Комуницирам со моите колеги и пријатели од сите континенти. Мило ми е што 99 проценти се добро и не се зафатени од оваа мистерија. Имаше 2-3 заразени со вирусот, но го поминале лесно. Многу е важно да сме свесни за ситуацијата и да им дадеме поддршка на здравствените работници, вели нашиот пијанист со светско реноме
Триесетина концерти му се откажани до крајот на летово на маестро Симон Трпчески. Меѓу нив и турнеја низ Австралија, Сингапур, концерт посветен на Бетовен во Штутгарт во годината кога го слави цел свет, како и северноамериканската премиера на „Македонисимо“ во Отава, Канада. Но, ќе помине и ова чудо, вели нашиот пијанист со светски глас.
Како му е на големиот уметник чиј животен стил во последните десетина години налага многу патувања, настапи, отсуство од Македонија и од семејството. Периодов на изолација, заедно со својата сопруга Даниела и трите деца, го поминува во нивниот дом во Ново Лисиче. Неговиот последен концерт во странство беше на 7 март.
Имам контрола врз мојот професионален живот
Маестрото вели дека одлично му дошло што периодов е дома и што малку го смирил ритамот, со оглед на тоа дека нешто помалку од половина година е во странство. Иако работи со менаџерски тимови за различни делови од светот, сепак, тој вели дека сака да има увид во својот живот и затоа периодов доста време троши во комуникација заради откажување концерти, летови, други професионални обврски.
Симон Трпчески: Си ја средив и домашната дискотека
- Тоа одзема многу време и енергија. Половина од денот го поминувам во мислење и реорганизација на овие работи. Работам со менаџмент од Лондон, германско-англиска организација која е задолжена за моите концерти низ светот, но имам и локални менаџери во Шпанија, САД... Невозможно е да се грижам сам за тоа и уметникот во принцип е задолжен за подготвување на програмите. Иако јас сум човек кој во принцип е комплетно во тек со работите и апсолутно сум вклучен во сите комуникации бидејќи морам да имам контрола врз својот живот - вели Трпчески.
Тој е ангажиран и со активности на социјалните медиуми, внимателно избира што да постира на својот фејсбук-профил, прави избор од огромните материјали. Со постови им дава поддршка на здравствените работници, на колегите низ светот.
- Комуницирам со моите колеги и пријатели од сите континенти. Мило ми е што 99 проценти се добро и не се зафатени од оваа мистерија. Имаше 2-3 заразени со вирусот, но го поминале лесно. Многу е важно да сме свесни за ситуацијата и да им дадеме поддршка на здравствените работници - вели тој.
Гледам филмови доцна навечер
Периодов прави и анализа и истражување на репертоарот. Вели дека има услови за да вежба, но не го прави тоа доволно, толку колку што сака, поради многубројните обврски.
- Останатиот дел од денот се трудам да го поминам со фамилијата, со децата. Да си поиграме, да гледам некој филм во доцните часови - вели пијанистот.
Дури и во домашни услови, слободно време останува многу малку, со оглед на тоа дека Симон и сопругата имаат три деца – Лара (10), Андреј и Стефан (3). Вели дека во периодот кога беа во сила построгите мерки со своето семејство ги користел двата часа пред полицискиот час за да свртат круг околу маалото.
-Ново Лисиче е една од најубавите градски населби, имаме доста зеленило. Нормално, со носење маски во повеќето од случаите и без општење со луѓе или кога тоа беше спонтано, природно и човечки, го правевме на дистанца. За време на оваа самоизолација само еднаш или двапати сум отишол надвор од Скопје. Бидејќи преку ден телевизорот е зафатен со цртани филмови, кои воопшто не ми пречат, гледам филмови навечер. Си средив доста работи во дискотеката, библиотеката. Слободното време се трудам да го поминам со фамилијата, што повеќе да си играме. Имам уште филмови што сакам да ги изгледам, вклучувајќи и некои македонски - вели Трпчески.
Настап на Трпчески во Прага (фото: КултурОп)
Тој е љубител на документарни филмови, најмногу ги гледа на Би-би-си и на „Енимал планет“.
- Повторно уживам во „Бушава азбука“, а пред некое време на МТВ начекав емисии за нашата народна и забавна музика. Тоа ми предизвикува прекрасни чувства, враќање на спомените и гордост за тоа што го има Македонија. Особено ме радува што излезе детскиот проект на македонски јазик „Светот на Биби“. Дел од нашиот домашен ритуал, задолжително секојдневен, се ТВ-епизодите, како и книгите. Дада Лара од нив им прави театар на братчињата. Честитки за целата екипа која работи на овој проект. Убаво е кога македонскиот јазик се изучува и гае преку вакви проекти. Меѓу другото, на тој начин најмалите граѓани на оваа вековна земја им се вткајува дел од коренот кој треба да го знаат, сакаат и чуваат - смета маестрото.
Тој додава дека сѐ уште не сум направил пресек на некои фудбалски натпревари, голови што сака да ги види, но ќе најде време во наредните три месеци.
- Ме чекаат и книги од мојата сфера што сакам да ги прочитам - споделува маестрото.
Вклучен сум во школските обврски на Лара
Во периодов на реализација на онлајн-настава во семејството Трпчески има еден ученик. Лара е петто одделение во приватното училиште „Интернешнл плејскул“.
- Сопругата е поконстантно вклучена во учењето. Посветата на образованието на децата е нешто највредно. За прашања по одреден материјал се вклучувам кога има потреба. Многу сум задоволен како во ова училиште го продолжија образовниот процес, кој имаше прекин од само еден ден. Посебно сум им благодарен на наставниците, кои им се целосно посветени на децата да имаат квалитетно поминато време и дома. Како семејство, се трудиме да ја поттикнуваме индивидуалноста и одличните резултати го покажуваат тоа. Животот е борба, така ме учеше татко ми. И треба работа за да стигнете до резултатот што ќе ве направи горд - категоричен е Трпчески.
Го средивме и возниот парк, се шегува Трпчески
Близначињата Андреј и Стефан во нормални услови одат во градинка. Симон вели дека со нив најмногу сака да си игра.
- Тие се постојано активни и секојдневно учат. Децата се неверојатни сунѓери. Уште малку ќе направат 4 години. Да не беше короната, родендените најверојатно ќе ги славевме во Перт, Австралија. И не ни е жал за тоа. Дома е најубаво - вели тој.
Трпчески посакува целата ситуација да се нормализира што поскоро, но спремен е да имаме и малку необично лето.