X
 16.08.2024 Здравје

Нов опасен вирус пристигна во Европа: Го нарекуваат „вирусот на мрзливоста“, а еве кои се симптомите и како се пренесува

Болеста предизвикана од вирусот „Оропуче“, слична на вирусот зика, првпат е откриена во Европа, а ги погодила луѓето во Шпанија, Италија и Германија. Овој вирус, кој се шири низ Америка, предизвикува загриженост кај здравствените експерти поради можните ефекти што може да ги има врз бременоста, слични на оние предизвикани од вирусот зика.

Според Европскиот центар за превенција и контрола на болести, во јуни и јули оваа година биле пријавени 19 случаи на заболување предизвикано од вирусот „Оропуче“ меѓу патниците кои се враќале од Куба или Бразил.

Овој вирус се пренесува преку мали мушички, познати како „Culicoides paraensis“ и комарци. Иако прогнозата за закрепнување е добра и смртните случаи се исклучително ретки, вирусот може да предизвика симптоми слични на вирусот зика, вклучувајќи ненадеен почеток на треска, болки во мускулите, чувствителност на светлина, болка во очите, повраќање и осип. Во околу 4% од случаите, вирусот може да го зарази нервниот систем, предизвикувајќи воспаление околу 'рбетниот мозок и мозокот, или во самиот мозок. Меѓутоа, повеќето луѓе се опоравуваат во рок од неколку дена до еден месец.

Многу опасно за бремени жени

Бразил неодамна објави неколку случаи за кои експертите се сомневаат дека биле пренесени од мајка на фетус за време на бременоста, што довело до негативни исходи, вклучувајќи губење на бременоста и микроцефалија, состојба во која главата на бебето е значително помала од просекот. Иако сè уште се недоволно потврдени, овие случаи се причина за загриженост и поттикнале понатамошни истражувања од страна на американските центри за контрола и превенција на болести (ЦДЦ) и Панамериканската здравствена организација.

Вирусот „Оропуче“ за прв пат бил откриен во 1955 година во Тринидад и Тобаго и оттогаш предизвикува појава на болести во различни земји од Јужна и Централна Америка и Карибите. Оваа година, покрај Бразил, болеста е забележана и во Боливија, Колумбија, Перу, додека Куба ги пријави првите познати случаи.

Важно е да се напомене дека вирусот не се пренесува директно од човек на човек, но луѓето најчесто се заразуваат од каснувањето од страна на мувата „Culicoides paraensis“. Неколку видови комарци исто така можат да го пренесат вирусот на луѓето. За среќа, овие мушички не се присутни во Европа, а експертите нагласуваат дека до денес нема докази оти европските мушички или комарци можат да го пренесат вирусот, што ја прави можноста за локално ширење на вирусот во Европа многу неверојатно.

Сепак, ризикот од заразување со вирусот за време на патувањето во погодените области се смета за „умерен“, а експертите препорачуват патниците да преземаат мерки на претпазливост како што се употреба на средства за заштита од инсекти, носење облека и панталони со долги ракави и користење мрежи против комарци во простории кои не се соодветно заштитени или климатизирани. Во моментов не постои вакцина против вирусот „Оропуче“.


Иако ризиците од инфекција со вирусот за време на бременоста сè уште не се целосно разбрани, експертите препорачуваат да се применат истите безбедносни мерки како и за спречувањето инфекција со вирусот зика, кој се шири во истите области и има јасно дефинирани ризици за бремените жени.

Некои медиуми го нарекле вирусот „вирусот на мрзливоста“, бидејќи се верува дека мрзливиот „Bradypus tridactylus“ е клучниот домаќин на вирусот, при што инсектите го пренесуваат вирусот од мрзливците на луѓето и обратно. Сепак, главните животински домаќини на вирусот „Оропуче“ сè уште не се потврдени, а потенцијалните носители вклучуваат различни диви птици и неколку видови мајмуни, како што се капучините и мајмуните завивачи.

Извор: klik.hr

Фото: YouTube screenshot

Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје