X
 17.11.2017 Наука

Невозможно е да се предвиди како ќе еволуираат луѓето

Познато ни е како изгледале неандерталците – масивна коскена структура, црвеникава коса, дамчеста кожа, долг череп. Научниците во моментов анализираат ДНК на луѓето што ја населиле Европа пред 7000 и 8000 години. Тие изгледале различно од неандерталците – имале темна кожа и најверојатно светлосини очи. Оваа комбинација исчезнала од стара Европа, а сега луѓето имаат светла кожа и кафени очи.


Овие луѓе биле фармери и зависеле од млеко, го имале генот за толеранција на лактоза кој недостига кај старите ловци. Тие јаделе помалку месо отколку оригиналните Европејци, па така зависеле од млекото и од сончевите зраци поради витаминот Д. Што се однесува до темните луѓе со сини очи, тие исчезнале од Европа.

Ова е приказна за брзата човечка еволуција. Новите начини на живеење – фармите, одгледувањето производи и стока наместо ловење, довеле до брза експанзија на гените кои ги искористиле овие културолошки приспособувања. Темната кожа најверојатно има потекло од заеднички предци од Африка, што можело да биде пречка ако повеќето калории доаѓале од житните култури отколку од месото од дивите животни, богато со витамин Д. Сините очи останале, иако формата на генот за сина боја на очите е рецесивна и лесно преплавена од алели за кафени очи. Па така, не може да се утврди точно кога, но за одредено време старите Европејци почнале да изгледаат различно.

Како што организмите се адаптирале на промената на еколошките услови низ милениумите, така видовите се развивале и еволуирале. Овој процес е познат како природна селекција, или диференцијална репродукција, која значи дека организмите што најдобро се адаптирале на одредени околности им пренесуваат повеќе гени на следната генерација отколку нивните помалку адаптирани членови од истиот вид. Постојаната промена, пак, зафаќа поголем временски период. Но некогаш еволуцијата се случува брзо, дури за само една генерација.

Брзата промена, минлива или долготрајна, едноставно се рефлектира врз интензитетот на селекцијата, која вклучува предаторство, топлина, студ, паразити. Тешките времиња може да значат истребување на некои видови, или брза еволуција за други. Но, за да се овозможи брза еволуција, мора да се има доволно генска варијација, присутна во основниот генски базен за селекција, велат експертите. Гените за светла кожа ги потиснале гените за темна кожа бидејќи тие гени подобро одговарале на европската средина и на новиот начин на живот. Способноста на човечкиот мозок за соработка во групи ја поттикнала можноста за социјална комплексност и еволуција на човечкиот ум. Како што се менува климата, така локалните варијации на човечкиот изглед се фаворизирани на начини кои уште не ни се познати.

Човечката еволуција никогаш не престанала. Некои ќе изгледаат подобро, а некои ќе имаат поголеми шанси за да преживеат. Тоа е основата на природната селекција. Па така и адаптацијата и еволуцијата се случуваат постојано. Како вид, невозможно е да се каже дека еволуираме во одредена насока, но на локално ниво, адаптацијата и природната селекција секогаш функционираат, приспособувајќи нè на секакви закани – нови болести, климатски промени, социјални процеси.
Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука