола Тесла ја застапувал тезата дека треба да се биде сам за време на создавањето и размислувањето. Еден од неговите познати цитати е:
- Умот е поостар и поконцентриран во непрекината осаменост. Не е потребна голема лабораторија за размислување. Оригиналноста доаѓа од самотијата, која нè ослободува од влијанијата што му штетат на нашиот креативен ум. Бидете сами, тоа е тајната на пронаоѓачите, тогаш се раѓаат идеи - рекол тој еднаш.
Извор:
6yka.com
Фото:
Wikipedia