Една од теориите на заговор што се поврзуваат со Ковид-19 е појавувањето на коронавирусот. Поточно, многумина веруваат дека коронавирусот бил создаден во лабораторија. Многу научници што го истражувале коронавирусот се согласуваат дека тој еволуирал природно и преминал на луѓето од животински вид, најверојатно од лилјак. Но, како знаеме дека коронавирусот има животинско потекло?
Одговорот лежи во генскиот материјал и еволуциската историја на вирусот. Се проценува дека околу 60% од сите заразни болести и 75% од новите болести што ги зафаќаат луѓето имаат животинско потекло.
Коронавирусот САРС-Ков-2 е најновиот од седум
коронавируси што се најдени кај луѓето, а сите тие потекнуваат од животни - лилјаци, глувци или доместицирани видови. Вирусите што ја предизвикуваат еболата, како и видови грип и други болести потекнуваат од лилјаци.
Фото: Pixabay
Геномот на САРС-Ков-2 бил составен и споделен јавно илјадници пати од страна на научници низ целиот свет. Доколку вирусот бил направен во лабораторија, ќе се препознаеле знаци на манипулација во податоците во геномот. Меѓу другото, научниците би забележале постојна секвенца на вирус во основата на новиот коронавирус и додадени или избришани генски елементи. Но, не постои доказ за вакво откритие во геномот на коронавирусот. Веројатноста да не се остави никаква генска трага во можната модификација на геномот е многу мала.
Геномот на САРС-Ков-2 е сличен на оние на другите коронавируси што се пренеле од лилјак на човек, како и на оние што се пренеле од панголините. Разликите помеѓу геномите на овие коронавируси покажуваат природни шеми кои се типични за еволуција на коронавирусот, а со ова се покажува дека САРС-Ков-2 еволуирал од претходни диви коронавируси.
Една од клучните карактеристики што го прават САРС-Ков-2 различен од другите коронавируси е специфичен протеин кој лесно се сврзува со друг протеин надвор од човековите клетки, со што се овозможува заразување на разни клетки кај човекот. Други коронавируси имаат слични карактеристики, со што се докажува дека најновиот природно еволуирал од друг коронавирус.
Фото: Pixabay
Вирусите постојано еволуираат за да се приспособат на имунолошкиот систем на лилјаците, додека лилјаците постојано еволуираат за да се борат со заразите од коронавирусите. Затоа, еден вирус може да еволуира повеќепати. Поголемиот дел од овие варијанти ќе бидат уништени од имунолошкиот систем на лилјакот, но некои ќе преживеат и ќе се пренесат на други лилјаци.
Некои научници тврдат дека САРС-КоВ-2 потекнува од друг вирус кај лилјаците, РаТГ13, бидејќи геномите на двата вируса се речиси идентични, односно имаат сличност од 96%. Сепак, од еволуциски аспект, ова значи дека тие се значително различни, но било покажано дека двата вируси имаат ист предок. Тоа покажува дека вирусот РаТГ13 не е предок на САРС-КоВ-2.
Впрочем, новиот коронавирус веројатно еволуирал од варијанта на вирус која не можела да преживее долг период кај лилјаците и еволуирала за да може да ги заразува човечките клетки. Вирусот бил пренесен на човекот преку животно што било заразено со него.
Можно е првична форма од вирусот да се пренела директно кај луѓето и потоа да еволуирала за да стане штетна. Од појавувањето на пандемијата, се претпоставува дека вирусот САРС-КоВ-2 еволуирал во две различни гранки и се адаптирал за полесно да ги заразува човечките клетки. Ова се случило со природен процес со кој се намалуваат генските варијации помеѓу посебните вирусни геноми, а тоа може да покажува дека предокот на вирусот можеби циркулирал помеѓу лилјаците подолг период пред да мутира и да може да се пренесува на другите животни и луѓето.
Фото: Pixabay
Треба да се запомни дека околу еден во пет од сите видови цицачи на Земјата е лилјак, со тоа што некои од нив се наоѓаат на одредени локации, а други мигрираат. Овие разлики ја отежнуваат идентификацијата на точната група лилјаци од кои се пренел коронавирусот.
Постојат докази дека првите случаи на Ковид-19 се појавиле во близина на Вухан, Кина, но нема дефинитивен показател дека тој се пренел преку пазарите за животни во градот. Веројатно е дека заразени лица случајно го донеле вирусот во градот, а пазарот на животни можеби ги зголемил шансите за брзо ширење на вирусот.
Можно е вирусот да бил пренесен од еден од научниците што работеле на истражувања поврзани со коронавируси кај лилјаци во Вухан. Сепак, дури и ова е природно пренесување на вирусот, не лабораториско дело.
Конечно, потребно е големо истражување на природниот свет за да се разбере природата на болестите како Ковид-19 бидејќи САРС-КоВ-2 не е првиот вирус што се пренел на луѓето од животните и дефинитивно нема да биде последен.
Автор: Поли Хејс
Извор:
theconversation.com