X
 28.10.2020 Колумни

Колумна: Човечкиот лик на Никола Тесла - нашиот омилен научник

„Имам чувство дека сум првиот кој слушна поздрав од една планета до друга“ – Никола Тесла, 1901 година

Автор: Мирко Тодоровски

Испитувајќи електрични празнења во лабораторија во Колорадо Спрингс во 1899 година, Никола Тесла забележал интересни електрични сигнали преку отскокнување на стрелките на својот супер сензитивен (за тоа време) 102 dB инструмент. Резултатите толку ќе го изненадат, што животот по овој настан нема веќе да му биде ист. Во недостиг на подобра опрема, како и доволно слободно време (за кое ќе зажали во подоцнежните години од животот) не можел целосно и подробно да ѝ се посвети на својата цел.

Фото: Wikipedia

По тој повод, во своето писмо до американскиот Црвен крст, на нивно прашање одговара со следното (писмото го преведуваме во целост):

До: Американскиот Црвен крст

Историјата е величествена, иднината инспиративна: Многу може да се каже за двете. Но, една идеја доминира со мојот ум. Ова – мои најмили- е за вашата благородна цел.
Вршев опсервација на електрични празнења, кои изгледаа необјасниво. Колку и да беа неизвесни, ме убедија дека не е далеку времето кога сите луѓе на оваа планета ќе ги впериме своите очи кон небото, чувствувајќи љубов и почит, одушевени од веста: „Браќа! Имаме порака од друга планета, непозната и далечна. Пораката гласи: еден... два... три...“

Писмото е испратено на Божиќ (според православниот календар) - 7 јануари 1900 година.
Никола Тесла почина точно на овој датум, 43 години подоцна.

Во објавени документи за своите „сигнали од Марс“ Тесла ги опишува своите наоди од таа топла летна ноќ кога ги вршел истражувањата, кои денес од стручни тела се нарекуваат пионерски чекори во радиоастрономијата. Тесла пишува:

„...Дури и сега, одвреме-навреме, магловитo се сеќавам на инцидентот, и го гледам апаратот како да е пред мене. Моите први опсервации позитивно ме исплашија, бидејќи во нив имаше нешто мистериозно, да не речам натприродно, а јас бев сам во мојата лaбораторија ноќе... Промените што ги забележав беа периодични, со прецизни повторувања кои сугерираа дека станува збор за број и ред на кои не можеше да им се најде изворот од ниедна позната причина. Бев запознаен, се разбира, со слични електромагнетни зрачења што потекнуваат од Сонцето, аурора бореалис и Земјините струи и бев сигурен (колку што може да им се верува на фактите) дека овие варијации не беа предизвикани од истите... Помина некое време кога ми светна во умот дека сигналите што ги сведочев можеби се резултат на интелигентен извор. Иако не можев целосно да го дешифрирам нивното значење, беше невозможно да се мисли дека се сосема случајни. Чувството дека јас бев првиот човек што слушна поздрав од една планета до друга постојано расте во мене. Имаше цел во овие електрични сигнали; и со тоа убедување им одговорив на Црвениот крст кога ме прашаа да идентификувам едно од најголемите можни откритија во следните сто години: дека можеби тоа ќе биде јавното признание и објава на меѓупланетарната комуникација која како предизвик стои пред нас. Враќајќи се во Њуjорк, ме пречека итна работа која го преокупира целото мое внимание, но никогаш не престанав да мислам на тие искуства од опсервациите во Колорадо. Цело време се трудам да ги унапредам моите апарати и веднаш штом ќе можам, ќе продолжам со своите истражувања таму каде што застанав, бидејќи бев принуден да одложам...
Апсолутна потврда на приемот и размена на пораки ќе биде постигната кога ќе одговориме со бојот „четири“, како одговор на сигналот „еден, два ,три“.

Најголемата желба на Никола Тесла не била истражување на Земјата, туку истражување на универзумот и потоа наоѓање на смислата и позицијата на Земјата во него. Живеел со уверение дека комуницирајќи со друга интелигентна цивилизација, нашата мисија ќе биде олеснета.

Фото: Instagram

*Професор Краус во 1956 година ќе ги открие електромагнетните зрачења кои во последователен ред доаѓаат од Јупитер и зависат од аголната позиција на неговиот природен сателит Ио.
**Околу 100 години подоцна, во 1996 година Кенет Л. Корум и Џејмс Ф. Корум ќе објават текст (од 81 страница) во кој ќе ги објаснат „сигналите од Марс“ на Тесла како електромагнетни зрачења од Јупитер и аголната позиција на Ио.
***Скратена верзија на оваа публикација можете да симнете на следниот ЛИНК.

П.С. Целта на оваа колумна не е да претстави научно точни податоци кои можете да ги најдете во стручна литература, туку да го претстави човечкиот лик на нашиот омилен научник.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Колумни