X
 16.06.2023 Живот

Добитниците на „Оскар“ не ги поседуваат статуетките што им се даваат на церемонијата

За луѓето во филмската индустрија освојувањето „Оскар“ не е само како чест, туку и сигурен начин за напредување во кариерата. Освојувањето статуетка често се претвора во поголема финансиска компензација за добитникот, барем кога станува збор за големите пет категории. Агентите и менаџерите проценуваат зголемување од 20 отсто на платата на актерот откако ќе освои „Оскар“.

Меѓутоа, не се заработуваат многу пари од добивањето на самата статуетка. Во реалноста, ако некој добитник на „Оскар“ некогаш се обиде да ја продаде својата награда, најверојатно нема да заработи повеќе од еден долар. Плус, купувачот најверојатно ќе биде самата Академија.

Но, треба да знаете и дека добитниците на „Оскар“ не ги поседуваат статуетките. На некој начин тие само ги позајмуваат наградите од Академијата на неодредено време. Уште од 1951 година на оние малкумина среќници што ќе успеат да го освојат тој толку посакуван трофеј од Академијата за филмски уметности и науки целосно им е забрането да го продаваат на трети лица, барем не без претходно да ѝ го понудат на Академијата за сума од 1 долар. Исто така, забрането им е да ја фрлат статуетката, без разлика дали ја фрлаат в ѓубре или ја донираат во добротворни цели. Правилото, кое е напишано во правилникот на Академијата, важи и за наследниците на победникот. Но, како и зошто Академијата одлучи да ги ограничи материјалните права на добитниците на „Оскар“ кога станува збор за нивни награди? Како изгледала трговијата со „Оскар“ пред 1951 година? И, што е најважно, дали сè уште можете легално да купите „Оскар“?

oskar
Фото: Freepik

Академијата вовела правило за забрана за продажба на „Оскар“ во регулативите во 1950 година

Причината за забрана на продажбата е прилично едноставна. Во 1950 година, за да избегне наградата да го изгуби својот престиж, Академијата вовела правило за забрана за продажба. Пред да ја однесат наградата дома, примателите треба да потпишат договор со кој се обврзуваат да ѝ ги понудат своите трофеи назад на Академијата за сума од 1 долар пред да се обидат да ги продадат или да ги отстранат на друг начин. Истото важи и за наследниците и назначените добитници на „Оскар“.

Сепак, правилото важи само за „Оскарите“ што се доделуваа од 1951 година наваму: многу награди пред 1951 година биле купени и продадени легално. Познат случај е оној на Харолд Расел, единствениот актер кој некогаш освоил два „Оскари“ на иста церемонија за иста улога. Во 1992 година Расел го продал трофејот за најдобар актер во споредна улога што го освоил во 1947 година за неговата улога во филмот „Најдобрите години од нашиот живот“ за 60.500 долари. Приказната вели дека му биле потребни пари за да ги плати медицинските трошоци на неговата сопруга. По неговата смрт, во 2002 година, било откриено дека купувачот бил продуцентот Лу Васерман, кој ѝ ја вратил статуетката на Академијата.

Дали сè уште се продаваат „Оскари“ од пред 1950 година?

Модерната трговија со „Оскар“ почнала во 1993 година, кога наградата за најдобра женска улога на Вивиен Ли во 1939 година за „Однесено со виорот“ излегла на продажба за 563.000 долари. Во 1999 година Мајкл Џексон го купил „Оскарот“ за најдобар филм за 1,54 милион долари. Статуетката исчезнала во 2016 година.

Експертот за оценување Каролин Ешли проценува дека околу 150 „Оскари“ биле пуштени на пазарот отворено или тајно низ годините. Во 2012 година колекција од 12 „Оскари“ од златната ера му беа продадени за 3 милиони долари на таен купувач. Трговијата трае и денес: во јули 2022 година „Херитеџ окшнс“ го продаде „Оскарот“ за најдобра кинематографија што го освои Клајд де Вина за филмот „Бели сенки во јужни мориња“ од 1928 година за 228.000 долари.

Извор: Collider.com
Фото: Instagram
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот