X
 25.01.2018 Култура

Русија ја забрани комедијата за смртта на Сталин


Постер од Сталин и развиорени знамиња во црно-бело
(Фото: Twitter)


Руското министерство за култура, два дена пред закажаната премиера на британската комедија за смртта на некогашниот советски лидер Јосиф Висарионович Сталин од режисерот Армандо Јанучи, ја забрани за прикажување.

Министерството соопшти дека ја повлекува претходно издадената дозвола за прикажување на филмот „Смртта на Сталин“ (The Death of Stalin) во руските кина, кое беше закажано за денес.

Одлуката е донесена откако приватната претпремиера предизвикала гнев кај владините функционери, пренесуваат медиумите.

Медиумите напоменуваат дека руското министерство било под притисок на комунистичките пратеници и конзервативните јавни лица кои го осудија филмот како „исмевање со руската историја“.

Најновиот филм на прославениот сценарист и режисер на телевизиската серија „Потпретседателка“ и филмот „Во банана“, комбинира комедија, драма и политички интриги.

Филмот е базиран на стрип-албумот на Фабиен Нури, ги прикажува грозоморните политички маневри во Кремљ непосредно по смртта на советскиот диктатор Сталин во 1953 година.

Во деновите по конечниот пад на Сталин, неговите министри почнуваат да се тепаат за контрола. Некои сакаат позитивни промени во Советскиот Сојуз, додека други имаат помрачни мотиви. Меѓутоа, сите споделуваат еден заеднички мотив – очајнички сакаат да преживеат.

Филмот собра извонредна актерска екипа во која, меѓу другите, се Стив Бушеми во улогата на Никита Хрушчов, Мајкл Пелин како Молотов и Џејсон Ајзакс како генерал Жуков.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура