X
 06.12.2017 Живот

Нови правила за странците во Австрија, вклучувајќи ги и Македонците

австрија

Два месеци откако стапи во сила, Законот за странци предизвика нови правни колебања и бројни проблеми кај граѓаните кои доаѓаат од поранешните југословенски територии а живеат, работаат или студираат во Австрија, порачаа од  Здружението на граѓани „Привилег“ од Виена.

Законот за интеграција и Законот за вработување на странски државјани, освен што пропишуваат нови обврски, построги контроли и повисоки казни, овозможуваат и бројни бенефиции, особено кај процедурите кои се опфатени со законите,  за многумина од 500.000 луѓе од Македонија, Србија, Босна и Херцеговина и Црна Гора, со право на престој во Австрија.

„Најголемиот број барања кои стигнуваат на адреса на Здружението се однесуваат на недоволно јасните критериуми за спојувања на семејствата, стекнување право на траен престој и државјанство, работни дозволи, полагање на курсеви по германски јазик, познавање на основните општествени вредности и правно-општествениот поредок во Австрија“, наведува претседателот на здружението, Зоран Калабиќ.

Тој истакнува дека повторно се потврдува дека непознавањето на јазици на адекватно ниво и недоволната упатеност во спецификите на австриското право е  главна препрека за луѓето од овие простори побрзо да се интегрираат во ова општество и да избегнат наново да станат жртви на разни измамници.

Заради тие причини, „Привилег“ организира бројни семинари наменети за членовите на здружението и за студентите. Семинарите ги водат угледни професори , доктори на науки, адвокати, даночни советници, нотари, банкари, успешни бизнисмени и одликувани полицајци од редовите на Управниот одбор, но и  неколку австриски адвокатски канцеларии , даночни и осигурителни куќи, компании за финансирање на судски процеси и слично.

Врвниот виенски адвокат доктор Томас Кениг одржа таков семинар во просториите на здружението со цел на овие луѓе да им се проближи австриското право и да им се разјаснат сите дилеми.

„Промените во постоечкиот Закон за странци воглавно се направени за да се санкционираат сите кои илегално престојуваат во нашата држава или немаат соодветни визи, или го надминале дозволениот престој во Австрија. Така луѓето кои доаѓаат од земји кои не се членки на ЕУ, законот пропишува дека имаат право да се задржат на територијата на Австрија до 90 дена годишно. Во случај кога е пречекорен тој услов, можат да очекуваат сериозни последици како депортација или забрана за влез во земјата“, објасни доктор Кениг.

Тој наведе дека новите одредби во Законот за странци немаат преголем ефект врз балканските народи, но секако дека се менуваат  поединечни визни и други (пред)услови за престој, како и временските рамки за студентите кои имаат намера да останат по студирањето во земјата и да побараат вработување.

 Здружението „Привилег“ нуди бесплатна правна, финансиска и советодавна помош на мајчин јазик во областите банкарство, адвокатура, осигурување, регулација на визи, игри на среќа и повраток на изгубени средства и домување – со посебен акцент на зачестената појава со која се соочуваат странците во Австрија , а тоа е претплата за изнајмување на стан во стари градби – заради што се прегледуваат договорите и се препорачува адвокатски тим  и фирми кои би ги финансирале судските процеси , со цел на обесправените граѓани да им се вратат изгубените средства.

Членството во здружението е бесплатно, а членовите можат да сметаат и на посебни поволности и попусти кај партнерските фирми и спонзори.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот