X
 16.04.2026 Здравје

Дали може да се пренесе глутен преку бакнеж?

Глутенот е група на протеини, проламини и глутелини, кои природно се наоѓаат во пченицата, 'ржта, јачменот и нивните хибриди како што е спелтата. Дејствува како „лепило“ кое на тестото му дава еластичност и структура, а се наоѓа во пекарските производи, тестенините и преработената храна. 

Глутенот може да предизвика здравствени проблеми како целијакија - доживотно, хронично автоимуно заболување кај кое внесувањето глутен го активира имунолошкиот систем, оштетувајќи ја слузницата на тенкото црево. Тоа доведува до намалена апсорпција на нутриенти, предизвикувајќи симптоми како дијареја, надуеност, анемија и замор. Единствениот лек е строга, доживотна безглутенска исхрана.

Дали може да се пренесе глутен од едно на друго лице преку бакнеж?

За луѓето што живеат со целијакија, стравот од изложување на глутен може да се прошири и на моментите на интимност. Новата студија, водена од Американското гастроентеролошко здружение, нуди охрабрувачки вести - иако глутенот може да се пренесе со бакнување, пренесената количина е многу мала и може да се намали на безбедни нивоа со едноставен, превентивен чекор.

Целијакијата е автоимуно нарушување кое погодува приближно 1 отсто од популацијата. Внесувањето глутен - дури и без непосредни симптоми - може да предизвика оштетување на цревата, што бара доживотно придржување до строга диета, без глутен. Претходните студии покажаа дека стравот од случајно изложување може да доведе до анксиозност и изолација, особено кога се во прашање партнерските врски или состаноците.

Што покажаа тестовите по бакнежот?

Во првата студија истражувачите го испитаа преносот на глутен кај 10 пара, од кои секој се состоеше од еден партнер со целијакија и еден без. Дводелната студија проценуваше дали глутенот, кој го консумирал партнерот без целијакија, може да се пренесе преку бакнеж со отворена уста, кој вклучува размена на плунка – и ако е така, дали количината претставува значаен ризик.

Во два протоколи на бакнување, партнерот без целијакија изел 10 крекери, а потоа го бакнал својот партнер со целијакија. Во едното сценарио партнерите чекале пет минути пред бакнувањето. Во второто, спроведено наредниот ден, партнерот без целијакија испил 110 мл вода веднаш откако ги изел крекерите, а потоа го бакнал својот партнер.

Резултати: 
Нивоата на глутен во плунката беа под 20 дела на милион (ppm) кај 90 отсто од сите примероци, што е праг кој се смета за безбеден за производите без глутен.
Само две од 20 изложувања на бакнување поминале над 20 ppm, а дури и во тие случаи вкупната количина на внесен глутен била занемарлива. Ниту еден примерок од плунка не поминал над 20 ppm кога партнерот без целијакија испил 110 мл вода пред бакнувањето. Всушност, 60 отсто од примероците на плунка по пиењето вода воопшто не содржеле забележителна количина на глутен (под 5 ppm).

Извор: eklinika
Фото: freepik

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје