Лондонската полиција ќе почне да користи беспилотно летало со цел да ги улови опасните возачи.
Беспилотното летало ќе биде наменето за возачите што го загрозуваат сообраќајот, возат опасно, учествуваат во трки и потенцијално може да ги стават во ризик другите.
Добротворната организација наречена „Брејк“ го поздрави потегот за користење на оваа технологија за да се спречи себичното и опасно однесување на патиштата.
Фото: MET Police/PA
Беспилотното летало ќе се користи меѓу 22 и 26 јули. Од полицијата велат дека уредот е специјално наменет за справување со опасни возачи наместо да се насочат на сите возачи што брзо возат.
- Можеме да потврдиме дека полицискиот дрон се користи за поддршка на командата за патишта и сообраќајни полициски сили, како дел од акцијата за намалување на смртните случаи и повредите на патиштата во Лондон - изјави портпаролот на полицијата.
- Дронот се користи за да поддржи собирање на разузнавачки информации и докази - додаде портпаролот.
„Вижн Зиро“ е неделна акција - дел од иницијативата на градоначалникот на
Лондон, Садик Кан, чија цел е да ги елиминира сите смртни случаи на патиштата во главниот град до 2041 година.
- Работиме со полицијата во борбата против опасното и антисоцијално возење што може да има катастрофални последици и да ги уништи локалните заедници - рече Сиван Хајвард, директор на политиките во „Транспорт за Лондон“, орган на локалната самоуправа одговорен за транспортниот систем во Лондон.