X
 29.04.2020 Образование

Канада ќе им дава по 1.250 долари месечно на студентите додека трае пандемијата

Канадските студенти што се погодени од пандемијата на коронавирусот ќе добиваат по 1.250 канадски долари месечно од страна на владата. Студентите со посебни потреби ќе добиваат по 1.750 долари во периодот од мај до август.

Канадскиот премиер Џастин Трудо минатата недела изјави дека секој студент што заработува помалку од 1.000 долари месечно ќе ја добие финансиската помош.


Фото: Pixabay

- Поради Ковид-19, нема многу достапни работни места за студентите, а без работа може да биде тешко да се плати за школарина или да се живее - изјавил Трудо.

За финансиската помош ќе може да се пријават и студенти што сега го завршуваат средното образование или оние што го ставиле факултетот во мирување, па дури и студенти што студираат надвор од земјата, но само доколку се во Канада во текот на летото. Парламентот треба да ја одобри уредбата пред да почне процесот за аплицирање.


Фото: Pixabay

Трудо објавил и други мерки за студентите, кои ќе ја чинат државата речиси 9 милијарди долари. Меѓу другото, владата ќе покрие дел од школарината на студентите што ќе волонтираат да им помогнат на луѓето во својата заедница за време на пандемијата, а ќе се реализира и програма за привремено вработување и тренинзи за студентите.

Извор: thechronicleherald.ca 
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование