Загадувањето на воздухот е сериозен проблем што влијае врз многу градови низ светот, а за луѓето што живеат на места со слаб квалитет на воздухот животот може да биде прилично неподнослив.
Загадувањето на воздухот предизвикува над 8 милиони смртни случаи секоја година, покажуваат податоците на Светската здравствена организација. За да помогнат во борбата против загадувањето на воздухот, научници создадоа вештачко дрво што го претвора загадениот воздух во чист кислород и се чини дека ова е најдоброто решение што би можеле да го имаме во битката со загадувањето.
Мотивирани од критичната состојба со загадувањето на воздухот во Мексико Сити, инженери, истражувачи и биолози ги здружиле силите за да создадат вештачко, роботско дрво специјално дизајнирано за подобрување на квалитетот на воздухот. Токму овој изум му помогнал на „Биомитех“ да ја освои наградата за најдобра иновација на изложбата за загадување во 2018 година во Бирмингем и веќе се чини дека е одлично решение за проблемот со загадувањето на воздухот.
Фото: Biomitech/Twitter
Роботското дрво за прочистување на воздухот наречено „Биоурбан“ користи систем за филтрирање од микроалги за да го апсорбира загадениот воздух и да произведува чист и свеж. Инспириран од самата есенција на природата, „Биоурбан“ е основан по принципот на фотосинтеза, вдишувајќи ги загадувачките соединенија како јаглерод моноксид и азотни оксиди и издишувајќи чист кислород.
Ова роботско дрво е способно за годишен воздушен капацитет од 13.140.000 кубни метри. Дрвото го филтрира загадениот воздух со ефикасност од 99,7 отсто, а едно вештачко дрво ослободува чист кислород еквивалентен на 368 млади дрвја, односно „Биоурбан“ обезбедува доволно чист кислород за 2.850 луѓе на дневна основа.
Фото: Biomitech/Twitter
Со оглед на тоа што густо населените градови очајно се борат со загадувањето на воздухот, а на природните дрвја им е потребно подолго време да пораснат, ова решение се чини најефикасно и најбрзо.
Покрај тоа, овие дрвја имаат нула негативно влијание бидејќи не произведуваат никаков отпад и користат алги што веќе постојат во природата.
Според компанијата
„Биомитех“, дрвото не ги заменува вистинските дрвја, туку ги надополнува и им помага во филтрирањето. Во Мексико веќе се инсталирани метални дрвја со висина од 4 метри, а истото е направено и во Колумбија и Панама.