X
 23.12.2024 Живот

Случајот на Жизел Пелико: Од љубов на прв поглед до злосторство што го шокира светот

Французинката Жизел Пелико во четвртокот за последен пат излезе од судницата во Авињон откако нејзиниот поранешен сопруг беше осуден на 20 години затвор затоа што ја дрогирал и силувал, но и повикал десетици непознати мажи исто така да ја злоупотребат во текот на речиси една деценија.

Поранешниот сопруг на Жизел, Доминик Пелико, беше прогласен за виновен по сите точки од обвинението. Му се судеше заедно со уште 50 мажи, кои беа прогласени за виновни по најмалку една точка од обвинението, иако нивните затворски казни беа помали од оние што ги бараа обвинителите.

Приказната на Жизел дефинитивно ќе влезе во историјата како една од најпотресните, а таа ќе остане запаметена како една од најхрабрите жени.

Во продолжение е приказната која Би-би-си ја пренесе за неа, а може да биде многу потресна поради описите на сексуалното злоупотребување.

Било ноември 2011 година, а Жизел премногу спиела. Најголемиот дел од викендите ги поминувала спиејќи. Тоа ѝ пречело затоа што за време на работната недела напорно работела и слободното време ѝ било драгоцено. Сепак, изгледало како да не успева да остане будна, често заспивајќи без да биде свесна и будејќи се часови подоцна, без да се сеќава дека отишла в кревет.

Покрај тоа, 58-годишната Жизел била среќна затоа што 38 години го има сопругот Доминик покрај себе. Сега кога нивните три деца, Каролин, Давид и Флоријан, се возрасни, брачниот пар планирал да се пензионира и да се пресели во Мазан, село со 6.000 жители во француската идилична јужна област Прованса. Пелико таму можел да вози велосипед, а таа да шета со кучето.

Го сакала Доминик откако се запознале во раните 70-ти години.

- Кога го погледнав момчето во син џемпер, тоа беше љубов на прв поглед - се присетила Жизел многу подоцна.

Двајцата имале комплицирано фамилијарно минато, обележано со губитоци и трауми, така што заедно си пронашле мир. Сепак, во текот на четирите децении заеднички живот имало и стресови - чести финансиски проблеми, како и нејзината афера со колега кон средината на 80-тите, но успеале да се изборат со сè.

Многу години подоцна, кога адвокатот бара од неа да ја сумира нивната врска, таа вели: „Нашите пријатели велеа дека сме совршен пар, а јас мислев дека цел живот ќе го проживееме заедно“.

Во тој момент Жизел и Доминик седеле на спротивните страни во судницата во Авињон. Таа опкружена од децата и адвокатите, а тој облечен во сина затворска униформа. Го чека максимална затворска казна за тежок случај на силување, а многу брзо во Франција и надвор од нејзините граници стана познат како, според зборовите на неговата ќерка, еден од најлошите сексуални предатори во последните 20 години.

Но таа 2011 година, кога Жизел сметала дека премногу спие, не можела ни да насети дека сè ќе заврши така. Немала поим дека нејзиниот возрасен сопруг минува многу време на интернет, често разговарајќи со корисници на отворени форуми каде што сексуалниот материјал - често екстремен и илегален - е слободно достапен.

Тој во судницата подоцна ќе изјави дека предизвикувач на неговата „перверзија“ биле траумите од детството од силувања и злоупотреби.

Некаде помеѓу 2010 и 2011 година човек кој тврдел дека е болничар му испратил на Пелико фотографии од неговата сопруга, издрогирана со апчиња за спиење и во бесвесна состојба. Тој му пратил на Пелико и прецизни упатства како истото да ѝ го направи на Жизел. Тој на почетокот се двоумел, но не долго. Преку обиди и грешки, сфатил дека со вистинската доза може кај жена му да предизвика толку длабок сон, што ништо не би ја разбудило. Апчињата му биле законски препишани од лекар кој мислел дека Пелико пати од анксиозност поради финансиски проблеми.

Потоа тој можел да ја облекува во долна облека што одбивала да ја носи или да ја изложува на сексуални чинови на кои свесна никогаш не би се согласила. На почетокот бил единствениот што ја силувал. Во времето кога парот во 2014 година се преселил во Мазно, тој ја проширил операцијата.

Средствата за смирување ги чувал во кутија за чевли во гаражата. Ги менувал лековите затоа што првиот бил премногу солен за да може незабележливо да го додава во храната и пијалаците на жена му, раскажал подоцна.

Во чет-рум регрутирал мажи од сите возрасти да одат кај нив и да ја злоупотребуваат неговата сопруга, а тој снимал. На суд раскажал дека бесвесната состојба била очигледна за 71 маж што биле во нивната куќа во текот на една деценија.

Како што поминувале годините, последиците од злоупотребувањето на кое била изложена Жизел сè повеќе почнале да се одразуваат на нејзиниот дневен живот. Ослабела, почнала да ѝ паѓа косата, а нејзината бесвесност станувала сè почеста. Станала анксиозна, сигурна дека е блиску до смртта. Нејзината фамилија се загрижила.

Еднаш забележала дека пивото што ѝ го дал сопругот е зелено и го истурила. Потоа забележала дамка од избелувач на нови панталони што не се сеќава дека ја направила. Дури и го прашала да не ја дрогира, тој ја прашал како може да го обвини за такво нешто.

Сепак, поголемиот дел од времето била среќна што тој е тука додека таа се бори со здравствени проблеми. Почнала да има гинеколошки проблеми и направила неколку невролошки тестови за да се утврди дали пати од Алцхајмерова болест или мозочен тумор, како што стравувала, но резултатите не ги објасниле заморот и бесвесната состојба.

Неколку години подоцна, на судењето, братот на Доминик, Жоел, кој е лекар, на прашањето како е можно здравствените работници никогаш да не сфатат дека Жизел е жртва на малку познат феномен на хемиска потчинетост - силување со помош на дрога, одговорил: „Во медицината ние го наоѓаме само она што го бараме, а го бараме она што го знаеме“.

Жизел се чувствувала добро само кога не била во Мазан, што е невообичаеност која едвај ја забележала. По враќање од едно од нејзините патувања, во септември 2020 година, Доминик ѝ кажал дека „бил фатен како снима под сукња на жена во супермаркет“, а таа изненадена од невообичаено непримерното однесување на сопругот, му рекла дека му простува, но побарала од него да побара помош. Тој се согласил и останало на тоа, раскажала Жизел. Но, Доминик сигурно знаел дека се ближи крајот.

Набрзо откако бил уапсен во супермаркетот, полицијата ги запленила неговите два телефона и лаптопот, каде што имало повеќе од 20.000 снимки и фотографии од силувањето на неговата сопруга.

-Со часови ги гледав тие снимки. Беше многу вознемирувачко. Секако дека остави трага врз мене - рече на судењето директорот на истрагата, Жереми Бос Платије.

Биле идентификувани 54 лица, додека 21 останале без име. Некои од мажите што останале неидентификувани во разговорите со Доминик рекле дека и тие ги дрогираат нивните партнерки.

- Тоа е најболниот аспект на овој случај - што знаеме дека таму некаде има жени кои сè уште се жртви на нивните мажи - вели Бос Платије.

На втори ноември 2020 година, Доминик и Жизел појадувале заедно пред да одат во полициската станица, каде што Пелико бил повикан во врска со инцидентот во супермаркетот. Жизел рекла дека нејзиниот сопруг е сјаен тип, добар човек и негирала дека некогаш учествувала во свингерство со него. Откако ѝ било покажано она што било најдено во лаптопот, таа била испратена дома во состојба на шок.

Морала и на децата да им каже што се случило. Присетувајќи се на тој момент, Жизел изјави дека криците на нејзината ќерка засекогаш ќе ѝ останат врежани во мозокот. Децата ја исчистиле целата куќа. Давид, најстариот, вели дека веќе немаат фамилијарни фотографии. Се ослободиле од сè што било поврзано со татко им. Во рок од неколку дена животот на Жизел бил сведен на еден куфер и кучето.

Во меѓувреме, Доминик ги признал злосторствата и бил официјално уапсен. Ѝ се заблагодарил на полицијата што „го ослободила од неговиот товар“. Тој и Жизел не се сретнале до септември 2024 година, кога се најдоа во судница. Тогаш веќе приказната за мажот што ја дрогирал сопругата десет години и викал непознати лица да ја силуваат почна да се шири во светот, помогната од необичната одлука на Жизел да се откаже од правата на анонимност и да го отвори судењето за јавноста и медиумите.

- Сакам секоја жена што ќе се разбуди едно утро без да се сеќава на претходната ноќ да запамети сè што реков - изјави таа.

Жизел сега си го врати моминското презиме, се пресели далеку од Мазан, оди на психијатар, но не пие лекови затоа што не сака веќе никогаш во себе да внесе некаква супстанција. Сè уште оди на долги прошетки, но веќе не е уморна.

Во раните денови од судењето, сопругот на Каролин, Пјер, излезе да сведочи. Адвокатот од одбраната го прашал за годините во Мазан, додека Жизел патела од губење на меморијата, а нејзиниот сопруг ја придружувал на нејзините неуспешни медицински прегледи. Прашал како е можно фамилијата да не сфати што се случувало.

- Заборавате едно нешто. Не можете да го замислите незамисливото - одговорил тој.

Извор: BBC
Фото: YouTube (screenshot)
Подготвил: Билјана Спиркоска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот