X
 26.09.2022 Живот

Нов Јужен Велс сака да им забрани на момчињата помлади од 21 година да возат

Неколку експерти за безбедност на патиштата во австралиската сојузна држава Нов Јужен Велс тврдат дека на младите треба да им се забрани да добиваат возачка дозвола додека не наполнат 21 година, но само на припадниците на посилниот пол. Предлогот е испратен до владата на Нов Јужен Велс, а во него се вели дека треба да се направи повеќе за да се намали бројот на жртвите на патиштата и тоа преку поголем фокус на младите возачи, особено на момчињата.

Претседателката на Австралиското здружение за безбедност на патиштата, Ен Вилијамсон, истакнува дека според статистиките, возачите помлади од 25 години во Нов Јужен Велс се вклучени во речиси 25 отсто од судирите и покрај тоа што сочинуваат само 15 отсто од возачите во државата. Таа вели дека треба да се направи повеќе за да се намали бројот на сообраќајните несреќи со поставување дополнителни ограничувања за младите возачи.

- Во првите шест месеци по полагањето младите се многу несигурни. Не е дека властите и носителите на одлуки не се свесни за тоа дека откако ќе го положат возачкиот испит и ќе излезат на улица, сѐ уште има несигурност зад воланот. Несомнено, некои млади возачи почетници се подобри и поодговорни од другите, но тие другите можеме да ги идентификуваме како поризични и да го ограничиме нивното влегување во сообраќај. Младите мажи можеби треба да имаат 21 или 22 години пред да ја добијат возачката. Знам дека ова ќе предизвика контроверзии, но тоа се нешта за кои треба да се разговара - истакна Вилијамсон.

Иако нема знаци дека Владата на Нов Јужен Велс сериозно размислува за толку значајна промена во нејзиниот систем за добивање возачка дозвола, премиерот Доминик Пероте побара совет за ограничување на бројот на патници во автомобил со младите возачи додека сѐ уште возат со специфични регистарски ознаки за возачи-почетници.

Извор: Jutarnji
Насловна фотографија: Unsplash
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот