X
 16.07.2020 Наука

Лекари одржуваат во живот човечки бели дробови прикачени на живи свињи

Белите дробови за трансплантација можат да преживеат само кратко време надвор од човечкото тело. Всушност, само околу една четвртина ги исполнуваат критериумите за трансплантација, според Американската асоцијација за бели дробови.

Затоа истражувачи од Универзитетот „Колумбија“ во Њујорк одлучиле да побараат алтернатива, продолжувајќи го животот на човечките бели дробови што треба да се трансплантираат така што ги прикачуваат на живи свињи, како што е наведено во нов труд објавен во „Нејчр медисин“.

Процедурата би можела да овозможи закрепнување на оштетените бели дробови наменети за трансплантација за само 24 часа.

Истражувањето би можело еден ден да им овозможи на пациентите да дејствуваат како сопствени сурогати, лекувајќи ги трансплантираните бели дробови наменети за нивните тела преку катетер во вратот.

Сега здравствените работници се обидуваат да закрепнат оштетени бели дробови со користење комплицирана машинерија наречена EVLP (ex vivo lung perfusion), која пумпа воздух и течности преку белите дробови - но само со ограничен успех.

За да ја подобрат оваа идеја, истражувачи од универзитетот се запрашале дали прикачување на оштетени бели дробови на живи свињи би можело да помогне во отстранувањето на токсините и во додавањето хранливи материи.

Фото: Futurism

Во експериментот тимот поврзал неколку човечки бели дробови од пациенти со мозочна смрт за циркулаторните системи на свињи под анестезија и ги оставил 24 часа.

Преку пумпање воздух во белите дробови во пластични кутии и додавање имуносупресивни лекови кои давале сигурност дека имунолошките системи нема да ги отфрлат туѓите бели дробови, тимот утврдил дека капацитетот за пренесување кислород на белите дробови значително се подобрил. Дури и бел дроб кој минал 48 часа надвор од телото закрепнал.

Оваа техника може да значи револуција во медицината. Експертите велат дека ако може да се најде начин за одржување на органите во здрава состојба надвор од телото еден или повеќе денови, тогаш многу работи ќе се сменат во трансплантацијата.

- Може да лекувате повредени органи надвор од телото додека не почнат да работат добро - вели Роберт Бартлет, хирург, кој не бил вклучен во студијата.

Пред имплантација на резултирачките бели дробови во луѓето, тимот сака да го повтори експериментот со повеќе бели дробови бидејќи процедурата носи и многу ризици. На пример, белите крвни зрнца кои од свињата преминале во белите дробови може да предизвикаат опасни имунолошки реакции кај луѓето.

Научниците се надеваат дека експериментот ќе помогне во зголемувањето на бројот на достапни бели дробови за трансплантација.

За среќа, во експериментите не била повредена ниедна свиња. Според истражувачите, животните завршиле без долготрајни ефекти.

Извор: Futurism
Насловна фотографија: Pixabay
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука